Иако граѓаните се повеќе еколошки свесни, а јавните институции ги препознаваат еколошките прашања како актуелни, проблемите од животната средина не се решаваат стратешки. Додека граѓаните критикуваат и дискутираат главно на социјалните мрежи, институциите не носат ефикасни решенија за подобрување на животната средина и не се транспарентни во креирањето и спроведувањето на политиките.

Затоа, Институтот за комуникациски студии ја започнува кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“. Со кампањата ќе се зголеми притисокот кон властите за поефикасно решавање на проблемите од животната средина и истовремено ќе се поттикне и насочи граѓанскиот активизам кон државните и локалните институции.

Преку различни активности, ќе се изложат проблемите со кои се соочуваме како заедница, ќе се насочат прашањата кон соодветните институции и ќе се провоцираат решенија за подобар квалитет на живеење.

„Сите заслужуваме да живееме во здрава животна средина. Но, за да го имаме тоа, треба да зборувамеи да бидеме слушнати. „Не игнорирај! Реагирај!“ е платформа за секој засегнат поединец, не обединува сите нас, за нашиот глас да се чуе. Ги охрабруваме сите кои се загрижени за животната средина да ни се приклучат на кампањата, да го кренат својот глас и да преземат акција за подобрување на условите во кои живееме. На јавните институции им порачуваме дека е време за промена. Имаат овластувањa да работат во насока на решавање на проблемите што не засегаат сите и немаат оправдувања“, вели Дејан Андонов, координатор на кампањата.

Професорката по урбанизам Дивна Пенчиќ, која е дел од експертската група вклучена во кампањата,смета дека урбанистичкото планирање во државата е проблематично, имајќи ја предвид сегашната хаотична состојба во градовите.

„Градовите повеќе не можат да се развивават како досега. Тие се загушени, загадени, постојано имаме проблеми да ги извршуваме скојдневните потреби во градот. Ако продолжиме со овој начин на планирање на градовите нема да стигнеме никаде. Тоа планирање досега беше автоцентрично е  постојано форсира раст. Денешните градови не можат да го извршат овој притисок. Она што е неопходно да се направи е да се применат  глобалните цели за одржлив развој донесени во ОН за креирање на безбедни градови, одржливи градови, градови за луѓе, со поинакви сообраќајни решенија и со вклучување на граѓаните во она што значи градска политики “ кажа  професорката по урбанизам Дивна Пенчиќ од Архитектонскиот факултет.

Експертот од областа на аерозагадувањето, Дејан Мираковски рече дека градовите се претворени во хомогена смеса од многу комплексни загадувачи, се кршат основните правила на однесување, па има загадување и кога нема многу сообраќај на улиците.„Состојбата не се подобрува поради немањето соодветна инфраструктура. Ние единствени во светот градиме во урбани густо населени зони, објектите што се градат се многу блиску до сообраќајниците, има високо ниво на буџава, а не се предвидени никакви мерки за заштита во фаза на градба и рушење на објекти. Имаме греење на биомаса и фосилни горива, што треба да биде ретко во такви урбани зони. Имаме пренаселеност не само во Скопје, туку и во други градови, рече Мираковски.

Во дебатата учествуваше и експертот за енергетски менаџмент Ана М.Лазаревска која  рече дека „за жал енергетиката која е носител на секое општество, е еден од најголемите загадувачи на животната средина“. Според неа, би било посоодветно да користиме поголема диверсификација на енергетските ресурси, а тоа се однесува и на материјалните ресурси.

„Еден од проблемите што можеби е решение е моменталното користење на обновливите извори кое е во многу мал процент, односно помалку од 2 процени рече Лазаревска.Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ се реализира во рамки на проектот „Поддршка за добро владење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите“,  е финансиран од Британската амбасада.

Со овој прилог НОВА ТВ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.