1472661424 SmokeFreeImages

Голем е бројот на државни институции во државата кои користат мазут за затоплување. Иако не постои прецизна евиденција за тоа колку институции во моментот се на овој енергенс, податоците до кои дојде НОВА, покажуваат дека нивниот број е огромен.  Мазутот е продукт кој се добива со дестилација на нафтата и важи за голем загадувач воздухот и животната средина.

Вкупно 17 здравствени установи во државата користат мазут или тоа го прават комбинирано со нафта, говорат податоците кои ги добивме од Министерството за здравство.

На ваков начин се греат општите болници во 15 градови, двете Клинички болници во Битола и Тетово, Психијатриските болници во Скопје, Демир Хисар и Негорци, Специјалната и болница за белодробни заболувања во Јасеново, Специјалната болница за ортопедија Св. Еразмо во Охрид, како и Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ во Ѓорче Петров. Очигледно, здравствените установи каде што лекуваат, всушност предизвикуваат тешки последици по здравјето на луѓето.

tabela 9 200x300

Јавни здравствени установи кои користат мазут

Болницата за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир и густиот црн чад кој излегува од нејзиниот оџак, во февруари годинава го вклучи алармот, а граѓаните вознемирени прашаа- Каков е тој црн чад што смрди и го загадува воздухот и тоа таму каде што се раѓа нов живот? На што се затоплува родилиштето.

Одговорот на раководството беше дека болницата се грее на мазут. По ова, токму оваа болница е еден од приоритетите за што побрзо да премине на друг вид на греење и да го исфрли мазутот од употреба.

ginekologija 600x390 300x195

Специјалната болница за гинекологија„Мајка Тереза“ во Чаир

Од Министерството за здравство велат дека согласно приоритетите на Владата предвидено е постепено да се исфрла мазутот, односно нафтата за греење од јавните здравствени установи.

„Во моментот приоритет е ставен на Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир, како и на општите болници во Куманово и Струмица, поради тоа што кај нив е подготвена околната инфраструктура за гасификација. Проектите се готови, влезени се во планот за јавни набавки, по завршување на тендерската постапка и согласно законските рокови, се очекува веќе следната грејна сезона овие објекти да бидат подготвени да се греат на гас“, потврдија за НОВА, од Министерството за здравство.

Од  ресорното Министерството појаснија  дека во тек е подготовка на основни проекти за реконструкција на системот за греење и за други јавни здравствени установи, меѓу кои и клиничките и општите болници, со цел да се овозможи употреба на гас во што повеќе јавни здравствени установи.

min za zdravstvo 300x169

Министерство за здравство

И Министерството за одбрана е еден од поголемите потрушувачи на мазут. Од таму потврдија дека објектите во касарните на Армијата во Штип, Велес, Кичево, Тетово, Прилеп и Петровец се загреваат на мазут.

Во најголемата касарна во државата, касарната „Илинден“ во Скопје, како гориво за загревање на објектите се користи гас. Од Министерството за одбрана велат дека развиваат планови за постепена гасификација на објектите и касарните на Армијата, а првично се планира гасификација на касарните „Страшо Пинџур“ во Петровец и „Боро Менков“ во Куманово кои користат мазут.

„Касарната „Гоце Делчев“ во Скопје се загрева на градската мрежа, исто како и главната зграда на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата.  Дополнително,  се прават напори и за поголема енергетска ефикасност на објектите, а пример за тоа е целосната замена на прозорците на главната зграда на Министерството и Генералштабот, која е целосно завршена“, потенцираат во Министерството за одбрана.

mkd 377975 300x200

Греен систем на мазут имаат и Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“во Скопје, кој веќе потпиша договор со БЕГ за приклучување кон централната мрежа и Студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола кој користи комбинирано мазут и нафта.

Не е познато колкав е точниот број на училишта кои се греат на мазут бидејќи тие се во надлежност на Општините. Но, од информациите кои ги добивме од Државниот пазарен инспекторат, голем е бројот на училишта кои користат мазут и неквалитетно масло.

Од Министерството за образование велат дека Специјалните државни средни и основни училишта што се под нивна надлежност како што се ДУЦ за деца со оштетен вид „Димитар Влахов“, Посебното основно училиште „Иднина“ и други, не користат мазут.

Од Министерството за труд и социјална политика не добивме одговор кои градинки и институции кои се под нивна надлежност се греат на мазут.

IMG 20190205 155945 300x254

Јани Макрадули заменик министер за животна средина

Неодамна заменик министерот за животна средина Јани Макрадули најави дека заедно со Студентскиот дом Кузман Јосифовски -Питу“, во централната мрежата ќе се приклучи  и една градинка во Општина Центар.

За да ја надополниме листата на државни институции кои користат мазут, НОВА  се обрати и во компанијата „Балкан Енерџи“ ДООЕЛ(БЕГ) кои ги користат енергенсите природен гас и мазут. Но, од БЕГ одговорија дека не знаат кои државни институции користат мазут.

И во Регулаторната комисија за енергетика велат дека во рамките на своите надлежности за следење на функционирањето на енергетските пазари, не се можност да прибираат и обработуваат податоци за потрошувачката на нафтените деривати за конкретни правни субјекти, корисници на нафтени деривати. Сепак, Регулаторната комисија за енергетика е таа која што дава дозволи за увоз и трговија со мазут.

Министерството за животна средина е надлежно само за индустриските објекти

Мазутотот е енергенс кој важи за голем загадувач на животната средина.  Сепак, во Министерството за животна средина велат дека нивната надлежност е исклучиво за индустриските капацитети и тоа во делот на пропишување на гранични вредности на емисии од стационарни извори и издавање на интегрирани еколошки дозволи.

Според податоците на МЖСПП, од индустриските објекти кои имаат А Интегрирани дозволи, мазут користат Цементарница “УСЈЕ“АД Скопје и тоа комбинирано со петрол кокс, Скопски Легури ДООЕЛ увоз – извоз Скопје, „Макстил“АД Скопје и „Дуропак“ АД Скопје Гази Баба, во комбинација со гас.

Оние капацитети што согоруваат мазут / петрол кокс, нафта или друго фосилно гориво согласно дозволата имаат определено гранични вредности за испуштање на загадувачки материи, што значи дека мора да инсталираат филтри. Исполнувањето на обврските од дозволата го контролира Државниот инспекторат за животна средина, велат во Министерството за животна средина.

Според Катастарот за животна средина за 2015 година изработен од Технолаб во Скопје има 5 ложишта на индустриски капацитети кои користат мазут со снага под 1 MW.

„Овие анализи ги правиме со цел измена на Правилникот за гранични вредности за емисии од стационарни извори за ложишта под 1 MW. Доминантно гориво кај овие ложишта е нафтата, мазут согоруваат релативно мал број на инсталации. Во рамките на Владината програма за намалување на аерозагадувањето се предвидува замена на ложишта што согоруваат фосилни горива со еколошки ложишта.

На пример, ќе се финансираат инвертор клими, топлински пумпи, печки на плин, сончеви колектори со цел искористување на топла вода како топлотен медиум и слично. Пристап до субвенции ќе имаат Општините, а проектите што ќе се финансираат ќе вклучуваат јавни институции и домаќинства“, изјави за НОВА, Ана Петровска државен секретар во Министерството за животна средина.

ana petrovska 300x225Ана Петровска, државен секретар во Министерство за животна средина

Од друга страна, квалитетот за течните горива, вклучувајќи го и мазутот е во надлежност на Министерството за економија. Во Министерството за животна средина велат дека, за жал се уште не се пропишани параметрите за квалитет на цврсти горива кои исто така се во надлежност на Министерството за економија.

Согласно податоците од Државниот завод за статистика, во 2017 година, структурата на потрошувачката на мазут изразена во илјада тони изгледа вака:

tabela 1 300x187

Половина од  потрошувачката на мазут отпаѓа на индустријата, 32 проценти на термоцентралите, 8 проценти на земјоделието и 10 проценти за други сектори.

tabela 2 300x181

Во Министерството за економија велат дека државата се наоѓа во процес на гасификација, со развој на преносната и дистрибутивната мрежа и интерконекција со соседните земји. Придобивките од овој проект се од енергетски, економски и еколошки аспект.

-енергетски, значи зголемување на сигурноста на снабдување и зголемување на енергетската ефикасност,

-еконoмски,- со помали финансиски трошоци за искористената енергија како од страна на домаќинствата така и од бизнис заедницата, отворање на нови работни места и како и  ангажирање на градежната оператива за изградба на предметната инфраструктура и

-еколошки, што подразбира намалување на емисијата на штетни материи (CO2) и со тоа поголема заштита на животна средина, имајќи во предвид дека со воведувањето на природниот гас ќе се супституираат досега користените енергенси кои емитираат поголемо количество на штетни материи како мазутот, екстра-лесното масло и огревното дрво во процесот за греење.

ministerstvo za ekonomija 300x191

Министерство за економија

Од ресорното Министерство објаснуваат дека согласно светските научни студии термоцентралите кои како гориво користат природен гас емитираат 50-60% помалку јаглерод диоксид (CO2) во однос на термоцентралите кои како гориво користат јаглен. Кај возилата кои како гориво користат природен гас емитираат 15-20% помалку јаглерод диоксид (CO2) во однос на возилата кои како гориво користат бензин.

„На тој начин проектот има потенцијал, да обезбеди квалитетни, оптимални услови и комфор во работата на јавните установи од аспект на квалитетно загревање на објектите со добивање на топлинска енергија од систем кој користи енергенс кој е поекономичен, еколошки чист и заштедува финансиски средства, односно ги намалува трошоците во однос на постојниот начин на загревање и систем кој е одржлив на долг рок, а може да се користи и за ладење.

Исто така се обезбедува ефтин енергенс на комерцијалниот сектор со цел зголемување на конкурентноста, односно пониски производни цени за производите и услугите кои ги нудат на пазарот, подигање на нивото на условите за квалитетно одвивање на јавните дејности,  подигање на еколошките стандарди, подигање на еколошката свест, обезбедување на средства за нови инвестиции од заштедата и на тој начин да биде фактор за локален економски развој“, велат во Министерството за економија.

И заменик министерот за животна средина, Макрадули неодамна изјави дека намалувањето на користењето на мазутот е во планот за чист воздух.

„За жал, премногу пари државата троши за мазут и ова не е само еколошка акција, туку и заштеда на буџетот“, рече тогаш Макрадули.

Со тоа, стави до знаење дека токму постепеното исфрлање на употребата на мазутот и неговата употреба е приоритет во борбата против загадувањето на воздухот, но е и економски бенефит.

Поради енормното загадување на воздухот Владата препорача институциите да се откажуваат од користење на мазутот и сите кои имаат можност да се приклучат во мрежата на топлификација да го сторат тоа.

Од мај државна Мобилна лабораторија ќе го испитува квалитетот на мазутот

Иако мазутот е голем загадувач на воздухот, државата досега немала сопствена лабораторија за испитување на квалитетот на ова гориво. Досега испитувањата за квалитет се вршеле во лабораторијата на ОКТА, во „Макперол“ или на Косово.

Во Државниот пазарен инспекторат кој е надлежен во делот на контролата велат дека мазутот го контролираат само кога влезе во државата, односно кога ќе се направи увоз.

Во Инспекторатот објаснуваат дека на почетокот на мај очекуваат да биде конмплетирана новата Мобилна лабораторија која е набавена од страна на Бирото за метеорологија и Министерството за економија во вредност од 500 000 евра. Со оваа Мобилна лабораторија ќе се испитуваат хемиските вредности и физички константни на горивата меѓу кои и мазутот.

„Кога ќе ја добиеме лабораторијата, ќе имаме точна претстава дали сулфорот е над дозволените граници, каква е вискозноста на мазутот, дали има отстапувања. Тоа ќе се прави на граница и резултатите за квалитетот ќе се знаат за половина час, така што доколку има отстапувања на параметрите, мазутот веднаш ќе биде вратен назад, а не како досега да може да влезе во државата“, изјави за НОВА, Стојко Пауновски директор на Државниот пазарен инспекторат.

3898 StojkoPaunovski2212 300x223

Стојко Пауновски, директор на Државен пазарен инспекторат

Пауновски потврди дека имало ситуации кога се увезувал мазут со лош квалитет кој е штетен за околината.

„Отстапувања имаше во ФЕНИ и тие веќе не смеат да увезуваат од тој мазут со такви параметри. Увоз вршеше фирма од Кавадарци, мазутот  имаше повеќе отстапувања од квлитетот, односно вискозноста беше над дозволеното. Ние забранивме да увезуваат мазутот од тие производители со толку висок процент високозност, фирмата беше казнета, но мазутот веќе беше доставен“, изјави Пауновски, за НОВА.

Пауновски потенцира дека со надзорот ќе се подобри квалитетот на горивата и државата не само што ќе се приклучи кон стандардите на ЕУ, туку тоа ќе допринесе и да се намали нивото на загадување на воздухот.

Кој и како ги добивал тендерите, каков мазут се увезувал е посебна проблематика. Ќе се стави ли ред со увозот на мазут, каков ќе биде неговиот квалитет ќе се знае, за неколку месеци кога ќе започне со работа лабораторија. На државните институции им останува, тие што имаат можност да се приклучат на друг вид греење, се со цел да се намали загадувањето, а со тоа и штетите по здравјето на луѓето.