Согорувањето на медицинскиот отпад во Дрисла е голема закана, комуналните претпријатија го собираат отпадот главно во градовите со камиони и од контејнери кои се стари и оштетени, голем дел од отпадот се расфрла на диви депонии, а рециклирањето го вршат само приватни компании. Ова се проблемите со управувањето на отпадот во Македонија кои ги посочија студентите на Машинскиот факултет на јавната презентација која се одржа во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!".

Во Македонија годишно се создава околу 700 илјади тони отпад. Деведесет проценти од ѓубрето завршува на дивите депонии, за кои се проценува дека ги има околу илјада во целата држава и кои ги загадуваат водите, почвата и воздухот. Студентот на Машинскиот факултет Филип Тодоровски смета дека со изградба на предвидените регионални центри за управување со отпад може да се спречи создавањето на дивите депонии и да се зголеми соработката помеѓу соседните општини, чии комунални претпријатија ќе го собираат отпадот и во селата.

„Депонирањето на отпадот, пак, треба да биде подземно, во претходно оформени базени, за да се заштитат почвата, водите и атмосферата. На најголемата депонија во државата, Дрисла треба да се затворат сегашните и да се отворат нови депониски места, да може да се формира депониски гас и да се замени печката за согорување на медицинскиот отпад“, смета студентот Тодоровски.

Според студентката на Машинскиот факултет Емилија Дејаноска, инсенераторот во кој Дрисла сега го согорува медицинскиот отпад претставува голема закана заради несоодветни мерки за заштита на околината.

„Здравствените ефекти од емисиите на диоксин и фурани од печката за инсенерација, особено за време на пуштање и исклучување, или кадешто се бара бајпас на филтерот, продолжуваат да бидат проблем. Со нов инсенератор со поголем капацитет, загадувањето ќе се неутрализира бидејќи ќе се создава обновлива енергија базирана на биомаса, а остатокот од пепел, кој не е опасен цврст отпад, ќе може безбедно да се одложи на депонијата или да се рециклира. Дополнително, ќе се зголеми и капацитетот на депонијата бидејќи обемот на согорениот отпад е помал за околу 90 проценти“, наведува студентката Дејановска во нејзината презентација.

Таа додава и дека топлината која се ослободува при сегашното согорување на отпадот на Дрисла не се искористува и претставува огромна енергетска загуба. Според пресметките, околу 20 проценти од отпадот на Дрисла може да се согорува (130 тони/ден). Топлината од ова согорување би затоплила околу 9.000 домови, што е дури половина од домаќинствата во општината Аеродром или 6,5% од сите домаќинства во Скопје.

Проценките се дека во отпадот во државата, дури 38.000 тони се пластика, а над 40.000 тони се стакло – цврст отпад за кој се потребни векови да се распадне. Доколку се рециклираат, ќе се заштедат природните ресурси и ќе се намали побарувачка за енергија потребни во производствениот процес, а нема да се создава дополнителен отпад и нус производи.

„Од 13.963 тони пластика годишно на пазарот во Македонија, се рециклираат само 19% (2.657 тони). Со 1 тон рециклирана пластика (20.000 шишиња) се заштедуваат околу 2 тони нафта и 5.700 киловати енергија, што е еднакво на потрошена енергија од две лица за време од една година и количина на вода што би ја користело едно лице за време од два месеци“, објасни студентката на Машинскиот факултет Јована Лозановска.

„Во Македонија не постои производител на стакло. Шишиња за вино, пиво и безалкохолни пијалаци, тегли за прехранбена индустрија и друга стаклена амбалажа се увезуваат главно од Хрватска, Бугарија и Италија“, вели студентот на Машинскиот факултет Александар Белчовски.

Студентите на Машинскито факултет велат дека со решенијата кои ги предлагаат не само што ќе се намалат количините на ѓубре на депониите и загадувањето на воздухот, почвата и водите, туку од отпадот ќе се произведува и електрична и топлинска енергија за потребите на домаќинствата и на индустриските капацитети во државата.