Веќе е добро познато дека климатските промени се виновни за многу еколошки, економски и социјални негативни аспекти на глобално ниво. Од масовните миграции поради губење на обработливото земјиште (опустинување на плодните површини), преку поплави и други елементарни непогоди, до трајно исчезнување на одредени земјоделски култури и зголемени ризици од пожари. Сепак, фактот дека климатските промени претставуваат најголемата глобална закана на векот по здравјето на луѓето, е помалку познат.

Глобалното затоплување и екстремните промени во климата, претставуваат „најголема глобална закана по здравјето во 21-виот век“, при што стотици милиони луѓе веќе страдале во последните дваесет години, предупредува Светската здравствена организација.

gr2_lrg
Извештајот насловен Lancet Countdown објавен од страна на The Lancet medical journal, брутално јасно и недвосмислено ги посочува негативните влијанија од климатските промени – од жешки бранови до заканувачки бури, поплави и пожари. Сите тие настани директно или индиректно создаваат огромен притисок врз здравствените системи во секоја земја. Основната цел на овој Извештај кој се подготвува на годишна основа, е адресирање на врските и зависностите помеѓу климатските промени и јавното здравје.

На пример, поплавите и бурите не само што предизвикуваат директни повреди, туку тие исто така можат да затворат или срушат болници, да предизвикаат ширење на заразни болести, но и сериозни ментални нарушувања со оглед дека многумина ќе останат без своите домови.

India Monsoon Flooding
Извештајот подготвен од страна на доктори, академици и стручњаци за креирање политики од 27 организации ширум светот, повикува на брза акција за климата и подготовка на здравствените системи за овие растечки предизвици.

„Растечките и драматични промени во климата имаат широка импликција во секој аспект од животот на луѓето, изложувајќи ги ранливите категории на заразни и ментални болести, но исто така компромитирајќи ја безбедноста на храната, исправноста на водата за пиење и чистиот воздух“, се вели во Извештајот.

Во 2017 година, бројот на луѓето погодени од жешките бранови бил зголемен за 157 милиони споредено со 2000 година. Потоплото време придонело за загуба на 153 милијарди работни часови во 2017, што е пораст за 60 отсто споредено со 2000 година. Најпогодени се градежништвото и земјоделството.

Европа и источниот Медитеран се оценети како поранливи на климатските промени отколку Африка и Југоисточна Азија. Ова се должи и на фактот што во овие региони значителен број постари луѓе живеат доминантно во градовите, кои особено се под ризик – топлински урбани острови кои се потопли од околината. Англија и Велс, на пример, за време на 15-дневниот топлотен бран во минатото лето (јуни и јули) забележале 700 смртни случаи повеќе во однос на просекот.

За да биде иронијата поголема, за климатските промени највеќе придонесуваат богатите, односно развиените економии преку емисиите на стакленички гасови (САД, Кина, Индија и др.), додека сиромашните земји се најпогодени од последиците.

Регионот на Западен Балкан е посочен како подрачје кое во наредниот период ќе биде сериозно погодено од последиците од климатските промени. Иако, се работи за глобален проблем, сепак мора регионално и дури и локално да се дејствува, преку организиран и одговорен однос кон проблемот и подигање на свеста за значајноста на овие прашања. Докажаното поместување на субтропската клима кон север треба да послужи како аларм. Токму затоа, неодамна усвоената декларација за „Заедничка мапа на патот на земјите на Западен Балкан – Забрзување на пристапот до финансирање во областа на климатските промени“, претставува почеток на развивањето на заедничките проекти во секторите: енергетика, сообраќај, земјоделство, водостопанство и отпад.

Што правиме на национално ниво? За жал недоволно, доцна, немаме средства, немаме капацитети и слично.

rtr28ag1-e1476896122937

ПОЛИТИКИТЕ НОТИРАНИ ВО ИЗВЕШТАЈОТ
 
Препораките за одржлива и сеопфатна интеграција на главните политики за климатските промени во земјата кои се нотирани во вториот двогодишен ажуриран национален извештај за климатски промени (2017), поделени се во две категории:
 
1. Креирање на политики
a) Изработка на долгорочна Стратегија за климатски промени која треба да ги дефинира долгорочните приоритети, планови и развојни цели на земјата.
б) Изработка на сеопфатен Закон за климатски промени, кој треба да се базира на исходот од долгорочната Стратегија за климатска акција. Законот за климата треба да обезбеди одржлива платформа за секторска имплементација на главните политики по однос на приоритетите за климатските промени и имплементација на националните климатски цели.
 
2. Институционален развој и развивање на капацитети
Капацитетот на одговорните институции треба да биде зајакнат преку обезбедување на повеќе вработени, воспоставување на единици за климата во одредени министерства и државни ентитети (каде што е потребно), активности за градење капацитети и обезбедување на алатки за имплементација на задачите и активностите за климатски промени.
 
На локално ниво, мора да се издвои примерот на Град Скопје. Во 2014 година Град Скопје и UNDP ја започнаа подготовката на Стратегијата за климатски промени „Отпорно Скопје“ (“Resilient Skopje”) и оттогаш Градот алоцира средства во буџетот за конкретни активности и мерки за ублажување на климатските промени. Сепак, сведоци сме дека проблемите со квалитетот на воздухот во главниот град и натаму се сериозни особено во зимскиот период, и сè уште не е на повидок долгорочно и системско решение за намалување на загадувањето особено од сообраќајот и затоплувањето на домовите. Во едно истражување спроведено кај нас во 2018 година, во кое биле опфатени 130 испитаници, најголем процент (90,2 %) од испитаниците одговориле дека аерозагадувањето е првото нешто што го поврзуваат со климатските промени. Кога станува збор за одговорноста околу проблемот, според испитаниците најодговорна е националната влада (33,8 %), што укажува на фактот дека мора да се работи на подигање на јавната свест.
 
Последниот извештај од Меѓувладиниот панел за климатски промени (IPCC) јасно укажува дека половина степен затоплување значи огромна промена, па оттаму 1,5 степени Целзиусови е побезбедна цел.
 
ОД КАДЕ ДА СЕ ПОЧНЕ?
 
Од каде и како да почнеме за да ја постигнеме целта од 1,5 степени затоплување, наместо 2 или повеќе степени? Најновите климатски истражувања покажуваат дека најверојатно за нас најекономична опција би било глобалните емисии на стакленички гасови да се зголемуваат до 2020 потоа, од тој момент натаму, драматично да ги намалуваме.

toplotni branovi( Izvor-Lancet Countdown)
Кампањата „Мисија 2020“ дефинира цели во шест клучни области – енергетика, транспорт, употреба на земјиште, индустрија, инфраструктура и финансии – со кои владите и индустриите добиваат јасни насоки за патот што треба да се изоди до постигнување на општата цел од 1,5 степени Целзиусови. Во работниoт документ објавен денес, WRI (Светскиот институт за ресурси) констатира напредок во некои области, но ќе треба да делуваме побрзо ако сакаме да го фатиме моментот на пресврт во 2020 година.

Проценките покажуваат дека до 2020 година енергијата од обновливи извори ќе биде поевтина од електричната енергија добиена од повеќето фосилни горива, што укажува дека тоа е моментот кога треба да се направи транзиција кон производство на електрична енергија со ниска емисија на јаглерод диоксид. Ако се зајакнат сегашните трендови, 30-те проценти намалување до 2020 година условно се достижна цел.

Целта од „Мисијата 2020“ е да достигне нула емисии во новата мобилност во транспортот во сите најголеми градови и транспортни рути во светот, до 2020 година. Ова значи дека електричните возила треба да бидат застапени со 15-20 отсто во продажбите на нови возила, стандардите за ефикасност на автобусите и камионите треба да се повисоки за 20 отсто, треба да се дуплира сегашниот удел на јавниот транспорт во пазарот; емисиите од авијацијата треба да се намалат за 20 отсто и треба да ги елиминираме емисиите од поморскиот сектор.

За да се зачуваат многуте еколошки, општествени и климатски придобивки што ни ги обезбедуваат шумите, „Мисијата 2020“ повикува на прекинување на сечењето на шумите (обесшумување) до 2020 година. Истовремено, надлежните за раководење со шумите, земјоделците и агрибизнисите треба да обноват најмалку 150 милиони хектари обесшумено и деградирано земјиште, да го намалат притисокот за расчистување на дополнителни пошумени подрачја и да применуваат начин на работа со кој наместо да се создава, ќе се одзема јаглеродниот диоксид од атмосферата.

Тешките индустрии, особено тие за производство на хемиски супстанции, челик и цемент заеднички се одговорни за една четвртина од глобалните емисии на CO2. Цел за индустриите, во Мисијата 2020, е компаниите да изработат и да применуваат патокази што ќе им овозможат да ги преполоват своите емисии во текот на следните 30 години. Една понова анализа покажа дека овие индустрии можат дури да постигнат и нула емисии до 2050 година, а тоа би ги чинело помалку од 0,5 проценти од глобалниот БДП.

„Мисијата 2020“ ги повикува владите и инвеститорите да потрошат најмалку 300 милијарди долари годишно за инфраструктура со која ќе се ублажуваат климатските промени, покрај 6-те трилиони што се неопходни за вообичаените деловни инфраструктурни трошоци. Новите згради треба да се градат според стандардите за објекти со потрошувачка на енергија близу до нула, а најмалку три проценти од постојните објекти годишно треба да се реновираат за да ги постигнат овие стандарди.

Финансискиот сектор игра клучна улога во насочувањето на инвестициите со кои би се овозможило остварувањето на сите други цели на „Мисијата 2020“.

Неодамнешното истражување на Глобалната комисија за економија и клима утврди дека храбра климатска акција – во согласност со Парискиот договор и целите на „Мисијата 2020“ – може до 2030 година да ни донесе економски придобивки во вредност од најмалку 26 трилиони долари. За да може да се постигнат овие придобивки владите, компаниите и инвеститорите мора да ги искористат можностите за премин кон чиста и одржлива економија и тоа од овој момент.

0012

ДРЖАВАТА ПОДДРЖУВА ПРЕГОВОРИ ЗА КЛИМАТА

Државата станува првата договорна страна која ја поддржува Коалицијата за високa амбиција во глобалните преговори за климата.

Македонија ја поддржа Коалицијата за висока амбиција, потпишувајќи се на „Изјавата за засилување на климатската амбиција“. Инструментот ги спојува развиените земји и земјите во развој кои го делат највисокото ниво на амбиција во меѓународните разговори за климата. Изјавата е усвоена од страна на Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање на Македонија.

Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата за развој на Обединетите нации почнаа со подготовка на четвртиот Национален план и третиот Двогодишен извештај за климатски промени.

Од МЖСПП нагласуваат дека низ процесот на развивање на извештаите, се подобрува точноста и конзистентноста на податоците за емисиите на стакленичките гасови, што придонесува кон поефективно планирање на мерки за ублажување на овие емисии, како и за прилагодување на ефектите од климатските промени. Истовремено, се зајакнува соработката со различни институции со цел интегрирање на политиките за заштита на климата во другите сектори.

Во рамките на овој четиригодишен проект ќе биде ажурирана националната база на емисии на стакленички гасови до 2019 година со примена на современи и иновативни алатки, ќе бидат развиени соодветни критериуми за поставување на приоритетни мерки за ублажување на климатските промени, а изготвениот извештај дополнително ќе даде поддршка во процесот на воспоставување на систем за следење, известување и верификација на емисиите на стакленички гасови. Воедно, ќе се надградат анализите на ранливост од третиот Национален план за климатски промени, и ќе се ажурираат мерките за адаптација потребни да се задоволат специфичните потреби кои произлегуваат од несаканите ефекти предизвикани од климатските промени.

Извештаите ќе продолжат да го отвораат македонскиот пат кон ниско јаглеродно општество, по кој државата ќе се движи навидум со мали и бавни чекори, но со постојано зголемување на амбициите за намалување на емисиите на стакленички гасови.

Проектот ќе се реализира со поддршка на Глобалниот фонд за животна средина во висина од 850 000 американски долари, преку УНДП како имплементирачка агенција и е надградба на континуираната заложба на државата во реализацијата на обврските кои произлегуваат од Рамковната конвенција за климатски промени на ОН и меѓународните договори за клима.

112718_CG_climate_feat
Влијанието на климатските промени врз здравјето на луѓето ќе стане сè поизразено. Екстремно високите температури на воздухот особено кај повозрасните лица, се директно поврзани со бројот на смртни случаи предизвикани од кардиоваскуларни или респираторни заболувања. Екстремните временски настани можат да ги уништат домовите, медицинските објекти и другите основни средства кои се потребни за здравствена заштита. Голем дел од населението во ранливите подрачја можеби ќе треба да се пресели, што дополнително го зголемува ризикот од пренесување заразни болести и може да предизвика дополнителни последици врз здравјето.

Од климатските промени се очекува да го зголемат бројот на здравствените и ризиците од болести. Тука се опфатени здравствени прашања поврзани со повисоките нивоа на смог, намален квалитет на пивка вода, недостаток на храна, зголемен број повреди поради поплавите и појавите на невреме, како и ментални здравствени проблеми поради преживеаните шокови. Повисоките температури исто така овозможуваат ширење на комарците во нови области, со што се зголемува ризикот од болести што се пренесуваат од комарците (маларија, денга, жолта треска, итн.).

IMG_20160807_184211_HDR1
Климатските промени веќе се случуваат, заедно со многу негативни ефекти и промени. Така, мораме да се подготвиме и да дејствуваме со цел да ги намалиме штетите и пореметувањата што тие ги предизвикуваат. Ова е познато како прилагодување или приспособување кон климатските промени. Прилагодувањето се стреми да ја избегне или да ја ублажи штетата предизвикана од промените на климата и да изнајде нови решенија со цел луѓето да живеат и да напредуваат во новите климатски услови.

Климатските промени можат да се случат мошне побргу отколку што луѓето можат да се справат со нив, или пак може да донесат такви промени какви што немало претходно.

Со овој текст, Порта 3 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ на Институтот за комуникациски студии. Текстот е првично објавен ТУКА.