Дали оваа Влада е свесна за застрашувачките анализи на последиците од загадување на воздухот? Дали има намера да ги промени поразителните бројки на земјава, која се наоѓа до години на врвот во светските листи по загадување на воздухот, какви мерки презема овие пролетни месеци?  Дали летово на масата власта има зацртано нови акции, за да се дише зимава? Дали знае дека светските истражувања и експерти говорат дека загадувањето е причинител број еден за смртноста? За се ова говори во интервју со Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина, додека Татјана Чакулев од Невладината 02 Иницијатива говори дека нема никакви информации за преземените владини акции

Најновите истражувања и анализи во светот (https://journal.chestnet.org/article/S0012-3692(18)32723-5/fulltext) покажуваат поразителни последици за здравјето на луѓето, токму од загадувањето на воздухот – може да предизвика целосен колапс на организмот- “да го оштети секој орган и речиси секоја клетка во човечкото тело”. Сеопфатната анализа говори за “последици врз човечкото здравје од глава до пети, и низа болести кои се натрупуваат: деменција, срцеви и белодробни заболувања, проблеми со плодноста и намалена интелигенција, но освен тоа, постојат и низа опасности кои надвиснуваат ад идните генерации- изложеноста на загадување на воздухот за време на бременоста може да ги оштети виталните органи на бебето, вклучително и мозокот, срцето и белите дробови и да доведе до голем број на други заболувања, вклучувајќи астма, срцеви болести и рак”. Се нотира дека загадувањето на воздухот, исто така, “негативно влијае врз развојот на мозокот во текот на детството, со што се намалуваат шансите на децата за успех во училиште и можностите за вработување подоцна во животот”.

Последните проценки на СЗО покажуваат дека загадувањето на воздухот е одговорно за “една четвртина до една третина за смртните случаи од срцев удар, мозочен удар, рак на белите дробови и хронична респираторна болест”.

др. Тедрос Адханом Гебријес, Ген. директор на СЗО

Загадувањето на воздухот се “новите цигари”- ова е едно од последните  предупредувања на  шефот на Светската здравствена организација, др. Тедрос Адханом Гебријес, велејќи дека загадувањето е ризик за милијарди луѓе на Планетава.

СЗО го вклучи алармот уште минатата година, нарекувајќи го загадувањето на воздухот како ” јавна здравствена вонредна состојба”, затоа што “секоја година убива 7 милиони луѓе и се оштетува здравјето на многу, многу повеќе милиони луѓе на Планетава”.

Кој се се убива со загадувањето?

Податоците на СЗО ја покажуваат нееднаквоста, неправичноста на овој свет-” загадувањето на воздухот зависи од тоа дали се живее во богата или во сиромашна земја и таа нееднаквост се повеќе се зголемува, на штета на сиромаштијата, која диктира далиќе преовлада во овие земји смртта”.

Богатите градови имаа подобрени резултати според анализите на Здравствената организација, иако битката се уште не е завршена, но “загадувањето во посиромашните земји се ‘уште расте и убива 7 милиони луѓе годишно на глобално ниво”, откриваат податоците на СЗО.

Севкупно, “девет од 10 луѓе на планетата живеат со сиромашен, дури и опасен воздух”, се вели во извештајот на СЗО (https://www.who.int/airpollution/data/en/), кој се смета за најсеопфатно истражување и збир на глобални податоци за квалитетот на воздухот. Според научните податоци,  “нивоата на контаминација варираат во зависност од активностите на владата и финансиските ресурси”.

Владата со жалење констатира дека Македонија е најлошо рангирана

Власта низ изминатата деценија, под палката на Никола Груевски  со години велеше дека ги знае сите овие алармантни податоци кои светот ги објавува и инсистира на свесност и преземање итни акции од владите, особено од сиромашните земји, кои неретко се и напрвите места на топ-листите по корупција, еднакво како и на ние другите- за загадување. Оттаму, претходната власт, говореше дека ги презема буквално сите соодветни мерки за да се справи со загадувањето, но потцртувајќи дека тоа може да се намали, но не и целосно да се стави под контрола.

По една деценија владеење на ВМРО-ДПМНЕ, загриженоста за загадувањето, како и високите места (првото и второто- Скопје и Тетово) на листите во светот, останаа и со новата Влада, на Заев. Иако минатата зима македонското Министерство за здравство реши да дистрибуира 43 илјади маски за дишење за хронично болни луѓе, намалување или барем ублажување на последиците од загадувањето не беа објавени.

Во владиниот План (https://vlada.mk/PlanZaChistVozduh) и по две години владеење, се констатира дека “Република Македонија за жал, според најновиот извештај на Европската агенција за животна средина за аерозагадувањето во Европа е најлошо рангирана меѓу сите европски држави, со најзагаден воздух во градовите. Скопје, Битола и Тетово се меѓу 10-те најзагадени градови во Европа во 2017 година…Според анализите на Светска банка, аерозагадувањето ја чини државата околу 2.5% од годишниот БДП за дополнителни средства за здравствени услуги, или 300 милиони евра годишно.

Заради поголем број на социо-економски фактори, аерозагадувањето од година во година се зголемува, состојбата се влошува и станува алармантна. Одредени анализи и моделирања на емисиите на загадувачките супстанци за секторот греење домаќинствата во Скопската котлина упатуваат дека загадувањето ќе се зголеми за 30% до 2025 година доколку не се преземат итни системски мерки за намалување на емисиите. Овие бројки ќе бидат уште повисоки доколку се додадат емисиите и од другите сектори, како на пример транспортот, чиј удел во загадувањето најбрзо се зголемува на годишно ниво.

Квалитетот на воздухот во поголемите градови е значително намален. Според годишниот извештај за квалитетот на животната средина на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) за 2017 година, просечната годишна концентрациите на PM2,5 во 2015, на пример, за општина Центар, изнесувала 40,14 μg/m3, а за општина Карпош 50,51 μg/m3, а концентрацијата на PM10 изнесувала 72,82 μg/m3 и 57,06 μg/m3, соодветно.

Проблемот со загадувањето на воздухот во градовите во Македонија е стар проблем. Според тоа, граѓаните во градовите кои се лоцирани во котлини се постојано изложени на повисоки концентрации од дозволените. Сите извештаи покажуваат дека доаѓа до нагло зголемување на концентрациите за време на грејната сезона, и тоа три до четири пати. Скопје и Тетово на пример, имаат многу денови во годината кои ги надминуваат максимално утврдените средно дневни вредности за ПМ2.5 и ПМ10 честичките.

Ситуацијата и во другите поголеми градови е слична, но таму за жал освен мерењата од мерните станици, нема сеопфатни и детални студии, иако постојат индикативни истражувања кои укажуваат дека најголеми загадувачи во тие котлини се греењето, отпадот и индустријата”, соопштува резигнирано Владата.

Кои мерки ги презема власта?

Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули во интервју за НОВА (видеото е подолу)   ги прецизира сите мерки кои до сега беа преземени за загадувањето- најпрво, биле мапирани,  одредени објектите за да се лоцираат точните пунктови каде ќе се заменат изворите на загадување.

Понатаму, зацртано е воведување на политики кои имаат за цел помагање на имплементацијата на Планот за чист воздух, како што е на пример намалувањето на ДДВ за парно од 18 на 5%;

Говорејќи за мерки кои се неопходни пролетва и летово – за да се пресретне зимата, кога е најголемо загадувањето, Макрадули  вели:

-Сите мерки се дефинирани во Планот за чист воздух, што значи неговата имплементација е неопходна за помалку загадување на почетокот на следната грејна сезона. Суштина на планот е справување со изворите на загадување, затоа и мерките се однесуваат на замена на изворите кои загадуваат, како што се печки на нафта или дрва, со инвертори или пак приклучување на објектот на системот за централно затоплување;

Владата го спроведува имплементирањето на планот за чист воздух преку, мапирање на објекти во рамки на оние општини каде загадувањето е поголемо, при што предност имаат градинки, училишта и здравствени институции. Потоа се одредува колку инвертори или топлотни пумпи се потребни за замена и ќе следи нивна инсталација пред почетокот на грејната сезона.

Макрадули сепак, не е задоволен со Буџетот кој се издвојува за овие мерки во битката со загадувањето- “почетниот буџет е 2 милиони евра, и секако не е доволен, но оваа Влада смета и на меѓународна финасиска поддршка-” во имплементацијата на планот користиме фондови и средства од нашите пријатели од меѓународната заедница, како и ЕУ фондови”, вели Макрадули.

Одамна има стручни сознанија за клучните  причини за загадувањето– транспорт, греење, индустрија, градежништво, отпад – за сите овие, Макрадули објаснува дека одделно се спроведуваат мерките и тие фазно се имплементираат.

Тој сепак, прстот го вперува во домаќинствата, како клучни во загадувањето:

-Според сите релевантни анализи, како од домашни така и од меѓународни експерти, домашното затоплување е клучен извор за аеро загадувањето. Но, подеднакво внмимание се посветува и на дргите сектори.

Една од главните карактеристики на Планот за чист воздух е што подеднакво и истовремено ги третира сите сектори, и за секој сектор има посебен сет на мерки. Така на пример во делот на транспоротот може да се издвојат: Законот за возила, каде се предвидени субвенции за електрични и хибридни возила, како и субвенции за замена на пумпите за гориво со уред на гас.

Потоа, набавката на 40-тина еко-автобуси на земен или природен гас, субвенциите за електрични скутери и велосипеди; замена на постоечките нееколошки системи за греење во градинки, основни и средни училишта, здравствени објекти и административни објекти во најзагадените градови во РM; инсталирање на филтри во малите и средни претпријатија, особено во оние од дрвна дејност; проекти за зголемување на урбаното зеленило, поставување на урбани зелени зони во градинки и училишта” вели Макрадули.

02 Иницијативата контра Владата- Немаме никакви информации

Но, поинаков став од Макрадули има активистката Татјана Чакулев, од невладината организација 02 Иницијатива. Таа вели дека немаат никакви сознанија за преземени мерки, критикувајќи ја и нетранспарентноста на Владата:

-Во однос на загадувањето, дали Владата презема сериозни мерки, за да се даде одговор на тоа, треба да знаеме што презема и презела до сега. За таа цел требаше да има посебна веб страна каде ќе се прати спроведувањето на сите мерки во однос на Планот за чист воздух, но таква веб страна нема.

Татјана Чакулев, 02 Иницијатива

Чакулев набројува за се што немаат информации, започнувајќи од здравствените установи, кои се приорититет на Владата, како болницата „Мајка Тереза“ во Чаир и општите болници во Куманово и Струмица, кои требаше да се гасифицираат и да престанат со употреба на мазут од есен- ” до каде е процесот, информации нема”, вели таа.

Што се случува со домаќинствата кои се на врвот на листата за итни мерки, кога  во тек на март-јуни требаше да се одвива првата фаза во замена на печките во 1,100 домаќинства во Скопје, Битола и Тетово и субвенционирање на најмалку 250 домаќинства за подобрување на енергетската ефикасност, а втората фаза требаше да започне во јули и заврши во септември.

-Што се заменило, каде, колку домаќинства ја подобриле енергетската ефикасност, по кој принцип се избрани, итн. нема податоци- констатира активистиката Чакулев.

Иако Макрадули говори за активностите кои се приторитет за Владата, каде акцентот е на образовните и здравствените установи, таа ги знае прецизно плановите, но не и нивната реализација:

-Планирано беше до есен да се промени системот за греење и да се подобри енергетската ефикасност на 4 образовни установи, една во Скопје, Битола, Куманово и Тетово, и да се субвенционираат најмалку 10 училишта или градинки од Скопје, Битола, Куманово и Тетово соинвертори. Немаме податоци дали е започнат процесот, кои се училиштата, по кој принцип се избрани, но исто така Чакулев прашува и за останатите акции -“колку филтри и на кои мали и средни компании се инсталирани, а колку се планираат, особено тие во дрвната дејност, немаме податоци, а  ставено е во програмата за оваа година”.

Депонијата зад салата “Борис Трајковски”

Владините планови за трансформацијата на запуштените и местата каде се фрла отпад во Скопје се предмет на нејзина критика, затоа што “освен чистењето на дивата депонија зад “Борис Трајковски” помеѓу двата изборни циклуса и ветувањето дека тука ќе биде Градски парк 2, нема. Планираните над 500 метри зелен ѕид по долната страна на улицата Водњанска ги нема уште. Формирање на урбани зелени зони во градинките и училиштата е во план исто за годинава, но немам информација до каде е. Во исто време, над 1,000 возрасни угушени, зацементирани дрвја во Скопје се оставени така и нема итна акција за нивно ослободување”, дополнува таа, додавајќи ги и останатите непознаници за невладиниот сектор:

-Беше планирано усвојување на Директивата за Екодизајн,забрана за користење на јаглен за затоплување на домовите, измени во законот за возила, но не се донесени до сега. Правилникот за печки под 1 MW уште не е донесен, иако беше кажано дека во рок од 60 дена ќе се донесе. Град Скопје и понатаму не може да изрече казни за фирми кои користат вакви печки и загадуваат. Донациите кои требаше да се обезбедат од донаторската конференција во декември не се обезбедени. Мерните инструменти за PM10 во Велес, Гази Баба и Лисиче кои од јули/август/октомври не се во функција, и другите сè уште не се заменети, а беше ветено дека сите неисправни ќе се заменат.

Сумирано, и тоа малку што требаше да се направи, не е направено или нема никаква информација дека е во тек. Ниту на план на отстранување на дивите депонии во Скопје каде постојано се фрла и гори отпад, ниту на нивна рекултивација, ниту на дислоцирање на сите диви населби од двете страни на Вардар, и нивно зазеленување. ДДВто за корисниците на БЕГ мрежата е намалено на 5%, но колку од исклучените корисници навистина се греат на дрва, јаглен, нафта?

Во Скопскиот регион има над 52,000 домаќинства кои се греат на дрва, само во Скопје има над 20 училишта и градинки кои се греат на нафта, голем број на јавни институции, болници, здравствени домови кои користат мазут. Сообраќајот останува ист, индустријата без нови регулативи. Горе-долу, сè останува исто и со вакво темпо и нареднава сезона ќе се гушиме во ултра загаден воздух од сите можни извори”- превидува активистиката Чакулев од невлдината 02 Иницијатива.

Биљана Секуловска

Со овој прилог, Нова ТВ се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ на Институтот за комуникациски студии. Текстот е првично објавен ТУКА.