deponija-veles-696x398.png

Доматите, пиперката, зелката, краставицата, и друг вид на зеленчук кој имаат т.н. плиток корен, долг до 40 центиметри се загадени, покажуваат истражувањата на плодовите кои ги направила невладината организација Вила Зора. Растенијата кои имаат длабоки корени како што се јаболко, круша и грозјето, не се загадени. Ненад Коциќ од Невладината Вила Зора вели дека 5 хектари почва се деконтаминирани. Деконтаминација ќе се прави и во следните три години.

„Почвата во регионот на Велес е загадена со тешки метали како резултат на 30 годишна работа на топилницата на олово и цинк. Како последица на ова имаме историско загадување со тешки метали пред се олово и кадмин кои што се многу опасни и штетни по здравјето на луѓето. Меѓутоа и други метали како што се цинк, жива, арсен и други споредни метали кои што биле во рудата која што топела и се исфрлувала во воздухот и потоа се таложела на почвата“, изјави Коциќ.

15 години по затворањето на Металуршкиот комбинат Злетово, последиците се видливи. Како депонија стојат околу еден милион тони тешки метали.

„Овој црн рид претставува канцер за жителите на Велес. Создаден е од тешки метали, а одалечен е само 500 метри од градот“.

Професорот Трајче Стафилов  вели дека истражувањата покажаа дека околу 14 квадратни километри почва во градот и во околината се загадени екстремно над интервентни вредности според европските стандарди.

„Секоја држава поставува гранични вредности таканаречени максимално дозволени концентрации над кои што се дефинираат продуктите за контаминирани и се забрануваат за консумација. Ние имаме такви правилници. Овие зеленчуци произведени во овој регион ги надминуваат тие градинични вредности, некои за неколку пати повисоки. Но, се уште надлежните не преземале мерки да забранат консумација односно употреба на овие зеленчуци“, вели Стафилов.

Министерството за екологија заедно со Министерството за економија уште во 2016 година и даде концесија на компанијата „Еко Центар 97“ за експлоатирање на депонијата.  Директорот на “Еко Центар“, Владо Момировски вели дека од први јуни ќе се поставува опрема за дислокација на депонијата во Малезија. Освен Велес, Истражувањата покажале дека загадена е почвата и во Тетово и Кавадарци.

АРБАНА Ќ. КЛИМЕНТА

Со овој прилог, ТВ 21 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ на Институтот за комуникациски студии. Текстот е првично објавен ТУКА.