Летните месеци се идеален период за решавање на хроничниот проблем што го има Скопје со загадувањето. Иако, познатите црвени кругови што покажуваат алармантни бројки речиси и ги нема во овој период, тоа не значи дека воздухот е кристално чист. Часовникот отчукува и бара решавање на проблемот со аерозагадувањето пред да почне новата зимска сезона.

Чекајќи конкретни резултати од надлежните се уште врие од прашина и кал по улиците, ауспусите од автомобилите испуштаат црни облаци, депониите си се на свое место.

Кога ситуацијата беше најкритична и кога на црвените кругови се испишува трицифрени броеви, надлежните кон крајот на минатата година донесоа План за чист воздух.

Zagaduvanje-2
Со програмата за намалување на загадувањето, во периодот 2019-2020 година предвидено беше да се финансираат приоритетни активности во следните области:

мониторинг на квалитетот на воздухот, подобрување на капацитетите на инспекторатите за животна средина за вршење на инспекциски надзор, подигнување на јавната свест преку едукативни кампањи, намалување на емисиите на загадувачки супстанци од затоплување во домаќинствата, урбано зеленило, индустрија, транспорт, менаџирање со отпад и градежништвото.
Намалување на загадувањето на воздухот за 50 отсто во Скопје и од 30 до 50 отсто во другите градови во следните две години, предвидува „Планот за чист воздух“, кој почна да се применува откако беше донесен.

За овој план во буџетот за 2019 година предвидени се 1,5 милиони евра почетни средства дополнителни на оние кои веќе постојат од 20 милиони евра во другите министерства.

Планот предвидува оваа година да се набават комплетно нови инструменти за веќе постоечките 19 мерни станици. Во мониторингот ќе има предвидување во реално време, односно тридневна проекција на загадувањето.

После овој двегодишен план, 10 илјади домаќинства ќе бидат приклучени на постоечкиот топлински оператор, 20 илјади домаќинства ќе ги променат старите нееколошки печки на дрва, 15 илјади домаќинства ќе ја подобрат енергетската ефикасност на домовите, 3.000 домаќинства ќе бидат приклучени на гас, 20 илјади домаќинства ќе користат инвертор клима уреди, а 2.000 домаќинства од социјално ранливите категории субвенционирано ќе го променат начинот на живеење. После две години ниедно домаќинство нема да се грее на јаглен и нафта.

Во индустријата ќе се носи закон за индустриски емисии каде што се дефинираат построги правила во одобрувањето на интегрираните еколошки дозволи и ќе има потранспарентен мониторинг, а до тогаш ќе се зајакнат контролите.

Во градежништвото ќе има засилени контроли во градењето и просторот за градење, миење на возила и покривање на товар. Обврска е да се контролира градежниот шут и другиот отпад на објектот што се гради.

Ова се намерите што Владата ќе презентираше кога беше најзагадено. Но, што оттогаш од сето ова е направено и реализирано одговор од Министертвото за животна средина и просторно планирање не добивме.

Она што се знае е дека Градот Скопје го формира новото јавно претпријатие „Градски Енергетски Системи АД Скопје“ кое ќе врши енергетски дејности. Покрај ова, Градот и оваа година субвенционираше граѓани кои се греат на печки на дрво и останати течни горива, да набават печки на пелети кои загадуваат далеку помалку, како и за набавка на инвертер клими. Во оваа област како нови мерки се и субвенциите за обука на оџачари, како и субвенциите за граѓаните за чистење на оџаци.

Zagaduvanje-3
Во однос на сообраќајот во Градот во транспортниот систем на ЈСП вклучени се еколошки автобуси на гас, како и за електричен автобус.

Проблемот со загадувањето на воздухот во градовите во Македонија е стар проблем. Според тоа, граѓаните во градовите кои се лоцирани во котлини се постојано изложени на повисоки концентрации од дозволените. Сите извештаи покажуваат дека доаѓа до нагло зголемување на концентрациите за време на грејната сезона, и тоа три до четири пати. Скопје и Тетово на пример, имаат многу денови во годината кои ги надминуваат максимално утврдените средно дневни вредности за ПМ2.5 и ПМ10 честичките.

Сите анализи и наоди спроведени досега укажуваат дека греењето е најголемиот загадувач на воздухот и во Скопската котлина.

Со овој прилог, Порта 3 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Текстот е првично објавен ТУКА.