Во некогаш недопрената природа на демирхисарското село Слоештица каде што израснаа повеќе писатели и интелектуалци, сега последните селани оставаат лоша трага со фрлањето на ѓубрето во трите реки- Левача и Големача, чии што води се собираат во Бела река и кои Петре М. Андреевски ги овековечи во своите домицилни записи. Денеска, активисти од Меѓународниот центар за уметност “Арт Поинт- Гумно“, преку кампањата “Не игнорирај, регирај!“, со поддршка на Општината, локални активисти и еко- герилата “Мети си со класнето“ од Битола, ги чистеа речните депонии на овие реки.

– Кога ќе ги прашате луѓето каде го фрлате отпадот, ќе ви речат врека. Пушти го по рекана и нека оди удолу. Овие реки не се само селски, тие се на целиот свет оти сите води се поврзани. Ова ѓубре го фрламе, а тоа ни се враќа и за ќал, тоа го докажаа климатските промени, рече Ирена Андреевска од “Арт Поинт Гумно“.

Спасот е во организирано селектирање и одлагање на сметот, што ќе го спроведе Општината Демир Хисар.

– Имаме 40 населени места во Општината демир Хисар и имаме намера во сите села да поставиме контејнери, во зависност од бројот на жителите и секој да добие канта за ѓубре организирано. Цената ќе биде мала и ќе изнесува од 50 – 100 денари, рече демихисарскиот градоначалник Марјанчо Стојановски.

Последните селани, се сеќаваат на едно друго време, кога речните води се пиеја и кога казните беа големи за да се спречи загадување.

– Постоеше санитарен инспектор и с евикаше Стојче. Кога ѓе поминеше по селава, на мештаните коските им се тресеа, случајно да не го извади тевтерчето и да запише некого. Тогаш беше беспрекорно чисти, а реките кристално чисти, рече Гоце Димовски, поранеше жител на Слоештица, кој дојде од Скопје да учествува во акцијата.

Тука се уште опстојуваат енедемски видови на пелагониска пастрмка и речен рак, кои се загрозени видови, а евлата што вирее покрај речните корита, не е обично дрво,тука е живеалиште за животни и инсекти, со референтни вредности во рамките на европскиот биодиверзитет.

Петар Стефановски

Текстот е преземен од Алфа Телевизија.