Граѓаните од Скопје и Битола се соочуваат со дури два пати поголема бучава од сообраќајот во споредба со дозволените рамки. Покрај тоа што ги остава без сон, преголемата бучава може да предизвика нарушувања на психичката и физичката состојба. Мерењата на бучавата што ги направија од Техничкиот факултет во Битола покажуваат измерени вредности далеку поголеми од законските ограничувања на сите локации во Скопје и во Битола.
Најголеми вредности од 111 децибели, односно двојно повеќе од дозволеното според актуелниот правилник, биле регистрирани кај Градската болница, Педагошкиот факултет и училиштето „Војдан Чернодрински“ во Скопје. Експертите предлагаат повеќе мерки за намалување на бучавата, вклучувајќи го воведувањето на зони со брзина на движење од 30 километри на час, поставување на издигнати пешачки премини, изградба на кружни крстосници, забрана на движење на камиони во текот на ноќта и изведба на заштитни ѕидови од бучава.
– Една мерка сама по себе не е доволна за значајно намалување на бучавата. Потребно е мерките да се комбинираат и да се спроведуваат чекор по чекор. Ова значи дека може да се започне со економски прифатливи мерки како што се редукција на брзината или забрана за товарни возила – потенцира Бети Анѓелевска, професорка од Техничкиот факултет во Битола.
Експертите предупредуваат дека преголемата бучава од сообраќајот може да предизвика сериозни проблеми кај луѓето, како што е намалување на продуктивноста на работа, вознемиреност и стресни реакции, нарушувања на спиењето, хипертензија и други сериозни пореметувања.
Според Светската здравствена организација, бучавата од сообраќајот е втор најголем проблем во животната средина во ЕУ, по загадувањето на воздухот.
Денешната презентација на резултатите од мерењето и предложените мерки против бучавата во Скопје и во Битола се организираа како дел од кампањата за подобра животна средина „Не Игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.
Текстот е првично објавен ТУКА.