5Г технологијата како петта генерација на мобилна мрежна технологија која обезбедува широкопојасен пристап, го подели светот. Иако станува збор за вистинска револуција која ја носи компјутеризираната иднина и го обликува новиот свет, од друга страна се противниците- нивните стравувањата се базираат токму врз одредени сознанија за штетноста која ја предизвикува 5Г.

Про и контра аргументите се темелат врз научните студии кои даваат различни толкувања- едните носат поразителни факти за последиците од оваа технологија- станува збор за радијацијата на која ќе бидеме изложени од антените, спротивните пак- ги побиваат сосема и тврдат дека штетноста била многу поголема од 1Г, кога започнува оваа технолошка револуција, се до денешната, 4Г технологија.

Предвидувањата говорат дека до 2024 година покриеноста со 5G ќе се прошири на повеќе од 40 проценти од светското население, судејќи според истражувањата на шведскиот телекомуникациски гигант Ериксон, а дотогаш се очекува да се финализира дебатата за штетноста на 5Г и да се согледаат вистинските, реални рамки кои не отскокнуваат вон границите на потенцијалните опасности.

 
Кои се предностите на 5Г

Карактеристиките на последната генерација на мобилна комуникација- 5г покажуваат дека оваа технологија содржи повисоки фреквенции и пропусен опсег, што подразбира несомнена предност за  корисниците- со сериозна брзина да пренесуваат и да добиваат во исто време безжични податоци (се работи за стапки до 10 Gbit во секунда), доколку се направи споредба со постарите перформанси кои ги поседуваат сегашните мобилни телефони.

Попрецизно,  ако се анализираат претходните Г мрежи, тие користеа фреквенции помеѓу 700 MHz и 6 GHz, додека 5G мрежата ќе работи на фреквенции помеѓу 28 и 100 GHz.  Неверојатната брзина е евидентна- ако 4G е 10 пати побрза од 3G, најавите за 5G говорат за фантастична брзина- таа ќе биде околу 1.000 пати побрза од 4G и оттука, сите дебати можат да се насочат исклучиво кон предностите и бенефитите што ги носат овие брзини и кои перформанси се во прашање.


Оваа петта генерација на технологија се очекува да почне да се воведува во 2020 година, ги има следниве карактеристики:

-Мрежи кои функционират без прекин и ги има насекаде- тоа подразбира дека корисникот истовремено може да поврзан со неколку безжични пристапни технологии и без прекин да се движи меѓу нив, без да стравува дека може да дојде до блокада, интерференција, ѕидови и дупки кои ќе доведат до исклучување

-Безжично мрежно поврзување и динамичко ад хок мрежно поврзување: тоа подразбира дека ќе може да се поврзете со други корисници кои се во близина и да обезбедите ад-хок безжични мрежи, а факторот време и тука е важен- станува збор за многу побрз проток на податоци

-Паметна антена, што значи дека кога тие ќе се користат, се отвора можност да се менува насоката на снопот и да се овозможи остварување на неколку директни комуникации, потоа да се ограничи интерференцијата и да се зголеми целокупниот капацитет на келијата

-Групно кооперативно пренасочување: Ова е техника со која големите брзини на преносот на податоци би се обезбедиле во широкиот простор на келијата. Во моментов брзините на податоците опаѓаат кон работ на келијата, каде што нивото на интереференција е поголемо, а нивото на сигналот е помало

-Ако 5Г мобилните системи на петтата генерација користат когнитивна радио технологија, тогаш корисничката опрема / слушалката може да пребарува радио спектар во која се наоѓа и да избере оптимална мрежа за радио пристап, потоа модулација шема и други параметри за сопствено конфигурирање, за да добие најдобра врска и оптимални перформанси.

 
Пократките милиметриски бранови што се користат во 5G не можат да патуваат на големи растојанија или да поминуваат низ објекти, и затоа е потребно да да се зајакнат со антени поставени во просек на секои 150 метри, позиционирани на уличните знаци, уличните светилки, поштенските сандачиња, се со цел за да се обезбеди стабилна врска за корисниците .
 
Опасности за здравјето: Што велат различните студии
 
Лавината реакции за опасноста на 5Г по здравјето на луѓето низ светот продолжува, но се чини дека најсилниот одек имаше петицијата на 250 научници кои ја испратија до ОН и до Светската здравствена организација (https://www.emfscientist.org/index.php/emf-scientist-appeal), а нивната загриженост е фокусирана на “мобилните и безжични телефони [2G, 3G и 4G мрежи] … и антените”, меѓу другите уреди што емитуваат радиофреквенции, а кои може да предизвикаат ризици од рак поради електромагнетното поле што го произведуваат радио брановите.

“Ефектите вклучуваат зголемен ризик од рак, стрес на клетките, зголемување на штетните слободни радикали, генетски оштетувања, структурни и функционални промени на репродуктивните системи, дефекти во учењето и меморијата, невролошки нарушувања и негативни влијанија врз општото добро во луѓето”.


Но, научниците велат дека во опасност се всушност сите живи организми на сите нивоа, кои се погодени од изложеност на електромагнетни полиња произведени од уредите за паметни телефони и преносните кули:”Оштетувањето не е ограничено само на луѓето, бидејќи има растечки докази за штетни ефекти и во растителниот и  животинскиот свет”.

“Бидејќи постои контроверзност во врска со поставувањето na стандарди за да се избегнат штетните здравствени ефекти, препорачуваме Програмата за животна средина на Обединетите нации (УНЕП) да свика и да финансира независна мултидисциплинарна Kомисија за да ги истражи добрите и лошите страни на алтернативите за постојните практики кои би можеле значително да ja намалат човековaтa изложеност на RF и ELF полињата.

Расправите на оваа група треба да се спроведувата на транспарентен и непристрасен начин. Иако од суштинско значење е индустријата да биде вклучена и да соработува во овој процес, на индустријата не треба да и биде дозволено да биде пристрасна во своите процеси или заклучоци. Оваа група треба да ја достави анализата на ОН и на СЗО, за да ги водат за мерките на претпазливост”, стои во овој апел и петиција на врвни светски научници.

Една од земјите која одби да инсталира 5Г технологија е Белгија, а официјалните аргументи се објавени преку министерката за животна средина Селин Фремо, која јасно порача на ЕУ- “одбиваме нашите граѓани да бидат експертиментални заморчиња”- е една од најцитираните изјави која се однесува на опасностите на 5Г, а за која алармира политичката елита, заштитувајќи ги со тоа граѓаните.

 
Додека постојат студии кои говорат за опасностите (https://www.sciencedirect.com/science/article/pii/S0013935118300355#screen-reader-main-title) , дел од научниот свет смета дека доколку се направи споредба, најголемата опасност лежи во апарите за рентген, затоа што станува збор за висока фреквенција, но таа опаѓа ако се анализираат телевизиските антени, радио станиците, базните станици на мобилните телефони и оттука радиијацијата е значително помала. Други научни студии ги побиваат своите колеги и говорат за претерани стравувања за опасностите, но сомнежите се насочени кон големите индустрии (https://e3.marco.ch/publish/sunrise/821_3887/20190327_MM_asut_Faktencheck_5G-EN.pdf), кои се смета дека ги плаќаат овие студии да ја прикриваат вистината.
 
Влез на 5Г но под одредени услови

Западниот свет го зголеми алармот после информациите дека Кина е всушност длабоко инволвирана во 5Г технологијата и нејзиното аплицирање на нејзината Влада овозможува целосно контролирање на останатиот свет- преку надгледување, прислушување и следење на САД и нивните сојузници. Обвинувањата за шпионски активности на Кина сепак се пресретнати, со целосната наметната блокада на влез на Хуавеи во САД- санкции кои ги зголемија тензиите помеѓу овие две земји.

Европската Комисија пред два месеци  препорача мерки “за да се обезбеди високо ниво на сајбер-сигурност на 5G мрежите низ ЕУ  (https://ec.europa.eu/commission/news/common-eu-approach-security-5g-networks-2019-mar-26_en) а препораките се комбинација на легислатива и полиси-инструменти, за да се заштитат економските, општествените и демократските системи. Со приходите во светот од 5G кои се проценети на 225 милијарди евра во 2025 година, 5G е клучно средство за Европа да се натпреварува на глобалниот пазар и нејзината сајбер-сигурност е клучна за обезбедување на стратешката автономија на Унијата.”


Дополнително, Германија веќе најави дека ќе преземе дополнителни целосни контроли, тестови  и проверки на 5Г технологијата, со што очекува да ја зајакне својата безбедност, Австралија забрани кинеските продавачи да обезбедуваат опрема за 5G мрежите, наведувајќи ги законите за разузнавање, додека Јапонија ја наведе загриженоста за безбедноста и ги убедија операторите да ја исклучат Huawei или ZTE опремата во нивните 5G мрежи.

Македонија досега не се има изјаснето за случајот со Хуавеи, но затоа пак ги отвори широко вратите за 5Г, преку телекомуникацискиот провајдер Т-Мобил, кој најави дека  на почетокот на 2020 година ќе ги овозможи првите 5Г комерцијални услуги на пазарот во Македонија.  Најавите се дека 5-Г ќе ги подобри деловните процеси, ќе биде основа на воведување на нови иновативни услуги, ултра-доверливи комуникации во делот на е-медицината, дијагностика и операција на далечина, високо ниво на комуникација во фабриките преку роботи кои треба да функционираат во реално време.

Експертот за ИТ технологија, Ванчо Орданоски (интевјуто е подолу во овој текст) ја потенцира важноста од големината и капацитетите на Т-мобил во светски рамки, кој ќе овозможи многу побрзо Македонија да се приклучи кон револуционерната 5Г технологија.

Сепак, ниту Министерството за животна средина, ниту една од невладините организации за животна средина кои ги консултиравме за сознанија за импактот врз човековото здравје и генерално целиот животински и растителен свет, се уште не можат да понудат анализи и научни сознанија, иако следната година е веќе најавена за вовед во оваа револуционерна технологија.

Со овој текст НОВА ТВ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Текстот е првично објавен ТУКА.