Стотина велешани денеска собраа повеќе од 150 килограми пластични шишиња од повеќе локации во Велес. Во акцијата беа опфатени зградите околу Центарот за јавно здравје, градскиот пазар и околу автобуската станица, а се приклучија волонтери од основното училиште „Блаже Конески“, полицијата и јавното комунално претпријатие „Дервен“. Акцијата заеднички ја организираа ЕД „Вила Зора“ и Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

Од Институтот за комуникациски студии појаснуваат дека за време на акцијата, граѓаните добиле платенени торби за собирање на ПЕТ амбалажа и биле информирани дека пластичниот отпад можат да го оставаат во специјалните жолти контејнери кои се наместени на дваесетина локации во градот.

– ЕКО-АКЦИЈАТА ИМАШЕ ЗА ЦЕЛ ДА СЕ НАМАЛИ ПЛАСТИЧНИОТ ОТПАД НА ЈАВНИТЕ ПОВРШИНИ ВО ГРАДОТ И ДА СЕ ПОДИГНЕ ЈАВНАТА СВЕСТ КАЈ ГРАЃАНИТЕ ДЕКА ПЛАСТИЧНАТА АМБАЛАЖА ТРЕБА ДА СЕ СОБИРА И СЕЛЕКТИРА, ПОЈАСНУВААТ ОД ИНСТИТУТОТ.

Воедно информираат дека во земјава  се рециклира само мал процент од пластиката.

– ОД РЕЧИСИ 14.000 ТОНИ ПЛАСТИКА ШТО СЕ СОЗДАВА ГОДИШНО НА ПАЗАРОТ, СЕ РЕЦИКЛИРААТ САМО 19 ПРОЦЕНТИ ИЛИ ОКОЛУ 2.600 ТОНИ. СО ЕДЕН ТОН РЕЦИКЛИРАНИ ШИШИЊА (20.000 ШИШИЊА) СЕ ЗАШТЕДУВА ЕНЕРГИЈА КОЛКУ ШТО ТРОШАТ ДВЕ ЛИЦА ВО ТЕКОТ НА ЕДНА ГОДИНА (ОКОЛУ 5.700 КИЛОВАТИ) И КОЛИЧИНА НА ВОДА ШТО БИ ЈА КОРИСТЕЛ ЕДЕН ЧОВЕК ЗА ВРЕМЕ ОД ДВА МЕСЕЦА. РЕЦИКЛИРАНАТА ПЕТ ПЛАСТИКА СЕ КОРИСТИ КАКО СУРОВИНА ЗА ПРАВЕЊЕ ШИШИЊА И САДОВИ ЗА ПАКУВАЊЕ, А МОЖЕ ДА СЕ КОНВЕРТИРА ВО ВЛАКНА, ТКАЕНИНИ, ХАРТИЈА ЗА ПАКУВАЊЕ, ДУРИ И ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА АВТОМОБИЛСКИ ДЕЛОВИ. СО РЕЦИКЛИРАЊЕТО СЕ НАМАЛУВААТ КОЛИЧИНИТЕ НА ПЛАСТИКА НА ДЕПОНИИТЕ, ЕМИТУВАЊЕТО НА СТАКЛЕНИЧКИ ГАСОВИ И ЗАГАДУВАЊЕТО НА ПОЧВАТА, ПОДЗЕМНИТЕ ВОДИ И ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ, ИНФОРМИРААТ ОД ИНСТИТУТОТ.