Централната власт и Скопје ја започнаа битката за тоа кој да ги приклучува домаќинствата во главниот град со природен гас. За градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, јавното-приватно партнерство е недозволиво, а за министерот за економија Крешник Бектеши, тоа е единственото решение, бидејќи општините немаат доволно капацитет за ваква имплементација.
„…Ако градот или единиците на локалната самуправа не се креатори на енергетските политики на територија на општина, може да ни се случи да развојот на гасификација се одвива во делови каде што веќе имаме топловодна мрежа, а тоа би било поефтиниот начин за развој на гасификацијата, но дефинитивно погрешен“, рече Петре Шилегов градоначалник на град Скопје.
Според Шилегов, доколку општините ги приклучуваат домиќинствата, ќе понудат и социјални пакети со целосната опрема, но според Бектеши, тоа би го забавило целиот процес на гасификација.
„…Јас мислам дека во моментов немаме ние градови коишто можат тие да го имплементираат на таков начин за да им дадат можност со нивните јавни претпријатија да вкучат толку домакинства што цената би била конкурентна и би била во интерес на домаќинствата во споредба со снабдување со електрична енергија или до друг вид на извори“, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.
Според предвиденото, први жители во Скопје кои би имале природен гас во домовите би биле жителите од: Ѓорче Петров, Радишани, Бутел, Гази Баба и Драчево.
Примарната и секундарната мрежа во Град Скопје е веќе завршена. Терцираната или внесувањето на гасот во домовите, ќе почека сè додека не се лиценцира фирмата Градски енергетски систем (ГЕС) што ја формираше градот Скопје, но по сè изгледа и додека не се договорат централна власт и општините – кој ги приклучува домаќинствата.
Андреа Чобанова
Текстот е првично објавен ТУКА.