Ритуалот на наводнување и разладување со цревото во рака ќе биде сè поретко возможен во следните декади. Сè повеќе ќе ни недостасува основниот елемент – водата.
Во националните планови за климатски промени анализирани се неколку сценарија за водните ресурси во кои се предвидува намалување на врнежите од 15 отсто до 2050 година. Генералната достапност на водата во Македонија се очекува да се намали за 18 проценти до 2100 година. Сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени. Недостигот на вода ќе биде најизразен во источните делови од земјата.
Последиците од климатските промени врз водните ресурси ќе бидат и физички и економски. Намалените резерви на вода - поради намаленото количество снег, поголемото испарување и другите промени во климата - ќе предизвикаат зголемување на цената на водата и ќе предизвикаат сериозни последици врз земјоделскиот сектор и безбедноста со храна. Промените на снежната покривка и топењето на снегот ќе влијаат врз количеството енергија што се произведува во хидроелектраните и врз снабдувањето со вода во градовите. Ова ќе има и политички последици – ќе се јави поголема конкуренција за водните ресурси и управувањето со водата ќе стане многу чувствително прашање.
Фото и обработка: Кире Галевски
Текст: Јане Димески
Производот го изработи Инситутот за комуникациски студии.