Стратегијата за одбрана ќе биде дополнета со посебен дел за мерки и активности за еколошка безбедност, а првпат во историјата на дневен ред на Советот за безбедност ќе биде заштитата на животната средина, изјави претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува“.
-Иако беше во завршна фаза, пред да ја потпишам ја вратив во процедура Стратегијата за одбрана за да ја дополниме со посебен дел за мерки и активности за еколошка безбедност. Исто така, на идната седница на Советот за безбедност, којашто ќе се одржи во средината на декември, заштитата на животната средина ќе биде ставена, за првпат во историјата, како точка на дневниот ред, а на таа седница ќе бидат поканети да присуствуваат претставници на граѓанските организации кои ќе имаат можност директно со членовите на Советот да разговараат за оваа важна тема и да предложат мерки за поголема заштита на животната средина и справување со загадувањето – рече Пендаровски.
Тој кажа дека ја поддржува заложбата на граѓанскиот сектор да имаме поголем државен буџет за заштита на животната средина со цел да се приближиме кон просекот на земјите членки на ЕУ, како и дека го поддржува предлогот за создавање национален фонд за заштита на животната средина.
-Минатата седмица се сретнав со претставници на десетина граѓански организации и иницијативи кои ми се обратија за преземање мерки за заштита на животната средина. Она што им го ветив ним, ќе го повторам и денес. Како претседател ќе сторам сè што е во моја надлежност, но и јавно ќе повикам на поголем ангажман на повеќе надлежни сектори во нашето општество заради ублажување на негативните ефекти кои сите ние ги чувствуваме – рече Пендаровски.
Текстот е првично објавен ТУКА.