Istrazuvanje-na-NOVA-Gradskata-bucava-predizvikuva-seriozni-bolesti-intro.jpg

Загрижувачки пораст на бучавата е регистриран во Скопје и Куманово каде дневната бучава е зголемена за 10 децибели на некои мерни места, а на поедини мерни места зголемена е и ноќната бучава. Оваа состојба е посебно изразена  во подрачје со втор степен на заштита, во станбена зона, во близина на предучилишни и училишни објекти, покажуваат мерењата на Центрите за јавно здравје.

Бучавата се мери во Скопје, Битола, Кичево и Куманово од страна на Центите за јавно здравје. Во Скопје се мери на 14 мерни места, на пролет и есен. Мерењата покажуваат дека во Битола и Кичево постои лесно зголемена изложеност на бучава.

Бучавата станува се поголем проблем во поголемите градови поради интензивниот процес на урбанизација, технолошкиот развој, порастот на популацијата, густата населеност и зголемената густина на сообраќајот, употребата на застарени возила, гласната музика во угостителските објекти.

Експертите што се занимаваат со оваа проблематика предупредуваат дека ваквиот начин на загрозување на животната средина има негативно влијание врз квалитетот на животот на граѓаните и  предизвикува сериозни последици по здравјето на луѓето. Последиците не се само директни, туку имаат и кумулативни негативни здравствени ефекти врз здравјето на луѓето, врши деградација на специфичните животни средини како што се средините за учење и одмор, вели проф.др. Гордана Ристовска од Секторот екологија при Институтот за јавно здравје.

„Негативните здравствени ефекти кај изложената популација се манифестираат како вознемиреност, нарушување на спиењето, пречки во говорната комуникација, кардиоваскуларни заболувања, нарушување на менталното здравје, успорен интелектуален развој на децата. Во однос на изложеноста на бучава, на удар се стари лица, луѓе со оштетен слух, деца кои се во фаза на когнитивниот развој и психички лабилни личности“, изјави за НОВА, проф.др. Ристовска.

Бучавата доведува до сериозни заболувања,губење на слух и пречки во развојот кај децата

Дека децата кои учат и живеат во мешовита станбено-деловна зона, во централнотот подрачје на град Скопје, се изложени на зголемено ниво на бучава, повисоко од 55 децибели. За разлика од нив децата кои живеат и учат во приградска населба која е исклучиво станбена зона се изложени на бучава пониска од 55 децибели, покажува истржувањето на Институтот за јавно здравје

„Неуротските пореметувања поврзани со стрес  кај училишните деца се истражувани преку утврдување на анксиозност, внимание, хиперактивност, социјална  адаптабилност  и  опозиционерство. Промени  во однесувањето кај учениците кои живеат и учат во средина со зголемено ниво на бучава во градот Скопје се веќе изразени на возраст од 10-11 години  и се манифестираат како намалена социјална  адаптабилност и зголемено опозиционерството“, вели проф.др. Ристовска.

Истражувањата кај возрасната популација пак, покажуваат дека во мешовити станбено-деловни зони дневното и ноќното ниво на бучава ги надминува граничните вредности за 9 до 15 децибели.

Утврдено е дека постои висок степен на вознемиреност кај 13% од урбаната популација и кај 33% е застапен умерен степен на вознемиреност. Доминантни извори кои предизвикуваат вознемиреност се бучавата од градежните активности, бучавата од сообраќајот, бучавата од угостителството и луѓе собрани на едно место.

Висок степен на нарушување на спиењето предизвикан со комуналната бучава постои кај 8% од урбаната популација, а умерен степен на нарушување на спиењето е утврден кај 18%, односно вкупно кај 26% е евидентирано нарушување на спиењето. Најчести причини се: сообраќајната бучава, бучавата од соседството, бучавата од социјалните активности на луѓето.

Граѓаните треба да бидат претпазливи кон секаков вид бучава бидејќи секоја е штетна за човечкото уво и може да доведе до оштетување на слухот, предупредува проф. Др. Марина Чакар од Клиниката за уво, нос и грло чија специјалност е аудиологијата,

Таа објаснува дека прекумерната бучава може да предизвика директна механичка повреда на структурите во внатрешното уво. Штетниот ефект на бучавата врз органот за слух зависи од физичките карактеристики на бучавата , нејзиниот интензитет, фрекфенција и ритам  како и од неговито времетраење.

„Таквите пациенти се жалат дека не можат да ги разберат своите  соговорници па дури и кога тие погласно зборуваат. Бучење во ушите може да биде прв знак кој укажува дека нешто се случува со слухот, симптом кога пациентот треба да се упати на специјалист аудиолог заради испитување на слухот и профилактички мерки, што е од особено значење бидејќи оштетувањето на слухот од бучава е неизлечиво. Слухот може да се надомести со одредено помагало , но инвалидитетот останува трајно“објаснува проф. Др. Марина Чакар, раководител на одделот за Аудиологија при Клиниката за уво, нос и грло.

Очигледно, е вели таа, дека никој од нас не размислува за последиците од бучавата на која секојдневно сме изложени , на секојдневната сообраќајна бучава на  блокираните градски улици, на премногу гласната музика во дискотеките со интензитет над 115 децибели, ниту на гласната музика на која свесно се изложуваме слушајќи ја преку слушалки.

Експерти: Со урбанистичкото планирање ќе се намали бучавата

Голем број истражувања во последните децении укажуваат на бучавата како на загадување на животната средина, односно дел од загадувањето на воздухот, кое претставува вистинска закана за здравјето на луѓето и квалитетот на живеење, објаснува за НОВА, Марија Хаџи-Николова, вонреден професор на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

„Процесот на забрзана индустријализација, интензивираниот сообраќај го наметнаа проблемот на предизвикување на глувост од страна на бучавата, а засилената музика исто така го зема својот данок. Иако гласната музика предизвикува задоволство за многумина, прекумерната бучава која произлегува од модерната индустрија и сообраќајните средства не претставува задоволството речиси за никого. Во современото општество мирот и тишината стануваат сѐ понедостижни“, вели професорката Хаџи Николова.

проф.др.Марија Хаџи Николова-Универзитет „Гоце Делчев“-Штип

Таа потенцира дека поради сѐпоголемата концентрација на различните видови на енергија, засилено интензивирање на сообраќајот, употребата на нови моќни машини и сообраќајни средства, доаѓа до значителен пораст на нивото на бучава во урбаните средини. А, бучавата е несакан и непожелен звук кој смета, иритира, вознемирува и е штетен за човекот.

Мирот на граѓаните од штетна бучава се нарушува кога граничните вредности за основните индикатори за бучавата во животната средина предизвикана од различни извори се повисоки од:

Подрачје диференцирано според степенот на заштита од бучава Ниво на бучава изразена во dBA
Lд Lв Lн
Подрачје од прв степен 50 50 40
Подрачје од втор степен 55 55 45
Подрачје од трет степен 60 60 55
Подрачје од четврт степен 70 70 60

 

Графикон: Lд е индикатор на вознемиренот преку ден, Lв е во текот на вечерта, а Lн е индикатор на вознемиреност преку ноќ

Лабораторијата АМБИКОН во рамки на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип во текот на 2016 година, во соработка со Министерството за животна средина,  реализирале проект за мониторинг и мапирање на нивото на бучава во урбани средини.

Мерењата се вршени на фрекфентни места во Скопје, Куманово, Тетово, Битола и Штип.

Резултатите  од извршениот мониторинг на нивото на бучава во дел од населба Аеродром во Скопје, дел од централното подрачје во Тетово и во централното подрачје на Штип покажале дека нивото на бучава ги надминува граничните вредности за сите три индикатори за вознемиреност од бучава, LД, LВ, LН, за дневно и вечерно ниво на бучава во просек тоа зголемување се движи од 5 до 7 децибели за сите мерни места. Драстично повисоко ниво на бучава во однос на граничните вредности има кај индикаторот за вознемиреност за ноќна бучава, кое надминување во просек изнесува од 12 до 15 децибели, со што се нарушува мирот на граѓаните.

„Високото ниво на бучава во сите три подрачја е резултат на сообраќајната бучава, зголемениот број на моторни возила, неисправноста на моторните возила, застарениот возен парк, оштетените коловози, непосредната близина на резиденцијалните објекти до сообраќајниците, несоодветното урбанистичко планирање, околните кафе-барови и трговско-деловните објекти, се вели во истражувањето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

По ова, експертите изработиле предлог мерки за воспастување на државна мониторинг мрежа за континуирано мерење на нивото на бучава во Скопје, Тетово, Куманово и Битола така што на главните патишта, железнички пруги, аеродромите да се изработуваат стратешки карти на бучава и акциони планови со предлог мерки за намалување на нивото на бучава.

Препорачано е и новите станбени објекти да имаат добро урбанистичко планирање, звучна изолација и акустична обработка на просторот, а кај веќе постоечките објекти примена на мерки за внатрешна звучна изолација.

„ Современиот пристап во контролата и управувањето на бучавата во урбаните средини е од големо значење за идентификација на изворите на бучава во урбаните средини, како и за идентификација на штетните влијанија и ефектите врз здравјето на луѓето, а согласно со ова и преземање на соодветни мерки за намалување на нивото на бучава на оние места каде што измерените нивоа на бучава ги надминуваат граничните вредности утврдени со Правилникот за гранични вредности на нивото на бучава во животната средина“, вели проф. Марија Хаџи-Николова, од Универзитот во Штип, која докторирала токму на оваа проблематика.

Експертите од различни области кои работат на оваа проблематика се согласни дека надлежните не преземаат сериозни мерки за заштита на граѓаните од бучавата.

“Постојат закон и подзаконски акти кои ја регулираат бучавата, постојат дефинирани гранични вредности, но никој не ги почитува, никој не води сметка за тоа. Локалната власт е одговорна за да ја изработи мапи за бучава и акциони планови за намалување на бучавата. Но тоа е проблем кој нема примарно значење, загадувањето на воздухот е проблем број 1. Но ако се преземат сериозни мерки за намалување на загадувањето на воздухот, секако дека тие ќе влијаат и намалувањето на бучавата,“ додава проф. др. Ристовска.

Надлежните се правдаат- има сет на мерки за заштита од бучавата

Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ  најави дека од следната недела,  музика во угостителските објекти ќе има само до 22 часот.

„Изготвуваме Правилник според кој од наредната недела угостителските објекти ќе можат да пуштаат музика само до 22 часот. Во однос на друг вид на бучава од градилишта и слично, доколку има пречекорувања, се издаваат Решенија за запирање на градбата или се даваат насоки како понатаму“, изјави за НОВА, градоначалникот Богдановиќ.

Во Град Скопје потенцираат дека во рамки на своите надлежности превземаат голем број на мерки и активности на посочената проблематика.

„Во моментов трае јавната набавка за изработка на Стратегиска карта на бучава на Град Скопје и акционен план за бучава. Станува збор за изработка на стратегиска карта која претставува темелна карта за бучава со сеопфатна проценка за опфатноста на бучавата и изложеноста на населението од различни извори. Станува збор за продолжување на активностите и анализите на состојбите со бучавата кои Секторот за заштита на животната средина на Град Скопје ги врши, додека со акциониот план треба да се дадат план за управување со проблемите и ефектите предизвикани од бучавата, вклучувајќи и активности за намалување на бучавата“, велат од Град Скопје.

Од таму објаснуваат дека Стратегиската карта на бучава мора да ја опфати бучавата што ја емитираат патниот и железничкиот сообраќај, бучавата од авионите, како и индустриски локации или инсталации кои се обврзани да обезбедат интегрирани еколошки дозволи или решенија за одобрување на еколошки елаборати.

Град Скопје

Од аспект на контрола и инспекциски надзор, Град Скопје е надлежен за контрола на бучавата од сообраќајниците, како и од инсталациите кои имаат Б интегрирана дозвола.

„ Државните инспекциски служби се надлежни за контрола на големите индустриски капацитети кои работат со А интегрирани дозволи, бучавата на автопатите, како и авионскиот и железничкиот сообраќај. Општините се надлежни за контрола на бучавата од малите индустриски погони, угостителските објекти и слично“, велат од Град Скопје.

Министерството за животна средина чека на странски проекти за борба против бучавата

Со оглед на тоа дека бучавата се мери само во четири градови во државата, НОВА се обрати со прашање до Министерството за животна средина,  дали сметаат дека се потребни повеќе мерни станици на ниво на држава.

„Дали се потребни повеќе мерни станици во моментот не можеме да кажеме со оглед на тоа што само што започна да се спроведува проект финансиран од ИПА кој се однесува на Информативен систем за животна средина каде што е планирано да се направи проценка на мерните станици и мерните места и за делот за бучава и да се види дали постоечките се доволни или има потреба од измена или дополнување“, се вели во одговорот на Министерство  за животна средина и просторно планирање.

Од таму објаснуваат дека надлежна инспекција за вршење надзор за Законот за заштита од бучава е Државниот инспекторат за животна средина и овластените инспектори за животна средина во општините.

Во  Законот за заштита од бучава во животната средина пропишани се санкции за прекршоци кои се изрекуваат од страна на Комисијата за прекршоци од областа на животната средина  и надлежен суд.

Според податоците од оваа Комисија, граѓаните најмногу се жалеле и пријавувале бучава од угостителски објекти.

„За ваков вид на прекршоци досега се изречени санкции најмногу од страна на Прекршочната Комисија при Министерството за животна средина и просторно планирање. Праксата покажа дека најмногу санкции се изречени за бучава од кафулиња и дискотеки (угостителски објекти) и оваа бучава претставува најголем проблем согласно пријавите на граѓаните и направените надзори од страна на инспекторите за животна средина. Исто така, има изречено санкции и за бучава предизвикана од авто-механичарски и други работилници“, велат во ресорното Министерството.

Казните се движат од 500 до 20 000  евра за правни лица и од 150 – 450 евра за физички лица, а според  податоците од Прекршочната комисија, најмногу казни се изречени во висина од 500 евра за правни лица каде што спаѓа бучавата од угостителски објекти.

Со оваа сторија Нова ТВ се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ на Институтот за комуникациски студии.
Сторијата е првично објавена ТУКА.