127034d9e7607f8f0f8c5c3c21900460_w790.jpg
Вкупно 140.809 тони комунален отпад биле собрани и транспортирани минатата година само во Скопје, што претставува зголемување за 2.612 тони или 1,74 проценти во однос на 2017 година, кога според Државниот завод за статистика во Македонија е собран комунален отпад од 635.875 тони, а количеството на вкупно создаден комунален отпад изнесува 786.881 тони.
 
Годишното количество, пак, на создаден комунален отпад по жител во 2017 година изнесувал 379 килограми, што е за 1,3 отсто помалку од истото количество во 2016 година.
 
Во просек годишно во земјава се создаваат околу 700.000 тони отпад, односно секој човек создава по околу 350 килограми годишно. Деведесет проценти од ѓубрето завршува на дивите депонии, за кои се проценува дека ги има околу илјада во целата држава. Во вкупниот отпад дури 38.000 тони се пластика, а над 40.000 тони се стакло – цврст отпад за кој се потребни векови да се распадне.
 
Дополнително, индустриските капацитети создаваат токсични отпадни води, кои често не се пренасочени кон пречистителна станица и ја загадуваат почвата и подземните води.
 
Во насока на ефикасно управување со отпадот во Македонија, студенти од Машински факултет работат на изнаоѓање решенија потенцирајќи ја важноста на ефикасно управување со отпадот за квалитетот на животот на граѓаните и решенија за несоодветните пракси во Македонија во врска со придобивките од рециклирање пластика и стакло, искористувањето на топлината од согорување на отпадот и третирањето на отпадот од отстранување до спречување на неговото создавање. Постои ниска свест за природата и екологијата, потребни се повеќе кампањи за подигнување на свеста кај луѓето за да рециклираат, да се обезбедат соодветни места каде ќе можат да се обезбедат соодветни амбалажи, односно најразлични контејнери. Ова се само дел од препораките кои денеска ги упатија студентите од Машинскиот факултет во Скопје.