Студентите од Архитектонскиот факултет понудија решенија како да се подобрат јавните простори и квалитетот на животот на граѓаните во една од најатрактивните области за живеење во Скопје, Дебар Маало. Тие ги претставија нивните предлози преку постери и видеа како да се надокнади изгубеното од интензивното градење во оваа населба и да се пренаменат постојните локации.
Меѓу избраните локации се Кружниот тек (Круг), дворот на Министерството за култура и локалниот парк „Славка Недиќ“.
Кружниот тек е простор помеѓу 8 градски блока и познато место во Дебар Маало, каде се наоѓаат кафулиња и мали ресторанчиња, но и детска градинка и атрактивни згради за живеење. Предизвикот е како да се помират различните содржини и да се создаде нов квалитетен градски простор.
Автори: Љубица Бојаџиева, Јордан Лазороски, Ивана Коцевска, Ангела Кузмановска
Дворот на Министерството за култура е со инзвонреден квалитет, но е затворен и не се користи. Луѓето кои живеат во околината сакаат овој простор да биде отворен и збогатен.
Автори: Никола Стефков, Ангелинка Парговска, Викторија Митева, Маја Стојкова
Локалниот парк „Славка Недиќ“, некогаш уреден и многу користен простор, денес е опседнат од автомобилите од новите околни згради кои немаат паркиралишта. Со негово преуредување ќе му се врати улогата на локален парк, но со збогатени содржини.
Автори: Елена Клековска, Тијана Стојковска, Бојана Тоневска и Марија Стоилова