Кога не разбирате што ви се зборува, ќе мораме да ви нацртаме, е пораката на граѓанските здруженија кои се борат за здрава животна средина и чист воздух.
О2 Иницијатива во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС) направија денеска акција во Градскиот парк во Град Скопје, симболично доцртувајќи ги забетонираните корења на дрвјата, ставајќи синџири и оставајќи пораки за слобода на зеленилото.
Со тоа, ги повикаа надлежните градски и општински власти да го отстранат бетонот со кој се задушени корењата на повеќе од 1.000 дрвја на територијата на Скопје, но и низ останатите градови во државата.
„Како градоначалник кој раководи со Координативното тело на градоначалниците во градов, првиот човек на Скопје, Петре Шилегов има можност, но и должност, да го постави ослободувањето на сите заробени дрвја како заедничка акција. Шилегов неодамна изјави дека само 187 од над 1.000 заробени дрвја во Скопје биле под нивна наделжност, но дури и од нив градот во период од шест месеци, ослободил само 20“, велат активистите.
Според граѓаните, ефектот на една крошна од овие возрасни дрвја не се реплицира ниту со 100, ниту пак со 200 новозасадени.
Експертите од Министерство за шумарство рекоа дека дрвјата мораат да бидат ослободени веднаш, без ниту еден ден допонително одолговлекување, бидејќи летните жештини и високите температури ќе значат угинување на најмалку 200 до 300 повеќедецениски, во моментов, исклучително загрозени дрвја.
Деканот на Шумарскиот факулет Кирил Сотировски, на неодамнешната конференција „Шанса за Скопје“ изјави дека главниот град претставува термички, топлотен остров, бидејќи со неконтролираната урбанизација зеленилото е уништено на големи површини, а голем дел од постоечките дрвја не се здрави.
„Зелените површини според генералниот урбанистички план на Скопје во 2012 година, завземаат вкупно 529 хектари односно 6 отсто од вкупната површина на градот, се наведува во Студијата за озеленување и пошумување на подрачјето на Град Скопје од 2015 година“, соопштуваат активистите што стојат позади акцијата.
Граѓаните нагласуваат дека едно дрво може да претставува живеалиште на голем број птици и инсекти. Колку е крошната поголема, толку е поголем неговиот биодиверзитет.
Дел од жителите на крошните, велат тие, се биоконтролори на паразитите кои се штетни и за човекот.
„Биодиверзитетот во урбаните области ни обезбедува и економски и еколошки придобивки, кои значајно влијаат врз квалитетот на животот на градските жители. Градското зеленило го прочистува воздухот и ја апсорбира прашината и штетните гасови за 30 до 40 отсто. Во деловите со интензивно зеленило, загаденоста на воздухот е за два до три пати помала од другите делови на градот. Градските паркови штитат од бучава, силно сонце и ветрови и ја регулираат температурата во населбите“, велат активистите.
Текстот е првично објавен ТУКА.