Кога станува збор за нашата земја конкретно ни се заканува пократко траење на снежната покривка на Галичица, Бистра, Јабланица и исчезнување на најголем дел од сегашните алпски пасишта. Во Повардарието се помалку ќе се раѓа лозје, јаболка, домати и луцерка. Ќе се бориме со поместените годишни времиња и ќе „изгориме“ на растечките температури на воздухот, а прашањето за нашиот удел во ублажувањето на негативните последици од климатските промени, се чини како да им го отстапуваме на некој друг. Дали оставаме и идните генерации да страдаат од нашето ноншалантно однесување кон природата?
Свеста на луѓето и капацитетите на институциите – многу ниски?
„Гоу грин“ е здружение за одржлив развој и заштита на животната средина кое веќе една деценија ја промовира визијата за свет во мир каде луѓето живеат во целосна хармонија со природата. Нивните напори да се подигне еколошката свест кај сите инволвирани се континуирани, но ситуацијата на терен и не е толку сјајна.
Антонио Јовановски, извршен директор на „Гоу грин“ смета дека граѓаните не се свесни за климатските промени.
„Сѐ уште се добива впечатокот дека климатските промени се случуваат некаде таму, далеку од нас, а не ни е јасно дека наглите температурните разлики од топло ладно се всушност последица на климатските промени. Температурата ќе станува се по радикална и променлива, ноќните температури во април достигнаа и 0 степени што придонесе за загуба на раноградинарски култури, временските сезони се поместуваат, сето тоа навидум е безопасно, но последиците се катастрофални во различни сектори и ќе влијаат во сите сегменти на живеењето“, вели Јовановски.
Песимистичка е ситуацијата и кога станува збор за институциите.
„Капацитетите на институциите кога станува збор за соочување со климатските промени се на ниско ниво, односно потребно е нивно зајакнување. Има проекти насочени во таа насока, но сепак политичките приоритети во државата се на друго место“, констатира Јовановски кој се надева дека со подготвување на Закон за климатска акција и Стратегија за клима ќе се мобилизираат поажурно сите институции и климатските промени ќе бидат на агенда во секоја институција бидејќи секоја област и институција е важна и поврзана со климатските промени.
Младите се мобилизираат, институциите се трудат?
Пооптимистички став за ова прашање има Бојана Станојевска Пецуровска од Центар за климатски промени.
„Во последните неколку години може да се забележи висока свесност кај граѓаните за проблемите од областа на животната средина вклучително и климатските промени. Како резултат на тоа се јавува зголемен граѓански активизам, особено кај помладите генерации кои во последната година освен на социјалните медиуми почнаа и јавно да се организираат. Сепак, со сигурност може да се каже дека иако во помал број, постојат и граѓани кои не размислуваат за климатските промени како потенцијална закана за своето здравје и намалувањето на квалитетот на живот. Позитивно е што голем дел од оние кои се свесни за климатските промени преземаат и одредени акции директно или индиректно“, смета Станојевска Пецуровска.
Таа потенцира дека акција за борбата со климатските промени потребно е да преземат и институциите.
„Институциите во Македонија кои имаат надлежности поврзани со климатските промени се свесни за последиците па така со години наназад работат на планирање и идентификување мерки за справување со климатските промени. Досега се изработени голем број плански документи кои даваат прецизни насоки за потребните мерки кои е потребно да се преземат во секторите земјоделство, енергетика, транспорт, отпад, води, природа,намалување на ризикот од природни непогоди и катастрофи и сл. Важно е да се напомене дека овие активности бараат големи финансиски средства, заеднички напори на сите засегнати страни и интегриран пристап во решавањето, како на национално така и на регионално и глобално ниво. Истовремено, потребна е и експертиза и долгогодишни човечки напори како и континуитет во спроведувањето на активностите кој често пати изостанува“, додава Станојевска Пецуровска.
Температурите ќе продолжат да растат
Третиот Национален план за климатски промени опфаќа моделирања за влијанието на климатските промени во земјава до 2100 година.
Загрижувачки е што до 2100 година може да дојде до намалување на приносите на винова лоза до 59%, домат до 84%, јаболка до 59%, луцерка до 70%. Најранлив земјоделски регион од климатски промени е Повардарието.
„Порастот на просечната температура за 6,5°C до 2100 г., ќе доведе до пократко траење на снежната покривка на Галичица, Бистра, Јабланица и исчезнување на најголем дел од сегашните алпски пасишта. Климатските промени во земјава може да предизвикаат поинтензивни и продолжени сушни периоди поради намалување на врнежите во летниот период за 16-26% просечно“, информираат од „ГоуГрин“.
Дали се менува еколошката перцепција?
И покрај овие предупредувачко-заканувачките факти луѓето како да не се заинтересирани да ја преземат ситуацијата во свои раце.
Во испитувањето на јавното мислење за климатските промени од 2017-та година кое е дел од Вториот двогодишен ажуриран извештај за климатски промени на Министерството за животна средина и програмата УНДП најголем дел од испитаниците одговориле дека тоа е прашање со кое треба да се занимаваат властите, бизнис секторот и индустријата. Но, значителен дел изјавиле и дека немаат доволно информации за климатските промени.
Дали две години подоцна перцепцијата за опструкциите на природата е подобрена со оглед дека расте трендот на алтернативен сообраќај, користење на обновливи извори на енергија, државна помош за намалување на аерозагадувањето од греење на дрва, намалување на градежната експанзија итн. останува да покажат релевантните документи и се разбира сликата на терен!
Повеќе шуми за помалку штета од климатските промени
Климатските промени ќе имаат негативно влијание на моликата на Пелистер, велат од „ГоуГрин“ појаснувајќи дека за да може да ги апсорбира сите свои годишни емисии, нашата држава треба да има најмалку 10 пати повеќе шуми отколку што има сега.
Периодов актуелен e eко предизвикот секој еден да засади дрво, но и да предизвика уште тројца други да го сторат истото. Иницијатор е заменик министерот за финансии Кирил Колемишевски, а предизвикот го прифатија и други функционери, политичари, професори, граѓани... Останува да го видиме резултатот од оваа иницијатива која во секој случај е за поздравување, оценува јавноста на социјалните мрежи.
Дали во Македонија прецизно се мери влијанието на климатските промени врз различни сектори?
Јовановски од Гоугрин смета дека се мери влијанието врз секторите, но поголем фокус се дава кон мониторинг и верификација на изворите на емитирање на стакленички гасови (од кој сектор колку стакленички гасови емитува), што е и обврска спрема Обединетите Нации и Парискиот договор. „Влијанието на климатските промени врз секторите, се анализира при подготовка на План за климатски промени, а последниот Третиот национален план за климатски промени е подготвен во 2013 година. Од тогаш се подготвени документи, како „Придонес кон Парискиот договор и аналитички документ“, „Двогодишен извештај за климатски промени“ и други“, појаснува Јовановски.
„Мерките и нивното планирање се недоволни во борбата со климатските промени доколку отсуствува нивното навремено и целосно спроведување што во голема мера е условено пред се од финансиските можности и човечките капацитети кои пак најчесто отсуствуваат при спроведувањето на мерките“, вели Станојевска Пецуровска.
Автор: Христина Николовска
Со овој прилог, МКД.мк се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Прлогот е првично објавен ТУКА.