fgvhbjn-777x437.png

„Овој дом верува дека државата (не) презема соодветни мерки за справувањето со загадувањето“ е темата на која вечерва се дебатира во Младинскиот културен центар, кино „Фросина“.

Организатор на дебатата е Младинскиот образовен форум (МОФ) во соработка со Институтот за комуникациски студии (ИКС).  Дебатата е во рамки на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ што ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје.

Учесниците на дебатата сметаат дека е потребно да се утврди какви конкретни мерки преземаат државните органи и институции.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули изјави дека постојат четири различни студии за загадувањето кои укажуваат дека во скопскиот агломерациски регион, во Битола и во Тетово, најголем извор на загадување е домашното затоплување.

– Ако затоплувањето е најголем проблем, можете да имате затоплување што не загадува, или од струја,  или од гас, или да се приклучите на парно. Сите директиви на ЕУ, посебен план за приклучување на парно, стимулирање субвенции за инвертори, одат во тој правец. Не постои механизам да го земете воздухот и да го однесете некаде и затоа овој план аргументирам е добар, зошто тоа е единствената мерка да се справите со изворите на загадување, рече Макрадули.

Директорот на депонијата Дрисла, Горан Ангелов даде уверување дека депонијата не е загадувач во Скопје.

-Во Дрисла работат 160 луѓе, кои секоја година одат на лекарски прегледи. Ако сум директор на депонија, и јас сакам животна средина. Ресорното министерство двапати не казни, не ни се баш пријателски настроени. Ве уверувам дека депонијата Дрисла не е причинител за аерозагадувањето во Скопје- рече Ангелов.

Невена Георгиевска од О2 Иницијатива изјави дека не верува во мерките што ги презема власта.

– Некој вид изговор е тоа што и во 20 други земји во ЕУ веќе имаат проблем со аерозагадување. Кај нив проблемот во аерозагадување е надминување над граничните вредности неколку дена во годината.  Кај нас имаме надминување не само во препорачаните 35 дена, туку имаме надминување фактички во 300 дена во годината. Значи ние сме на некој начин професионалци во однос на загадување и кога се споредуваме со  овие европски земји. Затоа во светски рамки нашите градови се на прво место, некаде до трето стигнуваме, меѓутоа европски градови не гледаме во тие светски топ листи, рече Георгиевска.

Текстот е првично објавен ТУКА.