„Аерозагадувањето е многу високо и ја надминува дозволената граница и затоа очекувам здружени акции на релевантни институции, но и акции од нашите граѓани“, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во интервјуто со средношколците кои се сретнаа со него на Медиумскиот ден посветен на животната средина, а кој се организираше во рамките на кампањата „Не игнорирај! Реагирај“ на Институтот за комуникациски студии. Претседателот изјави дека „иако мерките за здрава животна средина чинат многу, не треба да се плашиме да вложуваме повеќе затоа што се работи за здравјето на децата“. „Не само нашиот туку и животот на идните генерации зависи од сегашните активности што ќе ги преземеме“, рече Пендаровски.
Мартин Димитровски, СУГС „Орце Николов“: Како Вие како Претседател може да ни помогнете да си ги вратиме годините кои ги изгубивме дишејќи го овој загаден воздух и да го намалиме загадувањето кое ни ги одзема годините од нашиот живот затоа што секое излегување до училиште, секоја прошетка е иста. Како да пушиме цигари. Не убива полека, но сигурно.
Пендаровски: За жал, не можеме да ги вратиме тие години. Таа штета врз генерации и генерации е веќе направена и не постои реверзибилен процес за да ги намалиме штетите од тоа што сме го дишеле децении наназад. Нашето здравје е неповратно затруено од тие децении на негрижа.
Јас немам директна надлежност, но она што посебно ми пречи е што ние се занимаваме со мерки против загадувањето дури откако ќе почне загадувањето. Сега кога ќе почне грејната сезона, а многу домаќинства се греат на дрва, и кога ќе покажат мерните станици загадување, тогаш се прашуваме „Што правиме?“. Ние треба да ги притискаме надлежните институции 365 дена во годината - да не им даваме да дишат, буквално. Јас го поддржувам граѓанскиот активизам затоа што само така се добиваат поголеми права. И ова е основно човеково право – право на здрав живот.
Марко Ингилизов, СОУ „Кочо Рацин“ - Велес: На кој начин би ги убедиле светските лидери дека климатските промени треба да бидат приоритни за решавање и покрај националните проблеми што ги имаат - но тоа да биде видливо, а не само на хартија?
Пендаровски: Пред еден месец кај мене беше амбасадорот на Финска, земја која сега е претседавач со Европската унија. Кога го прашав кои ќе бидат нивните приоритети, тој ми одговори: „Наш најголем проблем ни е вештачката интелегенција и заштитата на животната средина“. Значи, јас не треба нив да ги убедувам, туку тие треба нас да не убедат да потрошиме повеќе пари и време за заштита на животната средина.
Но, кога зборуваме за еколошката свест, сакам да потенцирам и еден податок кој може многумина не го знаат, а тоа е дека ние на овие простори го имаме добитникот на зелениот Нобел. Ана Чоловиќ има добиено награда - еден вид на Нобелова награда за заштита на човекова околина, затоа што животот го посветила на тоа. Ама многумина не знаат дека имаме ваква хероина која е борец за овие прашања. Ако сакаме да ја кренеме еко-свеста, овие луѓе треба да бидат херои и на младите генерации.
Ганита Ајдини, СУГС „Зеф Љуш Марку“: Дали во Вашиот Кабинет има луѓе кои се надлежни за превенција од климатските промени?
Пендаровски: Јас немам надлежност за тоа и затоа немам советник за ова прашање, но контактираме со невладините организации за оваа област на неделна основа и можам да кажам дека имаме одлична соработка. Бидејќи немам директна надлежност, јас најмногу можам да зборувам за ова, да ја покренам свеста, да алармирам за некоја појава и да ургирам кај надлежните институции да се ангажираат повеќе.
Андријан Алексов, СУГС „Орце Николов“: Зошто да не воведеме рестрикции за возење во градот, што би поттикнало и возење на велосипеди и електрични тротинети?
Пендаровски: За тоа треба да одлучат локалните власти. Знам дека на некои места во општината Центар еден час паркирање чини 250 денари. Претпоставувам дека тоа е една од мерките да се воздржиме да доаѓаме со возила во центарот на градот. Такви мерки за рестрикции во возење во центарот веќе има воведено во некои европски градови. Еден од најзагадените европски градови е Атина и таму е воведена забрана за движење во центарот на градот уште пред многу години. Има и еколошка такса која е висока и која мораш да ја платиш ако сакаш со возило да влезеш во центарот. Покрај другите мерки, и тие воведуваат „пар – непар“.
Лаура Муслиоска, СОУ „28 ноември“ – Дебар: Ние имаме проблем со фабриката за гипс „Кнауф“ која е многу блиску до нашата гимназија и се чувствува загаденоста во воздухот. Знам дека не е во Ваша надлежност, но дали на некоја средба со локалната власт во Дебар можете да разговарате за да се стават филтри на фабриката?
Пендаровски: Пред 10-15 години најголема битка на нашите политичари беше да донесат стратешки инвеститори од странство за да бидат „тригер“ за економскиот раст на државата. И притоа на многумина им се прогледуваше низ прсти. Јас сега не знам ниту дали е тоа точно, меѓутоа без разлика дали е најголема интернационална компанија или е најмало претпријатие мора да ги почитува сите еколошки стандарди. Значи не е доволно само да вработиш луѓе, да им даваш плата и да загадуваш затоа што го оптеретуваш здравствениот систем на истите тие луѓе и на истата таа земја.
Ана Плетварс, СОУ „Мирче Ацев“ – Прилеп: Дали мислите дека Македонија располага со доволно капацитети - и финаниски и човечки ресури, за да одговори на климатските промени?
Пендаровски: Не.
Ана Плетварс, СОУ „Мирче Ацев“ – Прилеп: Кое е Вашето мислење околу тезата дека корупцијата придонесува за уништување на животната средина, во смисла дека селективно се применуваат законите за заштита на животната средина?
Пендаровски: Неспорно е дека корупцијата влијае на различни начини – од добивањето тендер, непочитување на законите, одложување на отпадот... Само како пример - сега ќе шпекулирам - ако се потплати некој општински или државен службеник кој е надлежен да санкционира да замиже на двете очи, отпадот ќе се одложува каде што сакаш.
За корупцијата нема волшебно стапче. Треба да се крева свеста и културата на луѓето. Најефикасен механизам кој е измислен до сега во светот е законот да важи за сите. И се додека не видите висок функционер во затвор затоа што крадел или местел тендери, нема ништо од примена на законот. Вакви примери се` уште немаме во доволен број.
Интервјуто се организираше како дел од Програмата за медиумска писменост и средношколскиот весник „Медиум“ на Институт за комуникациски студии.
Фотограф: Томислав Георгиев