Зелените површина се уништуваат, а од друга страна помалку се пошумува. Според податоците на Национални шуми, пошумувањето во 2017 година било над 200 хектари, во 2018 година пошумени се 400 хектари, а пак во 2019 година 200 хектари. Од друга страна, во 2018 година вкупно имало 129 пожари. Опожарената површина изнесува 2 илјади хектари, а дрвната маса која изгорела 4,5 илјади метри кубни. Една од најголемите зафатени површини од шумски пожари оваа година беше Бабуна во Велес каде се уништени над илјада хектари шума.
Еден од сведоците на пожарот беше рибар на Велешкото Езеро, меѓу пријателите познат како „Цурата“. Тој ден тој бил во својата куќарка која се наоѓа веднаш до езерото. Вели дека самиот дал придонес во пошумување уште кога бил гимазијалец. Додава дека ќе треба 20 години за повторно да се врати шумата во иста состојба доколку се засадат дрвца.
„За боровата шума јас учествував кога бев гимазијалец, 67-70-та на пошумувањето на оваа шума. Ги садевме ние тие борови, сега изгореа сите. Бидејќи тие се мрсни, гореа како да се полиени со бензин. Огромен пламен од 30-50 метра, голема бучава. Нешто страшно беше. Таков момент не сум доживеал. Тие се 50 години стари дрвја, сега треба да се исечат да се засадат други и да се чека 10-20 години да изникнат да пораснат и пак да се заменат. Инаку дрвата се бели дробови на природата.“, вели Миланчо Миланов, рибар од Велес.
А пак, Кире Арсов кој има 3 декари лозје веднаш до велешкото езеро вели дека граѓаните крадат дрва и не се свесни за негативните поседиците кои ги прават на самите себеси.
„Имаше еден пожар од другата страна на ридот, тоа беше борова шума. Што толку години се поминати, ни ден денес не е регенерирана, не е обновена. Јас се сеќавам од гимназија бевме деца и не носеа и пошумувавме во тие локации, но се изгоре. Сега пак пожар, и до кога ваќа еден Господ знае. “, вели Арсов.
„Застрашувачка глетка и лошиот мирис се уште владеат по големиот пожар кој се случи пред неколку месеци во Велес и го уништи животинскиот свет. Освен тоа изгореа 400 хектари зелена површина од кои 200 хектари со црна дабова шума и предизвика штета од еден милион евра. Притоа изгорена дрвна маса од 20 илјади кубни метри или колку што велешани користат во една грејна сезона“, вели репортерката на ТВ21, Арбана Климента.
За професорот на шумарски факултет Љупчо Несторовски уништувањето на шумите e катастрофална за еко системот. Ќе биде полошо ако надлежните институции не преземат нешто.
„Се пали пред да се сече за да селаните кои живеат таму тоа дрво изгорено под наводници го добиваат за поефтина цена, а го пласираат за повисока цена. Пожарите во 99 посто се предизвикани од човекот. Многу малку се тие што се сами предизвикани. А 50 посто од предизвиканите пожари се намерни. Toa e катастрофа за еко системот во државата. Ние како што имаме се повеќе промени во климата адаптирањето на тие дрва е многу тешка“, вели Несторовски.
Според податоците на Државниот завод за статистика, односно публикацијата Статистички годишник, од 1990 година наваму, пошумено е помалку отколку во 1980-та.
Во периодот помеѓу 1980 и 1989 година, во Македонија биле пошумени вкупно над 76 илјади хектари површина, повеќе отколку вкупно во трите наредни децении. Во периодот од 1990 до 1999 биле пошумени 32 илјади хектари, во следната деценија 2000- 2009 година – 19 илјади а во последната деценија од 2010 до 2019 година биле пошумени само 11 801 хектари површина.
Новинар: Арбана Ќ Климента
Со овој прилог, ТВ 21 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Прилогот е првично објавен ТУКА.