Евидентен е просторниот развој на градовите во светски рамки, со оглед дека популацијата е концентрирана во урбаната средина, со различни големини на градови кои имаат различни услови за егзистенција на населението. Просторниот развој на градовите беше забрзан поради демографските движења на населението во насока од рурална кон урбана средина. Квантитативниот развој не беше следен со соодветна квалитативна трансформација на градовите. Секако, глобалните трендови имааат различни манифестации, во зависност од регионите и секоја држава има свои специфики во зависност од просторната диспозиција и големината на градовите, со различни нивоа на квалитетот на живеењето во градовите, земајќи ги во фокусот граѓаните кои живеат во градовите.

Цели на одржливиот развој

Со оглед на состојбите на глобално ниво со оптоварувањето на планетата, на ниво на Обединетите нации се утврдени глобални насоки – цели на одржливиот развој, донесени на 70-то Генерално собрание на Обединетите нации, на 25 септември 2015 година во Њујорк, со усвојување Агенда за трансформација на средината до 2030 година. Утврдени се 17 глобални цели за одржлив развој, со широк спектар на области на дејствување, како: свет без сиромаштија (цел 1); свет без гладни луѓе; подобро здравје; квалитетно образование; родова рамноправност; чиста вода и санитарни услови; обновлива енергија; достоинствена работа и економски развој; индустрија, иновации и инфраструктура; намалување на нееднаквоста; одржливи градови и заедници (цел 11); одговорна потрошувачка и производство; заштита на климата; зачувување на водениот свет; зачувување на копнениот свет; мир, правда и силни институции; партнерство за целите (цел 17). Целите се генерални и меѓузависни, но секоја од нив има посебна листа на потцели кои треба да се постигнат и реализацијата на сите 169 потцели ќе значи остварување на сите 17 цели.

Slika 1 Generalni celi za odrzliv razvojСлика 1. Генерални цели за одржлив развој

Целите за одржлив развој се особено значајни за градовите, а посебно тоа е изразено во  Целта 11 – Градовите и човечките населби да се направат инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи. Целта дополнително е расчленета на 7+3 потцели, со дадени соодветни карактеристики за одржлив развој на градовите:

  • 11.1 До 2030, да се обезбеди пристап за сите до соодветно, безбедно домување и основни услуги по достапна цена и да се подобрат условите во сиромашните квартови;
  • 11.2. До 2030, да се обезбеди пристап до безбедни, достапни и одржливи системи за превоз за сите по достапна цена, подобрувајќи ја безбедноста на патиштата, имено преку проширување на јавниот превоз посветувајќи посебно внимание на потребите на оние што се наоѓаат во ранлива ситуација, лицата со попречености и постарите лица;
  • 11.3. До 2030, да се зајакне инклузивната и одржлива урбанизација и капацитет за партиципативно, интегрирано и одржливо планирање и раководење со човечки населби во сите земји;
  • 11.4. Зајакнати напори за заштита на светското културно и природно наследство;
  • 11.5. До 2030, значително да се намали бројот на смртни случаи и погодени лица и значително да се намалат директните економски загуби поврзани со глобалниот бруто-домашен производ предизвикани од катастрофи вклучително непогоди  поврзани со вода, со фокус на заштита на сиромашните лица и лицата во ранлива позиција;
  • 11.6.  До 2030, да се намалат негативните еколошки последици на градовите, преку посветување на посебно внимание на квалитетот на воздухот и управување со отпадот;
  • 11.7. До 2030, да се обезбеди универзален пристап до безбедни, инклузивни и достапни зелени и јавни простори, особено за жени и деца, постари лица и лица со попречености;
  • 11.а. Поддршка на позитивни економски, социјални и еколошки врски меѓу урбаните, пери-урбаните и руралните области, со јакнење на планирањето на националниот и регионален развој;
  • 11 б. До 2020, значително зголемување на бројот на градови кои усвојуваат и спроведуваат интегрирани политики и планови за вклучување, ефикасност на ресурси, олеснување и прилагодување на климатските промени, намалување на ризикот од катастрофи на сите нивоа;
  • 11 в. Да се поддржат најмалку развиените земји, вклучително преку финансиска и техничка помош во градењето одржливи и отпорни згради со користење на локални материјали.

Slika 2 Prikaz na deset potceli na celta 11 Odzlivi gradovi i zaedniciСлика 2. Приказ на десет потцели на целта 11 – Одржливи градови и заедници.

Имплементација

При имплементацијата на насоките за одржлив развој на градовите треба да се има во вид спецификата на различни делови на планетата, односно на секоја земја одделно, со оглед на условите и можностите во однос на спроведувањето на целите. Секоја земја треба да ги согледа приоритетните подрачја на дејствување и проценување на реалните можности за нивото на примена на одржливиот развој на градовите. Генерално гледано, нашата земја нема изразен квантитет со оглед на големината на територија и население, односно бројот и големината на градовите.

Со продлабочено согледување на целите и потцелите, се констатира дека фокусот на одржливиот развој се луѓето и да се унапреди квалитетот на нивниот живот во градовите. Одржливиот развој се базира на заштита на средината, со уважување на капацитетот на природата, со обезбедување на ресурси и услуги за квалитетен живот на луѓето.

Многу битен аспект на спроведување на целите на одржлив развој на градовите е нормативното уредување во соодветните закони и подзаконски прописи кои ја регулираат тематиката на урбанистичко планирање. Покрај декларативното вградување во законските одредби на насоките за одржлив развој на градовите, во подзаконските прописи треба да се утврдат сет на урбанистички нормативи и стандарди за зголемување на квалитетот на живеење во градовите.Во оваа прилика се наведуваат неколку сегменти кои треба да бидат предмет на подетално регулирање со цел да се овозможи нивна поактивна примена при процесот на измена и дополнување на генерални и детални урбанистички планови за градовите и нивни делови. Акцентот треба да се насочи кон намалување на квантитетот и зголемување на квалитетот, особено кај домувањето (потцели 11.1.) во однос на намалување на мерилото на објектите за домување, урбана обнова на неуредените населби со супстандардни објекти. Се елаборираат тенденциите кај семејни куќи и станбени згради.

Правилници од 1997 до 2017 година
Се согледуваат одредбите од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање од 1997 година и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање од 2012 година. Во текот на 15-годишниот период се констатира тенденција за зголемување на волуменот на семејната куќа низ следните параметри: зголемување на процентот на изграденост на локацијата од 60 % на 70 % (според Правилникот од 1997 и од 2012); зголемување на височината на куќата од вообичаените приземје и кат на приземје и два ката и поткровје (10,2 метри); двојно зголемување на коефициентот на искористеност на земјиштето за семејни куќи од 1,4 на 2,8; намалување на минималното растојание на соседни станбени куќи од 6 метри (3 метри од граница на парцела) на 1,2 метри од граница на парцела, што сè заедно означува видно зголемување на станбениот волумен, со што се намалува индивидуалноста на куќите и се намалуваат оптималните релации на соседните објекти.

Исто така, во текот на 15-годишниот период се констатира тенденција за зголемување на волуменот на станбените згради низ следните параметри: зголемување на височината на зградите од максимално пропишаните 21 метар до 31 метар (П+9+Пк); пет пати зголемување на коефициентот на искористеност на земјиштето за станбени згради од 1,4 на 7,7 (според Правилникот од 1997 и од 2012); намалување на минималното растојание на соседни станбени згради од 6 метри (3 метри од граница на парцела) на 1,2 метри од граница на парцела; намалување на минималниот број на паркинг-места за станбени згради од минимум 1,2 паркинг-места за стан на 1 паркинг-место на стан (што уште повеќе доведува до намалување на и така недоволниот паркинг-простор за станбените згради и населби), што сумарно означува видно зголемување на станбениот волумен, со што се намалуваат оптималните релации на соседните објекти и се намалува квалитетот на домувањето.

Состојбите укажуваат дека е потребно утврдување стандарди кои ќе обезбедат подобри услови за организирање на станбените објекти, за поголем квалитет на живеење на населението. Значи, наместо сегашниот принцип на експанзија треба да се промовира идниот принцип на одржливост при организирње на архитектонските објекти.

Slika 3 Prikaz na principot na ekspanzija i na odrzlivost kaj stanbeni kukji i stanbeni zgradiСлика 3. Приказ на принципот на експанзија и на одржливост кај станбени куќи и станбени згради

За имплементација на одржливиот развој на градовите потребен е систематизиран пристап за примена на насоките за одржливи градови, со вклучување на релевантните носители на сите нивоа, од национално ниво, преку локално ниво, како и вклучување соодветни струкови организации (како Комора на овластени архитекти и инженери и Асоцијација на архитекти и други организации кои во својата агенда ја имаат урбаната средина). Следува процес на утврдување, програмирање, изработка и презентирање серија урбанистички и архитектонки конкурси, со промовирање на принципите на одржливиот развој на градовите, со повеќе јавни простори, соодветен третмат на вегетација, поефикасен јавен транспорт, поквалитетна животна средина, поактивно вклучување на граѓаните во обликувањето на урбаната средина.

Тоа е процес кој бара измена и дополнување на законските одредби, подзаконските прописи, поголем професионален ангажман и почитување на стручните наоди на планерите, урбанистите и архитектите, со намалување на мегаломанските амбиции на бизнис-секторот за поголеми објекти и профити на штета на квалитетот на средината.

Активности за зголемување на квалитетот на урбаната средина

За примена на потцелите 11.1. потребни се активности за да се подобри организирањето на домувањето, како и условите во сиромашните квартови, со примена на урбани санациони мерки во зависност од конкретната ситуација. Организирање на постојното урбано подрачје на градовите со примена на урбана ревитализација на деградирани простори и развој на динамична урбана структура, особено терасасти структури;

За потцелите 11.2. потребни се активности за развој на јавниот превоз со цел да се овозможи подобра комуникација на граѓаните и поефикасно движење во урбаната средина. Промовирање на средствата за јавен транспорт, велосипедскиот сообраќај, а намалување на доминантната улога на автомобилскиот сообраќај и неефикасно користење на урбаниот простор за паркирање.

Во рамки на потцелите 11.3. треба одвивање процес на одржливо планирање и раководење со човечки населби организиран на сите нивоа, од национално до локално ниво. Промовирање на развој на одржлива урбана средина, со повисок квалитет и со рационално користење на урбаното подрачје на градовите. Во процесот на измени и дополнувања на урбанистичките планови на градовите треба да се вградат квалитативни промени на урбаните ткива на градовите, со практицирање на похумано домување, повеќе зелени површини, проширување на пешачките зони, изградба на велосипедски патеки, примена на еколошки и ефикасен јавен превоз, со повеќе јавни простори за сите граѓани, со што ќе се подобри квалитетот на градското живеење.

Slika 4 Prikaz na ambienti na segasen grad i na odrzliv gradСлика 4. Приказ на амбиенти на сегашен град и на одржлив град

Потребни се зајакнати напори за заштита на културното и природното наследство, во зависност од конкретните ситуации и наместо да се деградира наследството, истото треба за се промовира (потцели 11.4.).

Преку плански мерки и реализации потребно е поефикасно да се менаџираат ситуации на природни и други непогоди и да се намалат негативните ефекти со примена на ефикасна заштита на населението (потцели 11.5.).

Големо ангажирање на сите субјекти е потребно за аспектите на подобрување на квалитетот на воздухот и ефикасно управување со отпадот, а тоа е особено изразено во нашите градови (потцели 11.6.).

Во градовите сè повеќе треба да бидат присутни зелени и јавни простори, што е поврзано со подобрување на квалитетот на живеењето, наместо тенденциите за постојано намалување на зеленилото и јавните простори во градовите (потцели 11.7.).

Треба натамошно подобување на релациите на градовите со околината и руралните населби, со јакнење на планирањето на национално и регионално ниво, како и поголема рамномерност на развој на регионите (потцели 11.а.).

Натамошниот развој на градовите треба да се насочува со потенцирано внесување на соодветни хумани, еколошки, асеизмички, енергетски, комуникациски и естетски карактеристики на урбаната средина, во функција на повисок квалитет на живеење во градовите.

Со оваа сторија Порта 3 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ на Институтот за комуникациски студии.
Сторијата е првично објавена ТУКА.