makedonskata-borba-protiv-klimatskite-promeni-se-sveduva-na-filozofija-i-nevidlivi-istrazuvanja.jpg

Американската фраза „Put your money where your mouth is“ ( Стави ги парите каде што ти е устата) што во преносна смисла значи „Наместо само да зборуваш преземи акција“ најверојатно почесто треба да им се посочува на македонските политичари кога станува збор за опасностите што демнат од климатските промени. Тие многу сакаат да посочуваат дека оваа тема е приоритет во нивното работење, но истовремено најмалку пари од буџетот одвојуваат за конкретни чекори кои ќе и дадат шанса на нашата земја да се справи со проблемите што ги носи промената на климата.  Ваквата состојба трае со години иако климатските промени во земјава веќе докажано предизвикуваат загуба на човечки животи, намалување на приносите во земјоделството, исчезнување на водните ресурси, зголемување на топлотните бранови, зачестени периоди на екстремни суши и дождови...

И покрај тоа што имаме зачестени временски непогоди во кои за жал страдаат луѓе и кои се директна последица на климатските промени, научните работници укажуваат дека пари за истражувања кои би биле подлога за адаптирање на државата и населението кон овие негативни трендови речиси воопшто не би имало доколку не се странските донатори. Истовремено, малкуте пари што од буџетот преку некои министерства се доделуваат за истражувачки проекти најчесто завршуваат без извештаи за тоа како биле доделени и што било сработено.

Ивица Милески, професор на Институтот по географија при Природно-математичкиот факултет информира дека нашите чекори против климатски промени сега се базираат на сценарија и студии кои се застарени и „украдени“ од други земји.

Тој објаснува дека ако се анализираат достапните податоци конкретно за Македонија за изминативе 70 години може да се заклучи дека состојбата на терен не е баш таква како што се опишува во сценаријата преземени од други држави туку дека постои изразита регионална нерамномерност во промената на климатските фактори. Како пример ги дава податоците за Берово и Делчево каде во изминативе седум децении просечните температури се зголемиле за само 0,2 степени. Од друга страна, во истиот период просечната температура во Штип, Кочани и Скопје пораснала за повеќе од еден степен. Според него, тоа значи дека ефектите од климатските промени нема да бидат исти во Берово и Делчево со оние во другите градови.

Милески укажува и на втора грешка во однос на постоечкото сценарио за климатските промени врз кое се базираат сите студии во земјава. Имено, во него се вели дека врнежите ќе се намалат до 50 отсто во наредните години. Меѓутоа, достапните податоци за нашата земја покажуваат дека ваквите прогнози не се точни и дека има зголемување на врнежите. Тој вели дека проблемот е во тоа што климатските промени предизвикуваат појава на изразита аномалија при врнежи и сушни периоди. Анализата на податоците покажала дека од 1951 година наваму има тренд на зголемување на врнежите, како и екстремни врнежи и суши.

Поради овие причини, Милески вели дека мораме да бидеме многу внимателни при прифаќањето на податоците за глобалното затоплување и дека тоа е само сигнал дека во земјава недостасуваат финансии за истражувања на локално ниво кои најдобро ќе ги покажат ефектите од климатските промени во нашата земја.

Тој додава дека сега можеме само да нагаѓаме какви последици не очекуваат бидејќи во последните 15 години немаме сериозни истражувачки проекти освен ако некои странски донатори не помогнат. Милески посочува дека секоја држава многу вложува во национални истражувања на ефектите, причините и индикациите за климатските промени за да може да се најде соодветен лек. Како примери за кои се  потребни  нови истражувања ги посочува мерењето на температурите односно недостапноста на податоците од УХМР, како и влијанието на климатските промени врз туризмот во Македонија.

Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје вели дека има некои истражувања за влијанието на климатските промени во областа на здравството, но додава дека тие најчесто се поттикнати и финансирани од странство.

Кирил Сотировски, декан на Шумарскиот факултет во Скопје го потенцира недостатокот од инвестиции во наука. Тој вели дека станува збор за едно горливо прашање, кое што е симптоматично веќе со децениии и децении и информира дека Министерството за образование и наука веќе десет години нема доделено национален проект. Сотировски додава дека во Министерството за животна средина секоја година се доделуваат меѓу 100.000 и 500.000 евра на проекти, но од тие проекти нема ниту еден завршен извештај видлив за јавноста, ниту пак на кој начин се добиени тие средства.

Предлог-буџетот за 2020 година открива дека занемарувањето на важноста на научните истражувања ќе продолжи и во следната година, посебно ако се земе предвид дека вкупните планирани расходи на Министерството за образование и наука изнесуваат 26,7 милијарди денари, а од нив за научно-истражувачка работа се одвоени само 82,1 милион денари.

Новинар: Владимир Николоски
Снимател: Иван Поповиќ
Фотографија и обработка: Кире Галевски

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.