Општината Центар и покрај мораториумот на урбанистичките планови има најголем број издадени одобренија за градба, што само го покажува интересот на градежните компании за инвестирање во овој дел од градот. Аеродром, општината која до 2017 год. важеше за рекордер во издадени дозволи, освен со 1.300 станови на „Џевахир“ ќе биде „збогатена“ со нови згради покрај реката Вардар и „Мајчин дом“.
СамоПрашај.мк направи истражување врз основа на податоците на Агенцијата за катастар на недвижности, споредувајќи ги дозволите за градба одобрени од скопските општини и состојбата на терен. Исто така, пренесуваме и профил на инвеститорите со големи градежни апетити.
Видете го видеото од истражувањето
Густо насадена „шума“ од згради низ која не се гледа далеку е најчестиот изглед на Скопје во зимските месеци. Па сепак, во главниот град и понатаму се гради. Состојбата најдобро ја покажува алатката на интернет страницата на Катастарот за недвижности наречена - предбележување на градба. Со жолта боја се означени сите парцели на кои има некаква градежна активност.
Слабоста на овој преглед е што е практично невозможно да се изброи, на колку точно локации се гради во моментов во Скопје. Најблиску до тој одговор, не носат бројките на Државниот завод за статистика. Според нивните извештаи, само минатата година на територијата на Скопје биле издадени 581 градежна дозвола.
ЦЕНТАР
Тоа што општината Центар и со мораториум на урбанистичките планови има најголем број на издадени одобренија, само го покажува интересот на градежните компании за инвестирање во овој дел од градот. Извесно е дека бројот на градби драстично ќе порасне бидејќи со неодамнешната одлука на Уставниот суд привремено да го суспендира замрзнувањето на ДУП- овите, се отстрани и пречката за нови барања за дозволи за градба.
„Јас можам да кажам дека сега, со времената мерка, пред да се докаже дали е одлуката за мораториум законска или незаконска, се прави еден правен вакуум во кој се ставаат граѓаните во една неизвесна ситуација, бидејќи Уставниот суд се уште не одлучил дали одлуката е законска или незаконска, а со ова отвара можност да се направи една ненадоместлива штета.“ – вели претседателката на Советот на општина Центар, Јана Белчева- Андреевска.
А Центар, на своја територија, веќе има голем број градби. На терен, најголемиот број се партнерства меѓу помали градежни компании и физички лица кои градат помали згради, на местото на досегашни куќи. Вниманието сепак го привлекуваат големите проекти. Таму, по правило, градат „странци“.
Најголем градежен проект во Центар во моментов е комплексот „Дајмонд Скопје“, односно Jужен булевар. Според најавите, инвестицијата тежи 250 милиони евра, пари со кои ќе биде изградена подземна сообраќајница, 772 станa, трговски центар, канцеларии. Трагата по сопствеништвото води до Анкара. Газди на инвеститорот „Лимак“ во Македонија се „Лимак Холдинг“ и „Лимак АД за градба“ од главниот град на Турција.
Можеби не е втор најголем, но секако е најлесно видлив - комплексот згради кај поранешниот хотел „Панорама“. Во моментот, таму формално гради домашната компанија „Архи“, во сопственост на лице кое претходно се појавуваше во фирми блиски до бизнисменот Орце Камчев. Кога се креваше објектот, меѓу газдите имаше „странци“. Тоа е фирмата „Ексико“, чие сопствеништво води во Лугано, Швајцарија. Крајниот сопственик не може јавно да се провери поради тамошните закони, но СЈО директно ја поврза со екс шефот на УБК, Сашо Мијалков.
Трети по „тежина“ се новите објекти на плоштадот: хотелот и Офицерскиот дом. И тука инвеститори се „странци“. Сега е рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, а работите ги почна грчкиот бизнисмен Димитрис Кондоминас. На стартот, овој проект беше најавен како инвестиција од околу 50 милиони евра.
БУТЕЛ И ГАЗИ БАБА
Втората и третата општина на ранг листата по број на издадени одобренија за градење во Скопје делат една работа. Најчесто се градат или доградуваат куќи, иако има и по некоја зграда. Сепак постои проект кој прави огромна разлика – „Скопје Ист гејт“, кој треба да се гради на просторот на Скопскиот саем. Најавено е дека инвестицијата ќе тежи 350 милиони евра, што вклучува голем трговски центар, пет канцелариски згради и резиденцијален комплекс со 1.600 станбени единици.
Документите од централниот регистар покажуваат дека зад инвестицијата стојат четири субјекти. Две фирми од Холандија и два члена на семејството Папранику од Македонија, Јета и Арсим, познати бизнис личности, кои меѓу другото ги поседуваат „Нептун“ маркетите. Едната фирма од Холандија, „Балфин Б.В.“ е сопственост на истоимена фирма од Тирана, Албанија, која патем го градеше „Сити Мол“ во Скопје. Другата фирма од Холандија „Пиаз Инвестмент“, е во сопственост на „Пиаз Инвестемент“ од Македонија, а во неа сопственици се повторно Јета и Арсим Папранику.
ЃОРЧЕ ПЕТРОВ
Слично како во Бутел и во Гази Баба, поголемиот број од објектите кои се градат во Ѓорче Петров се надградби или изградби на куќи. Но, има две локации што се издвојуваат. Едната е спроти трговскиот центар „Скопски пазар“, каде со јавно приватно-партнерство се гради трговско-деловен центар и нови простории за локалната власт, под името „Емпорио“. Инвеститор е „Трансмет“ на Сеад Кочан, човек со долго искуство како бизнисмен, но и човек кој неодамна доби правосилна пресуда од четири години и осум месеци затвор за случајот „Труст“ на СЈО за злоупотреби при тендер на „РЕК“ Битола.
За „Трансмет“ на почетокот на месецов почна и пред-стечајна постапка. Градоначалникот Александар Наумоски вели дека поради доцнењата во изградбата веќе наплатиле 240.000 евра од банкарската гаранција на фирмата. Решение ќе се бара во избор на нов партнер.
„Наша следна постапка е да се раскине договорот, меѓутоа што би направиле ние ако го раскинеме? Би се вклучиле во една тешка постапка којашто нема крај од страна на доверители, должничко-доверителски односи. Така што цениме дека со нов партнер ќе биде најдобар бенефит за општината да се наплатат сите тие долгови кон државата и кон општината, институциите и фирмите што веќе изведувале како подизведувачи на ‘Трансмет’, за да би имале заокружување на тој процес. Во тек сме, се надеваме во наредниот месец до два тоа ќе биде решено.“- изјави градоначалникот на општината Ѓ. Петров.
Втората најголема, но засега само потенцијална градежна зона е над Ново Село. Според интернет страницата на Катастарот таму се издадени одобренија за градба на површина од околу 10 фудбалски терени. Но, и тука има спор на релација инвеститори- општина.
„Тоа е направено од претходната влада и од претходната општинска управа каде се доделени тие парцели со Г намена, лесна индустрија, со директна спогодба преку Министерството за транспорт и врски. Завршен е увид на лице место. Нема градби согласно договорите, меѓутоа во општината имаме само еден договор врз основа на што можеме да изведеме некаква фактичка состојба.“ - вели Наумоски.
КАРПОШ
Со спорови во градежништвото, и тоа судски, се соочува и Карпош. Неделава беше притворен екс градоначалникот Стевче Јакимовски, поради злоупотреба на службена положба меѓу другото поврзано со градежно земјиште кај ресторанот „Имес“. Во близина се изградија или требаше да се градат и други згради, но таму Уставниот суд го поништи Деталниот урбанистички план.
Сепак, најжешката градежна точка во Карпош е Тафталиџе. Покрај булеварот „8 Септември“ гради „Настел“ на бизнисменот Зоран Азманов, а во непосредна близина, кај поранешна Алумина, градат уште неколку компании, пред се „Еуроактива“ и „ЗСФ-КОМ“ на поранешниот пратеник Фатмир Етеми. Значаен нов објект кој треба да се очекува во оваа општина е на „Систина Фармација“, фирма која е во сопственост на Орце Камчев. Плацот е во непосредна близина на Воената болница и приватната кардиохирургија „Филип Втори“, во сегашното зеленило.
АЕРОДРОМ
Аеродом минатата година не издал многу градежни дозволи, но според истражување на „Радио Слободна Европа“, од 2013 до 2017 година таму се изградени најмногу нови станови во Скопје, вкупно 4.264. А во општината се уште се градат највисоките згради во градот. Четирите 42 катни кули на Џевахир холдинг се инвестиција проценета на околу 300 милиони евра. Станува збор за 1.300 станови, деловен и трговски простор кој ги гради компанијата или поточно компании поврзани со „Џевахир“ од Истанбул, Турција.
Нови згради, иако далеку помали, се градат на неколку други локации во општината. Таму можат да се најдат имињата на повеќе „домашни“ играчи. На пример, во близина на Агенцијата за разузнавање, неодамна свои објекти завршија „Настел“ на бизнисменот Зоран Азманов, „Елена Лука“, но и компанијата „Ранвеј“, каде удел има Александра Љочева, советничка на премиерот Зоран Заев, а чие семејство сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја врзуваше со бизнис-релации со семејството Заеви. Најмногу нови објекти во последните години во општината сепак беа на „Адора“, компанија на бизнисменот Ванко Чифлиганец.
Од новите објекти, еден од поголемите е зградата која ја гради „ЗСФ КОМ“ на поранешниот пратеник Фатмир Етеми, кај Мајчин дом. Но тоа не е најголемата парцела во општината на која допрва треба да се гради. Тој примат го имаат две големи парцели на кејот, меѓу новиот хотел „Хилтон“ и хотелот „Русија“. Сопственик е „МАНД Интернационал“, фирма на екс кошаркарот Петар Наумовски. Компанијата сега е во стечај, а Одборот на доверители е:
- градежната компанија „НАСТЕЛ“;
- „ЕВН Македонија“;
- „Македонски Телеком“.
КИСЕЛА ВОДА
Тоа што Кисела Вода има три пати помалку одобренија за градба од Центар кажува две работи- или дека интересот е намален или дека веќе не остана место каде може да се гради. Според состојбата на терен, се чини дека нема уште многу „слободен“ простор. Неколку населби сепак остануваат атрактивни за градба или доградба на куќи.
ШУТО ОРИЗАРИ, ЧАИР и САРАЈ
Ако се соберат сите градежни дозволи кои лани ги издале овие три општини, збирот повторно е помал од 41-та градежна дозвола во Кисела Вода. А на терен, само еден поглед на пример во Чаир, открива десетици нови згради. Во Шуто Оризари исто така. На хартија малку дозволи, а на терен бројни градби.
До истиот заклучок се доаѓа и преку интернет страницата на Катастарот. На пример, од оваа слика се гледа дека соодветни документи се доставени само за Бит Пазар и за уште еден објект, иако реално се градат многу повеќе. Ниту Чаир, ниту Шуто Оризари, ниту Сарај не одговорија на нашите прашања - зошто има разлики? Единствено Катастарот посредно објасни дека од тие општини ретко добиваат документи.
„Предбележувањето на идна градба се врши по пријава од органот надлежен за издавање на правосилното одобрение за градење или правосилното решение за изведување на градба... Агенцијата за катастар на недвижности врши предбележување на идна градба само доколку има поднесено барање.“ – велат од Катастарот.
Легално или нелегално, градењето во Скопје сѐ уште е атрактивно и исплатливо. Според податоците од Државниот завод за статистика, вкупната висина на инвестициите од лани издадените градежни дозволи е 278 милиони евра.
Извор: Државен завод за статистика
Ако на сето ова се додадат и големите проекти кои веќе подолго време се градат сумата лесно надминува една милијарда евра, пари кои во моментов се инвестираат во бетонот и стаклото на главниот град.
Видеото го изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Александар Димитриевски
Снимател: Роберт Анев
Монтажа: Костадин Анастасов