Во една грутка почва има повеќе живи организми отколку сите досега родени луѓе. Многу видови сè уште не се откриени од научниците. Токму за растењето на никулците од кои потоа се создава целиот животен циклус на растението, во Ботаничката градина во Скопје учеа дваесетина ученици со посебни образовни потреби и развојни проблеми од училиштето „Д-р Златан Сремец”.
Учениците со своите наставници и дефектолози слушнаа како се добиваат никулци и животниот циклус на едно зрно грав. Екологот Цветанка Цветкоска од Ботаничката градина на едноставен и интересен начин на учениците од прво до деветто одделение им објасни дека процесот на добивање на никулци е едноставен, лесен и бара само малку внимание. „Како што растенијата собираат вода од атмосферата преку листовите исто така впиваат вода преку коренот. Понатаму преку стеблото водата оди до останатите делови на растението”, објаснуваше Цветкоска.
Она што таа го раскажа учениците се обидоа да го пренесат преку цртежи. За нив интересен е светот на боите. Па така, прецизно и со внимание секој за себе направи по еден цреж. „Учениците многу сакаат да имаат настава надвор од редовната. На тој начин учат одблиску како да се однесуваат во природата, како да ја сакаат и чуваат. Оттука и овој начин на интерактивност им помага да научат нешто повеќе за природата”, вели Татјана Кировска, наставничка во „Д-р Златан Сремец”.
Гравот е едно од најзастапените мешункасти растенија и е значаен извор на храна за човекот. А за посетата да биде уште поинтересен, групата засади неколку зрна грав во канчиња со земја, од кои по два до три дена веќе почнуваат да се појавуваат првите никулци. Според науката, на прв поглед се чини дека е неверојатно, но во само неколку часа или денови на `ртење, семињата создадаваат витамини чија содржина може да се зголеми до 50 пати, а кај мешунките – дури и до 600 пати!
„Среќни сме што нашите деца можат на овој начин да ја почувствуваат магијата на животот и растенијата, да имаат можност полесно да се вклопат во оваа природна средина, да видат што е ботаничка градина, кактуси, билки, разновидни растенија. Образовните потреби на овие деца бараат нивна вклученост во процесот, активност, анимирање и да се привлече вниманието. Така полесно ја разбираат природата и нејзиното значење, преку описен јазик да се фокусираат на интересни податоци и примери”, вели еден од родителите.
Учениците не ја криеја радоста од часот во ботаничката градина. Низ смеа се договорија “следната средба да ја реализираат повторно тука, но со заеднички ручек –гравче во тавче подготвено од она што тие го засадија денеска!”.
Работилниците во Ботаничката градина се дел од кампањата за подобра животна средина „Не Игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.
Фотоприказната ја изработи Институтот за комуникациски студии.