Напорите на властите за почист воздух не ги постигнаа саканите резултати - Фото: Маја Јаневска-Илиева
Иако заврши грејната сезона, не треба да заборавиме на нашите проблеми со загадениот воздух во Скопје и но неколку други града. Напротив, треба да се направи многу до следната грејна сезона, за да не ни се повторат деновите со екстремно загаден воздух, со повеќе од десеткратно присуство на штетните ПМ-честички. Надлежните не треба да дозволат и следната зима граѓаните постојано да шетаат со маски, кои ќе им бидат единствена заштита од загадувањето. Сѐ уште треба да нѐ загрижуваат податоците од извештајот на Европската агенција за животна средина за загадувањето на воздухот во Европа, во кој Македонија беше најлошо рангирана меѓу сите европски држави. Меѓу десетте најзагадени града беа Скопје, Битола и Тетово.
Загадувањето на воздухот е погубно за здравјето на граѓаните. Експертите го издвојуваат фактот дека загадениот воздух предизвикува 6,5 милиони предвремени смртни случаи годишно. Од загаден воздух во Македонија умираат над 1.300 луѓе. Според направените истражувања, главни причини за загадувањето се домаќинствата, потоа сообраќајот, градежните активности и индустријата. За Скопје просекот на дневниот индекс на квалитет на воздухот од 9 до 15 часот изнесува околу 150 микрограми на кубен метар, што е трипати повеќе од дозволеното. Највисоките измерени концентрации за ПМ 2,5 честички изнесувале 133,2, а за ПМ 10 честичките 299,4 микрограми на кубен метар. Дозволените нивоа на загадување изнесуваат околу 25 за ПМ 2,5 и 50 микрограми на кубен метар за ПМ 10 честиците. Загадувањето со овие микрочестици е најголемо во декември и јануари, а највисоки концентрации има во Скопје, Тетово и во Битола.
Напорите на властите за надминување на овој проблем не ги постигнува саканите резултати. Невладините организации и граѓаните се незадоволни од спроведените мерки за прочистување на воздухот од страна на властите. Според нив, инспекторските служби не треба да опоменуваат туку да ги затвораат објектите што се идентификувани како најголеми загадувачи во земјата. Немањето соработка помеѓу институциите е втората причина поради која не се постигнува саканата цел. Исто така, досегашните истражувања не ги третираат индустријата и градежните активности како загадувачи. Од невладиното здружение „Екосвест“ сметаат дека добивањето информации и мерења за индустриите е речиси невозможно.
Министерството за животна средина како главен загадувач во текот на зимата го посочуваше затоплувањето на домаќинствата. Околу 62 отсто од домаќинствата се греат на дрва, бидејќи така им е најевтино. Сообраќајот е наведен како втор најголем загадувач. Половина од регистрираните возила во Македонија, бројка од околу 200 илјади, не ги исполнуваат ниските еуро 0 и еуро 2 стандарди, што значи немаат катализатори за издувните гасови и испуштаат високоштетни материи. Индустријата се наведува како третиот загадувач на воздухот. Електроцентралите што немаат уреди за десулфуризација и користат низок квалитет на кафеав јаглен испуштаат најмногу сулфурен диоксид, кој е причинител на киселите дождови од кои се загадуваат почвите и водите.
– Властите ќе се пофалат дека се дадени субвенции за велосипеди, инвертори, намалено ДДВ за парно греење во Скопје, посадени садници и слично, но нема да кажат колку ќе биде намалено загадувањето поради ваквите мерки. Ние ги поздравуваме сите мерки што ќе помогнат за подобрување на воздухот, но не сакаме народот да се залажува дека тие ќе донесат драстично намалување на загадувањето – децидни се од невладината организација за воздух „О2“.
Граѓаните, а и организациите за животна средина, досега се надеваа и спасот го гледаа само во ветровитото време и врнежите од дожд во текот на зимата. Но, според нив, доколку тоа се случеше, беше чиста среќа.
– Сигурно ќе се појавиме на листата на најзагадени градови и оваа зима. Веќе две години поради поволни временски услови во зимските периоди кога имаше повеќе ветровити денови, просечната загаденост беше помала од 2016 година, но жално е ваквата среќа да се искористува како промоција дека преземените мерки имале резултати, како што претставниците на градот Скопје неколкупати изјавуваа – велат од „О2“.
Од „Движење за чист воздух“ посочуваат дека постојат неколку проблеми поради кои македонските градови повторно можат да се најдат на врвот на листата градови со загаден воздух, а властите и институциите не прават доволно за да помогнат.
– Минатото лето мерачите на ПМ-честички во август беа однесени на поправка и ги поправаа цела есен и зима. Во текот на вечерните часови во Карпош, од 22 до 6 часот наутро не се дишеше и течеа солзи од очите.
Изјавата на заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули дека заврши грејната сезона и дека веќе не е загаден воздухот е скандал што не смее да помине – објаснува Жаклина Анастасова од „Движење за чист воздух“
Анастасова додава дека воздухот во Скопје е загадуван од горењето отпад во „Дрисла“, чија печка достигнува до 600 степени Целзиусови, наместо 1.300 степени, кои се потребни за целосно разградување на отпадот, за да не завршат штетните честички во воздухот. Според неа, фабриките што ги исклучуваат филтрите навечер, а горат мазут се исто така проблем, како и нерегулираното горење кабли од страна на поединци за да ги извадат бакарот.
– Доколку загадувачите не бидат ригорозно казнети, оние што горат стрништа и депонии, горењето медицински отпад со несоодветна висока температура и сите други фактори што придонесуваат за загадувањето на воздухот, со сигурност ќе го бетонираме првото место на најзагадени градови во Европа. Голем проблем е и неконтролираното непланско градење зграда до зграда, без паркови и зеленило. А многу е едноставно, толку мала држава како нашата може да се исчисти за еден месец, само доколку се има политичка и граѓанска волја – вели Атанасова. Според невладината „Движење за здрав воздух“, граѓаните учествуваат активно во многу иницијативи и треба да дејствуваат постојано. Доколку и зимава граѓаните се незадоволни и реагираат со протести за загадениот воздух, тогаш ќе биде предоцна, бидејќи не може да се направи ништо. Борбата за подобар и почист воздух не треба да запре во летните денови, туку треба да трае континуирано во текот на целата година. Само заедно и со постојан напор и дејствување Македонија ќе го избегне врвот на најзагадени градови во Европа нареднава зима.
Вања Таневски
Со овој прилог, Нова Македонија се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ на Институтот за комуникациски студии. Текстот е првично објавен ТУКА.