Еколошкото друштво „Вила зора“ од Велес ги промовираше дваесетте новопоставени жолти метални контејнери. Поставени на исто толку фреквентни локации, граѓаните во нив ќе можат да ја одлагаат ПЕТ-амбалажата. Настанот имаше еколошка и едукативна цел.
„Ова е акција за подигање на екосвеста кај граѓаните. Пораката е да ја собираме оваа амбалажа и да ја одложуваме во контејнери наменети за неа. Со рециклирањето се намалуваат количините пластика на депониите и загадувањето на почвата и подземните води“, рече Неда Коциќ од „Вила зора“.
Граѓаните кои денеска фрлија ПЕТ-амбалажа во овие контејнери добија платнени торби за пазарување. Кампањата е во рамките на акцијата за подобра животна средина #НеИгнорирај #Реагирај и е финансирана од британската амбасада во Скопје.
Екологистите предупредуваат дека од речиси 14.000 тони пластика што годишно се создаваат во земјава се рециклираат само 19 проценти, околу 2.600 тони. Неколку години, локалната власт на домаќинствата во градот им дели и жолти канти за собирање на ПЕТ-амбалажа.
П. ПЕЧКОВ
Текстот е првично објавен ТУКА.