Институтот за комуникациски студии в четврток, 9 мај 2019 год., од 11.30-13 ч. во ЕУ Инфоцентар ќе ги додели наградите за најдобар медиумски производ на средношколскиот конкурс „Изрази се преку медиумите“. На настанот ќе бидат претставени најуспешните фото приказни и видеа на тема „Сакам да живеам во чиста околина“, а ќе бидат соопштени и 15-те ученици кои во јуни ќе присуствуваат на неколкудневниот еко камп во Струмица. Наградите ќе ги врачи Рејчел Галовеј, британската амбасадорка во Република Северна Македонија.
Средношколскиот конкурс „Изрази се преку медиумите“ се реализира како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ на Институтот за комуникациски студии. Целта на кампањата е зголемување на притисокот кон јавните институции за поефикасно решавање на проблемите од животната средина и поттикнување на граѓанскиот активизам кон државните и локалните институции за прифаќање на концептот на одржлив развој. Кампањата ја спроведува ИКС во рамки на проектот „Поддршка на добро владеење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите во Македонија“, финансиран од британската амбасада во Република Северна Македонија.