dodeluvanje-na-nagradite-od-konkursot-izrazi-se-preku-mediumite-reagiraj.jpg

Институтот за комуникациски студии (ИКС) ги додели наградите за најдобрите средношколски медиумски производи добиени на конкурсот „Изрази се преку медиумите“. Овој конкурс ИКС и Високата школа за новинарство преку средношколскиот весник „Медиум“ го организираат 10 години. Темата за годинешниот конкурс е „Сакам да живеам во чиста околина“, која е дел од кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ што ја реализира ИКС со финансиска поддршка на Владата на Обединетото Кралство. Цела деценија преку оваа и слични иницијативи се обидуваме да ги поттикнеме средношколците да го кажат својот став, да бидат гласни и критички граѓани кои знаат во какво општество сакаат да живеат.

Првата награда ја освои Берат Ахметај од СЕТУ „Михајло Пупин“ од Скопје кој преку видео испрати порака во каква животна средина сака да живее. Втората награда е за фото приказната на Сара Николова и Викторија Панова од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес, а третата награда ја понесе Вероника Кузманоска од прилепската гимназија „Мирче Ацев“. Наградите ги врачи британската амбасадорка Рејчел Галовеј која истакна дека заштитата на животната средина е еден од приоритетите на владината програма на Обединето Кралство во Република Северна Македонија. „Откако сум абасадор овде, често ја слушам и читам дебатата низ целата земја за животната средина, загадувањето на воздухот, урбаното планирање, дали има доволно зеленило за повеќе кислород и за повеќе да уживаме. Сите тие се важни прашања затоа што нашите животи зависат од животната средина. Квалитетот на воздухот што го дишеме и храната што ја јадеме покажува дали и колку се грижиме за околината. “ - рече амбасадорката Галовеј.

На настанот беа претставени и 12-те најкреативни медиумски производи чии автори, заедно со првонаградените, ќе учествуваат на летниот медиумски еко камп што ИКС ќе го организира од 8-10 јуни во Струмица и на Смоларските водопади. Тоа се:

  • Тимот на СОУ Гоце Делчев Валандово (фото сторија)
  • Габриела Андонова од гимназија „Св. Кирил и Методиј“ Неготино (фото сторија)
  • Кристина Конева од „Орце Николов“ Скопје (фото сторија)
  • Кристина Филипоска од гимназија „Ј. Б. Тито“ Скопје (видео)
  • Марија Ѓорѓиева и Симона Спанџова од гимназијата „Добри Даскалов“ Кавадарци (фото сторија)
  • Мила Јакимовска од „Орце Николов“ Скопје (фото приказна)
  • Теодор Богоески од „Р. Ј. Корчагин“ Скопје (фото сторија за мобилна апликација)
  • Теодор Богојевски од „Владо Тасевски“ Скопје (видео)
  • Надица Колоска од „Ј. Б. Тито“ Битола (видео)
  • Станиша Станковиќ од „Јован Калаузи“ Битола (фото сторија)
  • Атанасие Заев од „Орце Николов“ Скопје (фото сторија)
  • Петрина Станковска од „Наум Н. Борче“ Крушево (видео)

Учениците можеа да аплицираат со едноминутни видеа и/или фото стории во кои требаше да се изразат што им пречи во нивното опкружување, што тие би промениле, каква порака би испратиле до институциите, до соучениците и до граѓаните, за да живееме во чиста околина. На конкурсот што беше отворен од средината на април до 5 мај 2019 год., пристигнаа 46 апликации, групни и поединечни, од вкупно 24 училишта низ земјавата.

 

Повеќе информации за конкурсот на www.medium.edu.mk

Скопје, 9 мај 2019

Контакт лице:

Александра Теменугова, е-маил: This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it.; тел: 02 3090 004