velesani-sobraa-nad-150-kilogrami-plasticni-sisinja-vo-eden-den-nastani.jpg

Стотина велешани денеска собраа повеќе од 150 килограми пластични шишиња од повеќе локации во Велес. Во акцијата беа опфатени зградите околу Центарот за јавно здравје, градскиот пазар и околу автобуската станица, а се приклучија волонтери од основното училиште „Блаже Конески“, полицијата и јавното комунално претпријатие.

За време на акцијата, граѓаните добија платенени торби за собирање на PET амбалажа и беа информирани дека пластичниот отпад можат да го оставаат во специјалните жолти контејнери кои се наместени на дваесетина локации во градот. Акцијата имаше за цел да се намали пластичниот отпад на јавните површини во градот и да се подигне јавната свест кај граѓаните дека пластичната амбалажа треба да се собира и селектира.

Во Македонија се рециклира мал процент од пластиката. Од речиси 14.000 тони пластика што се создава годишно на пазарот, се рециклираат само 19 проценти или околу 2.600 тони. Со еден тон рециклирани шишиња (20.000 шишиња) се заштедува енергија колку што трошат две лица во текот на една година (околу 5.700 киловати) и количина на вода што би ја користел еден човек за време од два месеца. Рециклираната PET пластика се користи како суровина за правење шишиња и садови за пакување, а може да се конвертира во влакна, ткаенини, хартија за пакување, дури и за производство на автомоблиски делови. Со рециклирањето се намалуваат количините на пластика на депониите, емитувањето на стакленички гасови и загадувањето на почвата, подземните води и загадувањето на воздухот.

Акцијата за собирање пластичен отпад беше организирана од еколошкото друштво „Вила Зора“ Велес и Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.