motori-banskoliev-7-696x464.jpg

Бучава е секој звук, кој поради големиот интензитет и долготрајното дејство предизвикува физички или психички последици. Толку сме навикнати на бучавата во градовите, па како да не ја ни забележуваме, ниту пак помислуваме на негативните последици од неа. А таа постојано им штети на физичкото и на менталното здравје на луѓето, и дење и ноќе. Без разлика каков е изворот на бучавата, пожелно е колку што можеме да се заштитиме од неа.

Пропишаните гранични вредности на бучава изнесуваат 55 децибели во текот на денот и 45 децибели во текот на ноќта.

Мирот на граѓаните се нарушува од бучава кога граничните вредности на основните индикатори за бучава се повисоки од 30 децибели кај болниците, 35 децибели кај станбените објекти, просториите за одмор, домовите за стари лица и хотелските соби, 40 децибели кај училниците, читалниците и амфитеатрите и 50 децибели кај канцелариите на административните згради.

Во Скопје жителите се постојано вознемирени од големата бучава, особено во централните подрачја на градот, во деловите на булеварите. Големиот број возила формираат долги колони и метеж на улиците и честопати ја надминуваат дозволената граница на бучава. Во текот на ноќните часови може да се слушнат силни и иритирачки звуци на мотоцикли и автомобили, кои со брзина поголема од дозволената се движат по булеварите, а јачината и времетраењето на бучавата предизвикуваат сериозни последици кај луѓето.

Од градот Скопје информираат дека трае јавната набавка за изработка на стратегиска карта на бучава и акциски план за бучава. Станува збор за изработка на стратегиска карта, која ќе претставува темелна карта за бучава со сеопфатна процена за опфатеноста и изложеноста на населението од различни извори.

Скопјани најчесто се жалат на високите децибели предизвикана од моторните возила, кои често ги оставаат без сон.

– Најмногу бучава предизвикуваат оние што возат големи мотори. Автобусите на ЈСП не се проблем, сепак станува збор за економичен градски превоз, но автомобилите наутро и попладне создаваат многу бучава кога ќе се формираат долги колони. Бучавата од нив раздразнува и влијае ужасно, а исто така тука се и звуците од објектите, кои постојано се градат – вели Наталија Јовановска.

Несовесните граѓани што возат со брзина поголема од дозволената не само што ги нарушуваат јавниот ред и мир, туку претставуваат и опасност за пешаците.

– Луѓето што возат автомобили и мотори со брзина над дозволената, не само што ги прекршуваат сообраќајните правила за ограничување на брзината, туку ги нарушуваат и јавниот ред и мир. Брзите возила во ноќните часови можат да ги надминат и границите од 100 децибели, со што ги вознемируваат граѓаните во ноќните часови – велат од Министерството за внатрешни работи. Оттаму информираат дека скопската полиција ги зголемила контролите во сообраќајот за да го спречат брзото возење на несовесните возачи, а граѓаните го потврдуваат зачестеното присуство на полицијата во ноќните часови, која сега и почесто легитимира.

Сепак, најмногу казни за бучава им се изречени на сопственици на кафулиња и дискотеки. Всушност, граѓаните во централното градско подрачје постојано се жалат на големата бучава од угостителските објекти, бидејќи таа претставува најголем проблем за нив. За прекршителите на Законот за бучава се предвидени парични казни. Кога станува збор за дискотека или за кафуле во кои инспекторите ќе утврдат дека предизвикуваат врева што ја надминува границата на дозволеното, следува казна од 500 до 20 илјади евра за правни лица и 150 до 450 евра за физички лица.

Третина од популацијата на ЕУ е изложена на прекумерна бучава

Истражувачите што се занимаваат со оваа проблематика утврдиле дека бучавата има големо влијание врз работата на срцето, предизвикува висок крвен притисок, тешкотии во спиењето и во концентрацијата кај децата. Таа може да предизвика низа здравствени проблеми, како што се анксиозност, стрес и надразливост, проблеми со спиењето и пречки во говорната комуникација. Кај околу 25 отсто од населението е утврден умерен или висок степен на нарушување на сонот, а тоа е директно поврзано со надразливоста предизвикана од зголемената бучава.

Тишината во денешно време е луксуз, а на оние што се изложени на бучава здравјето постојано им е во опасност. Научници од Универзитетската болница во Шведска направиле истражување и откриле дека сообраќајот е најважниот извор на бучава што го произведува модерното општество. Една третина од популацијата на Европската Унија деноноќно е изложена на бучава повисока од 55 децибели. Утврдено е дека изложеноста на бучава на над 60 децибели доведува до нарушување на психофизичката состојба кај луѓето од сите генерации, а самите проблеми преку крвниот притисок се пренесуваат на мозокот и на срцето, со што се зголемуваат шансите за мозочен и срцев удар, а ризикот се зголемува од 7 до 17 отсто на секои дополнителни десет децибели бучава.

Со овој текст весникот „Нова Македонија“ ѝ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ на Институтот за комуникациски студии. Текстот е првично објавен ТУКА.