kampanjata-ne-ignoriraj-reagiraj-pretstavena-pred-britanskiot-princ-edvard-vnatre.jpg
Макети за пренамена на некои од атрактивните простори во скопско Дебар Маало, фотоприказни за загадувањето на природната околина во Македонија, хербариум и фаунариум кои го прикажуваат биодиверзитетот во градовите. На овој начин кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ му беше претставена на принцот Едвард, грофот од Весекс, на приемот што во негова чест го организираше Британската амбасада во Скопје.
 
Студентите од Архитектонскиот факултет му објаснија на принцот Едвард дека во една од најатрактивните локации за живеење во Скопје, Дебар Маало, интензивно се гради, а со тоа се намалуваат јавните простори и квалитетот на животот на граѓаните. Оттаму, тие му ги претставија нивните решенија преку макети, постери и видеа како да се надокнади изгубеното и да се пренаменат постојните локации.
 
Во Националната филхармонија, и средношколци од повеќе градови од Македонија го пренесоа нивниот став против загадувањето на животната средина, што го претставија преку фотоприказни на средношколскиот конкурс за најдобар медиумски производ „Изрази се преку медиумите“.

 

Иако интензивната урбанизација и загаденост во градовите создава чувство дека нема простор за природата и животинскиот свет, сепак урбаните области се живеалишта на голем број автохтони и ендемични видови. Затоа од Институтот за биологија беа изработени урбан хербариум и фаунариум, за да се покаже како човекот влијае врз биодиверзитетот и да се евидентираат видовите кои се присутни во градската средина, но и оние кои исчезнале.

Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ ја реализира Институтот за комуникациски студии како дел од проектот „Поддршка за добро владеење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје.

Фотографиите од настанот преземете ги ТУКА.