sar-planina.jpg

На Шар Планина се сечат илјадници дрва, алармира алпинистот и фотограф од селото Бозовце, Шахин Фазлија. Тој речиси секоја недела оди на една туристичка локација во Лешница, која се наоѓа 8 км од неговото село. Со својот фотоапарат направил многу  фотографии на кои можат да се видат исечени дрва и багери. Вели дека се подготвува терен за изградба на хидроцентрала.

Во селото можат да се забележат и селани со коњи натоварени со дрва. Наидовме на еден локален жител кој тргнал да сече дрва.

Селаните раскажуваат дека се плашат да сечат дрва, бидејќи глобите се доста високи. Но, снимките на камерата на ТВ21 покажуваат дека еден дел од планината е целосно „соголен“.

Хамди Сулејмани од Иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ вели дека неконтролираната сеча на дрва, се претвора во голема катастрофа. Најавуваат масовен протест за заштита на Шара.

Освен Шара, во опасност се и сите други планини особено во западниот дел од државава , особено во пресрет на зимскиот период и падот на температурите, кога граѓаните за да не купуваат огревно дрво, го избираат полесниот пат и се решаваат на дива сеча. Во однос на оваа појава, побаравме одговор од ЈП „Национални шуми“, но до ова информативно издание не добивме одговор.

Автор: Арбана Ќерими

Со овој прилог, ТВ 21 се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје. Прилогот е првично објавен ТУКА.