Локалитетот Гази Баба се наоѓа во средиштето на градската урбана средина во близина на скопската населба Железара. Токму поради ваквата местоположба шумата на овој локалитет има посебна вредност.
Како што се наведува во Студијата за природни вредности на Водно и Гази Баба, Парк-шумата на Гази Баба е подигната во средината на минатиот век како рекреативно-парковска зона наменета за спорт и рекреација на граѓаните на Скопје. Пошумувањето започнало по завршувањето на Втората светска војна, благодарение на ентузијазмот на граѓаните преку организирање на работни младински акции. Статусот на парк-шума Гази Баба го добива по земјотресот во 1963 година, при што се опфатени околу 100 хектари земјиште.
Примарна вегетација на овој простор е шумската заедница Querco-Carpinetum orientalis macedonicum, меѓутоа денес таа е скоро целосно уништена. На нејзино место се подигнати антропогени насади од поголем број автохтони и алохтони дрвенести видови. Денес, на територијата на Гази Баба може да се сретнат 109 растителни видови, 136 видови на габи и 165 видови од разни групи на фауната.
Според истражувањето Состојбите на природното наследство во Р. Македонија и опасностите од негова деградација, карактеристичниот пејзаж Гази Баба како место за спорт и рекреација може негативно да се одрази врз неговиот биодиверзитет што од друга страна го потврдува фактот дека најголеми закани за неговиот опстанок сепак се од антропогениот карактер.