Според светската здравствена организација, од сите материи што се откриени во штетните ПМ10 честички, 28 се токсични, а 14 канцерогени. А, станавме славни по високите концентрации на тие суспендирани цврсти честички, рече професорот Дејан Мираковски. Според него, концентрацијата на загаден воздух на фреквентните раскрсници е еднаква со таа во мирните улици. Затоа според Мираковски, правилата од светските метрополи кај нас не важат. Тој предлага намалување на загадувањето со адекватна инфраструктура, што сега ни недостасува.
- Кога сакаме да смениме нешто, немаме услови тоа да го смениме. На пример, греењето не можеме да го замениме ако немаме инфраструктура, за да го замениме, вели Дејан Мираковски-професор на Факултет за природни и технички науки во Штип
Причината за хаосот и загушувањето по градовите е и во начинот на автоцентрично планирање , кое доколку продолжи, нема да не одведе никаде, истакна архитект- урбанист Дивна Пенчиќ. Таа решението го гледа во креирањето одржливи, инклузивни градови, како дел од целите за одржлив развој, усвоени од Обединетите нации во 2015 година .
- Креирање градови кои ќе обезбедат домување за сите. (р) Ќе треба да планираме поинаков транспорт низ градот, ќе треба да се грижиме за културното и природното наследство на градовите. Ќе треба да ги вклучиме сите граѓани и сите чинители во она што значи креирање градски политики и планирање град, смета Дивна Пенчиќ- архитект-урбанист
Во земјава , загадува и енергетиката и затоа е потребно стратешко планирање на енергетските и материјални ресурси и примена на концептот на одржлив развој, истакна Ана Лазаревска, експерт по енергетски менаџмент. Кампањата „ Не игнорирај. Реагирај“, што ја започна Институтот за комуникациски студии , ќе трае цела година. Ќе се одржат повеќе дебати на 3 теми , одржливи градови, здрава околина и климатски промени.