Скопје е дом на незнаен број на жители. Постојано се населуваат нови и нови. Во главните скопски населби и маала – зграда до зграда. Секоја од нив поголема од претходната. И градежните компании се чини сакаат да побрзаат и со широко отворени врати и клучеви од стан да ги дочекаат сите оние кои тука ќе си ја побараат егзистенцијата. Но, секоја нова зграда, секој објект којшто се гради само заради тоа што побарувачката е голема – е проблем повеќе за градот смета урбанистот Иван Арсовски.
„Кога се планира град еден од основните аспекти коишто треба да се гледаат покрај канализационата мрежа е и снабдувањето со вода. Нашите извори за пиење се Рашче и резервниот извор, бунарите кај Лепенец. Тоа и те како влијае на бројот на жители односно на планирањето на тоа колкав број на жители треба да има градот. Тие се ограничени капацитети и врз основа на тие ограничени капацитети ние треба да го димензионираме градот“ кажа архитектот Иван Арсовски.
Скопје попладне. Голема раздвиженост и вообичаен метеж. Луѓето брзаат дома после дневните обврски. Дел од нив живеат во најгусто населените населби, најблизу до центарот. Сите од надлежните се сложуваат за едно – пренаселеноста е проблем кој постои заради социјални и економски потешкотии во државата.
„Економскиот развој и потребите на населението се секогаш побрзи од планирањето, проектирањето и изведбата на инфраструктурата“ кажа архитектот Иван Арсовски.
Изминатите триесет години властите се занимавале со развој на главниот град, на сметка на другите места во земјата каде се живее посиромашно. За да се ослободи од неконтролираниот наплив на новонаселени онаму каде е најгусто од луѓе и згради, Скопје ќе почека уште најмалку 30 години.
„Наша должност е да овозможиме сериозно добра инфраструктура во други делови од градот како би притисокот за градба во Карпош, Центар, Аеродром едноставно го тргнеме на страна“ кажа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Токму во една од најгусто населените населби во Скопје, Аеродром ги прашавме луѓето како живеат.
„Со инфраструктурата и канализациите како ќе биде во иднина не знам.“
„Паркови немало порано такви типични, оплеменети, меѓутоа имало простор каде да се седне.“
„Има само еден парк којшто не е воопшто со дрвја, само детски игралишта има. Тоа е.“
Пренаселеноста е реален проблем кој постојано се влошува, но градот нема да доживее колапс и покрај преискористената инфраструктура. Многумина од оние кои се населуваат тука, особено помладите, на Скопје гледаат како последна станица пред да си заминат од земјава и подобар живот да побараат некаде надвор.
„Претпоследна дестинација им е Скопје. Ќе ги потрошат оние средства коишто ги стекнале со продажба на нивниот имот – земјоделско земјиште или куќи. Не можат да најдат работа бидејќи не може да има работа за 700 илјади луѓе во Скопје“ кажа д-р. Никола Панов, демограф.
Многу од дрвјата и тревата завршува под безмилосниот удар на багерите на градежниците.
„Моментално Скопје е 13% под границата, односно, препорачаниот европски просек за зеленило во градот.“
Од Владата ветуваат дека со нови закони ќе ја спречуваат градежната механизација да продолжи да го раскопува Скопје, а дополнително во канцелариите се пишуваат и подзаконски акти кои ќе бидат предложени – за да се регулира процентот на зеленило.
„Очекуваме дека со овој Закон ќе се засили надзорот во државниот градежен инспекторат се со цел да се сосечат сите коруптивни елементи коишто ги има во урбанизмот и градежништвото. Дополнително покрај овој Закон за урбанистичко планирање ќе биде исто така изработен подзаконски акт односно правилник со кој ќе биде регулирана зелената површина“ кажа Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
Градските власти се потпираат на мораториумот за нови градби во најатрактивните локации за градежниците – Карпош и Центар, а градоначалниците сметаат дека тоа е вистинскиот начин да се изборат со урбанистичкото дивеење. Во скопскиот регион се издадени најмногу одобренија за нови градби во јануари – 125 на број. Од нив 82 се за физички лица, а 43 за деловни субјекти.
Со оваа сторија Телма се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ на Институтот за комуникациски студии.
Сторијата е првично објавена ТУКА.