30 години по неуспешниот референдум за трамвај во главниот град и неколкуте пропаднати проекти за комплетно решавање на сообраќајниот хаос, Скопје се соочува со комплетна девастација на јавниот простор, а движењето низ градот е секојдневно мачење за неговите жители. Метежот по скопските улици, проблемот со паркирањето но и рекордната загаденост предизвикуваат стрес и нервоза кај сите учесници во сообраќајот.

Поради ова, решеноста на скопскиот градоначалник Петре Шилегов за изградба на трамвај наиде на одобрување кај експертите за сообраќај, но напоменуваат дека за надминување на горливиот проблем е најдобро да се воведе брз, а не класичен трамвај.

„Ако Скопје избере систем на класичен трамвај кој користи иста сообраќајна лента со останатиот сообраќај, тогаш залудно ќе се фрлат огромни пари. Наместо заглавен автобус во сообраќај, ќе добиеме заглавен трамвај во сообраќај, за многу пари“, вели професор Никола Крстаноски, сообраќаен инженер.

Градежниот инженер Бобан Атанасоски кому сообраќајот во Скопје му е дипломска работа на Универзитетот во Љубљана смета дека „трамвајот е одлично решение“.

„Трамваите се едноставно цивилизирани. Тие се „позелени“, со три пати поголема енергетска ефикасност од автобусите, траат многу подолго и лесно се прилагодливи и на топло време и на лоши временски услови“ вели Атанасоски.

Класичен трамвај

„За Скопје одлично решение би бил системот на брз трамвај, а не трамвај кој би се движел паралелно со остатокот од сообраќајот. Стариот систем на трамвај и не е решение, бидејќи ќе потроши многу пари,  а повторно трамвајот ќе биде заглавен во сообраќајниот метеж“,  вели  Атанасоски.

Градските власти во соработка со Загребскиот електричен трамвај  изготвиле студија со техничко решение за изградба на трамвајот и се испитува можноста тој да сообраќа по средишниот дел на улиците или странично по булеварите. Првата траса би била од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, со изградба на депо.

„Покрај техничките перформанси, во моментов се работи и на дефинирање на изворите на финансирање на овој мега капитален проект, а паралелно со тоа ќе се работи и на измена на сообраќајните автобуски линии.

Во однос на самата микролокација за движењето на трамвајот, во моментов тоа се уште се испитува и постои можност тој да се движи по средишниот дел (каде сега што се жардињерите) или странично на булеварите“ соопштија од Град Скопје.

Можни решенија за средување на градскиот метеж: Брз трамвај или брз автобуски систем

Модернизирањето на јавниот градски превоз треба да обезбеди брз, редовен и удобен транспорт кој нема да ја загадува животната средина и ќе биде достапен и привлечен за жителите на градот.

Анализата покажува дека за Скопје најприменливи се брзиот трамвај или брзиот автобуски превоз.

„Брзиот  трамвај, за разлика од класичниот се движи на физички одвоена – посебна траса од останатиот моторен сообраќај. На тој начин, независно од сообраќајниот метеж, брзиот трамвај ќе дава брза, точна и редовна услуга во удобни возила со голем капацитет“, вели професорот Крстановски.

Брз трамвај

И Атанасоски смета дека одлично решение за Скопје би бил системот на брз трамвај кои е особено популарен во последниве години, поради безбедноста што ја нудат.

„Системите на брз трамвај имаат карактеристики на рапиден транспорт односно лесно метро (light metro). Системот на брз трамвај се состои од неколку модернизирани ексклузивни шини со апсолутен приоритет на системот за премин со физички оддвоена рута. Овај систем би ја направил посакуваната дестинација на патниците подостапна. Краков и Познањ се првите полски градови кои имаат имплементирано брз трамвај како градски транспортен систем“ вели Атанасоски.

Добро решение за сообраќајниот метеж во Скопје, според Атанасоски би била и висечката железница (надвиснат трамвај) која што исто така е систем на брз трамвај. Оваа подигната железница се движи на една шина, а  вагонот или композицијата  виси на фиксиран колосек.

Висечки трамвај

„Тоа е безпилотен (без управувач) патнички железнички систем којшто е изграден како надвиснат систем над улиците, реки или канали. Ова е одлична идеа за Скопје бидејќи не се пресретнува со веќе постоечкиот патен сообраќај а воедно и  ќе го намали сообраќајниот метеж низ градот“, вели Атанасоски.  Овој концепт на надвиснат трамвај се спроведува во Дортмунд и на  аеродромот во Дизелдорф.

Максималната брзина на овој надвиснат трамвај  е 50 км на час, а во една кабина може да се превезуваат 29 патници.

Освен т.н брзи трамваи, професорот Крстановски смета дека во Скопје би можел да се примени и брзиот автобуски превоз.

Брз автобуски превоз

„Брзиот автобуски превоз систем се разликува од класичниот градски автобус по две суштински работи: трасата е физички одвоена од останатиот сообраќај и наплатата на билети е надвор од возило на стојалиштата кои се заградени и внатре во нив чекаат патници кои веќе имаат платено билет. Тоа овозможува најмало можно време за влез и излез на патници на стојалишта. Повторно брзината, редовноста и точноста е значајно поголема во споредба со класичниот јавен градски превоз“, објаснува Крстаноски.

Трамвајот –  желба на хартија повеќе од три децении

За изградба на трамвај во Градот се зборува повеќе од 30 години. По неуспешниот референдум кон крајот на 80 тите години, проектот го „оживеа“ поранешниот градоначалник на Скопје Трифун Костовски, а потоа и неговиот наследник Коце Трајановски кој два мандати управуваше со Градот но сите овие планови останаа само на хартија. Во јануари 2015 од  градската администрација рекоа дека „тендерот пропаднал, затоа што ниту една фирма не пројавила интрес за проектирање, изградба и финанисирање и стопанисување со лесниот шински превоз“, а советниците ја поништија Одлуката за воспоставување јавно – приватно партнерство за изградба на трамвај во Скопје.

Шилегов сега повторно ја актуелизира идејата. Според  проценките првата траса би чинела од  80 до 150 милиони евра, но финансии се уште не се обезбедни .

И додека ветувањата да се реализираат, жителите на Градот секојдневно се соочуваат со долго патување низ сообраќајниот метеж заглавени во долгите колони, а Скопје останува единствен град со повеќе од 500 000 жители кој има само класичен автобуски градски превоз.

Во сите 34 градови во ЕУ во кои живеат од 400 000 до 650 000 жители, покрај автобуски систем како јавен градски превоз имат системи со високи перформанси: метро системи, брз трамвај, трамвај, регионална железница, автоматски кабински превози и сл. Метро систем имаат и градови што се двојно и повеќе помали од Скопје како што се  Лозана, Бреша, Лил.

Решавањето на сообраќајниот метеж не е едноставно и бара комплетна стратегија за нова  ефикасна сообраќајна политика која ќе придонесе и за менување на сообраќајната култура.

Ако се следи примерот на Љубљана и на други европски градови, пристапот со автомобили во центарот на европските метрополи е речиси забранет и тие се претворени во зона со ниска емисија на издувни гасови. Љубљана во 2016 година беше избрана за Најзелен европски главен град по драстичните промени што ги направи во сообраќајната политика во изминатата деценија, не само во локалниот транспорт, туку и во потикнување на велосипедизмот и пешачењето. Од град во кој доминираше  автомобилскиот транспорт, фокусот  се стави на јавниот транспорт и на пешачки и велосипедски мрежи.

Експертите немаат дилеми дека големата фреквентност на автомобили во градовите е во конфликт со градот. Похуман, „позелен“, попријатен град за живеење, може да се постигне само со подршка и развој на алтернативни видови на превоз, а тоа во големите градови е пред се јавниот градски превоз. Единствен аргумент против е цената затоа што системите на јавен градски превоз со високи перформанси бараат огромни капитални вложувања. Но, многу научни студии покажуваат дека долгорочно тоа се најдобро вложени пари во еден град.

Со овој текст НОВА ТВ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.