На десетина километри од Битола, во срцето на Пелагонија, се крие селото Мегленци. Некогаш и тука имало живот. Денес, може да сретнете само некој залутан добиток и исселеници кои одвреме навреме доаѓаат за викенд.
„Имало некогаш тука колку што имало куќи имало и луѓе. Ама сите се исселија.“- велат локалните жители.
Ако камерата можеше да го долови и сетилото за мирис, ќе ви беше јасно и зошто.
„Битолчани секојдневно се трујат во сопственото ѓубре, во она што се нарекува еколошка катастрофа и она што се нарекува негрижа за сопствените граѓани.“ - вели Габриела Илиевска, независна советничка во Општина Битола од „Поинаку“.
На само неколку чекори од Meгленци, низ шест илјади метри квадратни се протега истоимената депонија. По пат, не може да ја пропуштите, бидејќи сметот ќе ве пречека уште на километар пред да стигнете до официјалниот влез. Знакот СТОП, не ги спречува да влезат во неа и животни, но и луѓе собирачи на отпад.
Регионална дива, за едни депонија за други извор на егзистенција. Депонијата Мегленци се чини е феномен сама по себе. Сите ја користат никој не е конкретно одговорен.
Но, со оваа формулација не се согласуваат оние кои раководат со Мегленци. Со документи од инспекциски надзори објаснуваат дека ова е „регистрирано одлагалиште“, кое нема еколошка дозвола за работа, но работи по сите правила и прописи.
„Најпрво да одговорам на вашето прашање, со прашање: Колку депонии вие сте посетиле досега? (Неколку) Би ве прашал и колку депонии сте виделе со свои очи да се во подобра состојба од оваа депонија бидејќи тоа не е само мое мислење, туку и на многу мои колеги дека навистина оваа депонија е во една многу добра состојба. Се постапува по сите закони и прописи. - објаснува директорот на Јавното Претпријатие „Комуналец“.
Ние сме тоа што јадеме. Ако се водиме по оваа стара поговорка тогаш ние сме само обично ѓубре, ќе ви речат активистите.
„Таму, за жал се хранат и животни кои стигаат на трпезите на граѓаните на Битола, но и низ цела држава. Тоа е еден таков башибозук, а толку лесно може да се среди..Како да живееме на некоја друга планета“ - вели активистот Дуле Груевски.
Легендарните свињи кои го јадат сметот на Битола, Новаци и Могила овојпат не ги сретнавме. Не ги сретнале никогаш, ниту локалните инспектори. Сепак, првиот инспектор за храна, уверува дека не си го јадеме сопственото ѓубре.
„Агенцијата имаше и попис на сите одгледувалишта на свињи. Точно ги детектиравме каде се наоѓаат свињите, и со ГПС координати се внесени. Имаме тотална контрола каде се одгледувалиштата. Системот е така направен да вие не можете да продадете свиња ако не е обележана и ако нема здравствен сертификат. “ - вели директорот на АХВ Зоран Атанасов.
Локалните Општини кренаа раце од Мегленци и со дописи до Владата побараа таа да ја преземе одговорноста за изградба на нова современа депонија, која се најавува со децении.
„Се знае само точно во кој места ќе бидат тие регионални депонии. Сето останато е во рацете на Владата на Република Северна Македонија.” - вели градоначалникот на Општина Новаци Љубе Кузманоски.
Од владата уверуваат дека по изборите, енергично ќе се зафатат со решавање на овие проблеми, бидејќи токму управувањето со отпад ќе биде наш тест и пред Европската Унијa, која од сопственот смет веќе почна да произведува струја. До првата европска членка Мегленци ја делат неколку километри, но според стандардите, уште мал број светлосни години.
Со оваа сторија, Телевизија 24 се придружува кон кампањата на Институтот за комуникациски студии за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.