Како да ги употребуваме растенијата за кожата на телото, за зголемување на очните трепки или против комарци, но и како да ги користиме како природни лекови. На работилницата за млади во Ботаничката градина во Гази Баба, околу 20 тинејџери учеа за карактеристиките, ефектите и придобивките од различни видови растенија кои растат во Македонија и како можеме самите да ги користиме во секојдневниот живот.
Младите од кумановско Слупчане рекоа дека во нивното село босилекот се користи како средство против комарци, кој има и добар мирис Исто така дека камилицата се користи како чај, но и како крема за лице..
Тинејџерите рекоа дека слушнале дека кантарионот може да се користи како масло за тело, дека зелениот чај се пие за слабеење, а дека ориганото, освен како зачин, може да се користи и како козметичко средство за зголемување на очните трепки. Но досега не забележале дали овие растенија растат во местото кадешто живеат и кои се нивните карактеристики.
„Во нашиот регион се присутни различни лековити растенија. Некои од нив ги има и во дворовите на куќите, како што е липата. Имам видено како во ливадите на село Опаје расте и кантарионот“, вели наставничката по биологија од училиштето „Фаик Коница“, Бехиде Даути.
Од Ботаничката градина им објаснија дека зелениот чај расте и се култивира во Јапонија. „Овој и црниот чај извираат од едно растеније. Потоа во процесот на обработка до финален продукт тие се разликуваат. Препорачано е сите чаеви, освен од нане, да се пијат по мерка, инаку може да имаат контра ефект”, рече Цветанка Цветковска од Ботаничката градина.
Есил Мустафа кажа дека кога ги чуваме растенијата, ја чуваме и нашата иднина. „Лековитите растенија не треба да ги уништиме или оштетиме. Тие го збогатуваат кислородот. Со нашиот придонес кон нив, ние си помагаме себеси и околината. Мислам дека треба поголема свест за важноста на овие билки”, рече Мустафа.
Како дел од работилницата за изработка на природни козметички производи, која е наменета за млади над 13 години, тие учеа како се прави природен козметички производ.
Поделени во неколку групи, користејќи вазелин и екстракти од портокал и мандарина успеаја да направат лабело за усни. Импресионирани од овој експеримент, тинејџерите рекоа дека ќе пробаат истото да го направат и дома.
Учесниците на работилницата рекоа дека ова е ретка прилика да се запознаат со различни растенија и како се одгледуваат во стакленикот на Ботаничката градина. На крајот од посетата, ја разгледаа и колекција од суви растенија
Работилниците за млади и деца се организираат во Ботаничката градина до крајот на мај од Институтот за биологија, Македонското биолошко друштво и Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.
Фотоприказната ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинар: Омер Џафери
Фоторепортер: Борче Поповски