Во време кога градовите се соочуваат со огромни економски и еколошки предизвици, токму технологијата може да биде клучен фактор за надминување на градските проблеми и унапредување на урбаното живеење. Се проценува дека до 2050 година, околу 70 проценти од светската популација ќе живеат во градовите, а со тоа ќе се отежни и самиот живот во нив.
Паметен град или „смарт сити“ е концепт на функционирање на еден град или урбано подрачје, што се карактеризира со користење напредни дигитални технологии за оптимизирање на градските ресурси, намалување на трошоците, подобрување на квалитетот на живот и обезбедување подобри услуги на граѓаните. Концептот на паметен град се осврнува на повеќе аспекти. Планска и хумана урбанизација на општините, квалитетен јавен транспорт, инклузивен процес при креирање на политиките што ги засегаат граѓаните, правилен и одржлив развој на руралните делови и нивно поврзување со урбаното јадро. Честопати се истакнува дека смарт сити е начин на живеење, начин на размислување на граѓаните и подигнување на квалитетот на живот. Оттаму, се наметнува прашањето колку Скопје е подготвено, односно има предуслови да прерасне во паметен град.
Како технологии што досега ги има имплементирано градот Скопје, а влегуваат во овој концепт, се проектите за воведување на автоматската локација на автобусите во јавниот превоз и електронската наплата во нив. Скопје е дел од светскиот проект „МечАп“, со кој се стреми да стане енергетски паметен град во рамките на европската програма за истражување и иновации „Хоризонт 2020“.
Од општината Карпош велат дека постојано работат на унапредување на услугите преку воведување паметни алатки – мобилна апликација за пријавување проблеми, давање предлози и иницијативи и негување двонасочна комуникација со граѓаните.
– За да функционираат паметните градови, државата мора да инвестира заедно со локалната самоуправа и приватниот сектор за да се обезбеди основна инфраструктура. Технологијата сама по себе нема да го направи градот попаметен. Градењето паметни градови бара политичко разбирање за технологијата, разбирање за процесите што се зад таа технологија и желба за обезбедување побрзи, поефикасни и поевтини услуги на граѓаните – вели Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.
Паметните технологии нудат и наоѓаат многу примени во урбаниот транспорт, како што се системот „делење автомобили“, самоуправувачките возила, електричните возила што не емитуваат штетни гасови во атмосферата или соларните чамци што не користат фосилни горива.
Извршната директорка на „Екосвест“, Ана Чоловиќ Лешоска, изјави дека подготвиле информативна брошура за паметни градови за да дадат практични примери за тоа што сѐ значи и каде може да се употреби овој концепт.
„Смарт Охрид“ е концепт за одржлив, иновативен и еколошки прифатлив транспорт во националниот парк Галичица, кој нуди достапен и секојдневен јавен превоз по должината на крајбрежјето, што ќе овозможи голем број придобивки за граѓаните и туристите, а се состои од електрични велосипеди и возила, соларен автобуски превоз или соларен воден транспорт. Идејата е да се олесни и намали притисокот на сообраќајот врз националниот парк Галичица со тоа што сите автомобили, или барем дел, ќе се пренасочат на друг вид сообраќај, објаснуваат од „Екосвест“.
Паметните градови имаат да понудат голема помош во сообраќајот, како помошта за паркирање, која преку апликација нуди наоѓање слободно место за паркирање на саканата локација. Со ова се скратува времето потребно за барање слободно место, кое е тешко во големите градови, со густ сообраќаен метеж, истовремено се штеди гориво и не се емитуваат дополнителни штетни честички. Алармите за состојбата на патиштата можат да ги информираат возачите за промените на патиштата, како што се сообраќајните несреќи, или доколку улиците се поплавени, а притоа возачите добиваат информации преку своите ГПС-уреди за ситуацијата на таа локација и навремено ги опоменува и им помага да ја избегнат.
За олеснување на сообраќајниот метеж градовите на иднината е потребно да воведат апликации за паркирање, дигитално и лесно плаќање на паркингот, апликации со мапи на градовите што би содржеле информации за метежот во сообраќајот. Вакви апликации има во градовите Балтимор, Отава и Њу Орлеанс, каде што им помагаат на туристите, но и на самите граѓани, подобро да живеат во овие градови.
Повеќето видови јавен превоз, брзите возови и автобуси, програмата за размена на велосипеди и поделбата на превозот исто така би придонеле за намалување на штетните гасови, а поголема ефикасност во сообраќајот.
Чекор поблиску до воведување паметни технологии беше и „Ретинк“ креативниот маратон за развивање решенија за паметни градови, кој се одржа во Скопје во 2018 година.
– Сакам да придонесам кон развивање паметно решение што еден ден ќе може да се реализира. Една од идеите на кои би работеле е паметен паркинг, односно систем преку кој автомобилот би бил конектиран и би можел да добива информации за најблиските слободни паркинг-места и како да се стигне до нив – изјави Цветанка Шемова, учесничка на креативниот маратон за развивање решенија за паметни градови“Ретинк“.
Концептот на паметен град може да ги подобри условите за живеење во урбаните центри преку комбинирање на економскиот и одржливиот развој на животната средина. Придобивките во сообраќајот би биле зголемена безбедност на патиштата, намален метеж и бучава во градовите и заштита на животната средина. Преку регулирањето на паркинзите, информациите за метежот и состојбата на патиштата, па до регулирањето и пренасочувањето на сообраќајот, паметните апликации би го олесниле и направиле градот еден вид жив организам што ќе им го олесни животот на своите граѓани.
Со овој текст весникот „Нова Македонија“ се приклучува во кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.