shutterstock_529439698-777x437.jpg

Град Скопје денеска објави тендер за „смарт сити“, а Советот на Општина Велес ја усвои нацрт-стратегијата за Велес – паметен град. Ова се првите сериозни чекори кои треба да значат воведување на дигиталната технологија и во македонските градови.

Сензорското управување со уличните светилки, со паркинг просторот и со собирањето на сметот се веќе секојдневие во европските и во светските метрополи. Лидери на овој план очекувано се Сингапур и Дубаи, вели Дејан Соколоски ИТ експерт, но на листата се и Лондон, Сеул, Барселона, Њујорк…

„Во Сингапур има многу  различна примена, на пример, со технологијата се следат граѓаните кои пушат, каде пушат, дали пушат на простор на кој тоа не е дозволено. Интересно е исто така дека во делови од Сингапур кои имаат проблем со фрлање ѓубре од згради, има начин на кој тоа се следи.  Со технологија се следат и многу други податоци: од густина на граѓани на некои локации, до потреба за чистење на јавниот простор.

Дубаи, на пример, користи автоматизирано решение за казни при сообраќајни прекршоци. Станува збор за склоп од неколку решенија. камерите го следат сообраќајот и реагираат кога се прави прекршок, преку апликација им се испраќа на возачите известување за казната, а од истата таа апликација може и да се плати казната. Оваа апликација се користи и за низа различни потреби, од плаќање сметки до следење поштенски пратки.

Барселона има одлично решение за собирање ѓубре. Сметот се собира автоматски со цевки кои под земја се поврзани со кантите. Со ова, не само што се спречува ширење миризба туку е овозможено следење на тоа каде се потребни повеќе канти, каде има повеќе смет и потоа може да се носат решенија врз база на овие податоци“ вели Дејан Соколоски, автор на it.mk

Скопје и Велес – пионери за „паметни градови“

Град Скопје денеска објави јавен повик за „набавка и имплементација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град“.

Во тендерот објавен на Бирото за јавни набавки се бара платформата за дигитален град да опфати систем за паметно осветлување, паметно паркирање, мониторинг на квалитетот на воздухот, систем за јавно мислење и задоволство на граѓаните,  за паметно мерење на потрошувачка на вода и изработка на градски портал. За дигитализацијата на овие услуги се планирани 5,5 милиони евра.

„Со цел да се унапреди енергетската ефикасност на град Скопје и да се оствари заштеда за уличното осветлување Град Скопје има потреба да инсталира 9434 лед светилки и имплементација на систем на паметно осветлување. Имплементацијата на лед светилките носи потенцијал на заштеди на потрошувачката на енергија за јавното осветлување од околу 70 проценти во однос на постоечкиот систем“ пишува во тендерот.

Лед светилките ќе се постават на сите улици кои се во надлежност на Градот, во должина од 186 километри, јачината на светлината ќе се адаптира на временските услови, а ќе се контролира од софтверска апликација за управување со паметно осветлување.

Јавен повик за паметно осветлување објавен на Биро за јавни набавки

Системот за паметно паркирање кој најпрво ќе се примени на пилот модел од 100 паркинг места се состои од веб апликација за мониторирање и мобилна апликација за возачите. Вградените магнетни батериски сензори под земја на паркинзите ќе се вклучуваат за слободен паркинг простор. За мерење на квалитетот на воздухот градската администрација набавува и 10 сензори што ќе бидат поставени на различни локации низ градот.

Јавен повик на систем за паметно паркирање и за монитроирање на воздухот објавен на Биро за јавни набавки

„Во иднина, Град Скопје сака да имплементира вакви технологии во областа на креирање на централен комунален сервис кој има цел да им овозможи на граѓаните простор каде што ќе можат да пријават проблем поврзан со комуналните услуги на градот Скопје и веднаш да добијат решение. Тоа вклучува функционални кол-центри, мобилни и веб апликации кои ќе овозможуваат редовни известувања за информации од комуналната сфера, плаќање комунални услуги и следење на статусот на решавање на пријавените проблеми“ изјавија од Град Скопје.

Пристапот на локалната власт во Велес е посеопфатен и долготраен. На седницата на Советот на Велес вчера беше усвоена нацрт стратегијата за „Велес-паметен град 2019 – 2030“, а од понеделник ќе почне и јавната расправа за овој документ.

„Велес е прва општина која воведува паметни решенија за сообраќајот. Користејќи го искуството на словенечките експерти се подготвува стратегија која ќе значи целосна промена и адаптација на сообраќајниот режим кој на прво место ќе ги стави пешаците и велосипедистите и ќе го редуцира бројот на возила во центарот на градот“ објаснуваат од општината. Како дел од оваа стратегија е и дигитализацијата на голем број општински услуги.

„Дигиталната градска платформа ќе се користи при изнајмувањето на велосипеди, во инфраструктурата, управувањето со отпадот – ќе има „паметни контејнери“ на кои ќе се постават сензори кои ќе се вклучуваат кога се полни, паметното јавно осветлување ќе се обезбеди со набавка на лед светилки со сензори кои ќе се активираат и ќе светат повеќе кога ќе забележат движење, паметни паркинзи со известување на граѓаните каде има паркинг простор и каде е пренатрупан сообраќајот. Посебни апликации ќе има за старите лица на кои им треба помош – но оваа апликација со мапирање ќе биде само за Црвениот крст. Посебно важен е проектот „48“ со кој жителите на Велес ќе можат на веб страницата на општината да го пријават секој проблем ( паднато дрво, отпад) кој ќе мора да се реши во рок од 48 часа“ објаснуваат од општината.

Првиот проект за воведување на дигиталната технологија ќе биде езерото Младост каде ќе има паметен паркинг,  паметни патеки и велосиспеди. Замислата е ако изнајмените велосипеди преминат надвор од обележаната патека, тие да се закочуваат. Ќе се постават и паметни клупи на кои ќе може да се полнат мобилни телефони.

„Стратегијата Велес  паметен град 2019 – 2030 година е многу важен стратешки документ со кој ќе го трасираме развојот на Велес во следниот период и максимално ќе ги искористиме предностите кои ги дава информациско – комуникациската технологија. Стратегијата е ориентирана пред се кон потребите на граѓаните и планирањето оди од пристапот од доле кон горе затоа што сите услови се креираат врз основа на потребите на граѓаните. Нашиот концепт опфаќа паметно управување со енергија и зачувување на животната средина, развој на дигитална инфраструктура, ефикасно и транспаретно управување со градот и паметно живеење и социјални услови “ изјави Аце Коцевски градоначалник на Велес.

Предностите и негативностите на „паметен град“

Смарт сити е концепт на функционирање на еден град или урбано подрачје со  користење напредни дигитални технологии за оптимизирање на градските ресурси, намалување на трошоците, подобрување на квалитетот на животот и обезбедување на подобри услуги кон граѓаните.

„Една од најголемите придобивки е можноста за штедење на енергија. Градот ќе може да управува со сè, што ќе овозможи гасење на светилките кога не се потребни, пренасочување на сообраќајот кога има застој и оптимално управување со семафорите.  Дополнително, најверојатно сте забележале барем еден контејнер кој има ѓубре колку за два контејнери. Ова нема да се случува во паметниот град, ѓубрето автоматски се надгледува и веднаш се испраќаат камиони кога ова е потребно“, објаснува ИТ експертот Соколоски.

Но, веројатно најголемиот проблем како и со останатите нови технологии е приватноста на граѓаните.

На пример, техногијата која во моментот се користи во Сингапур и Дубаи  постојано ги следи сите граѓани. Ова често е неопходно за некои сервиси, но секако не е добредојдено, а градовите стануваат потполно надгледувани зони.

Со овој текст НОВА ТВ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.