Употребата на паметни апликации е многу малку застапена или им е комплетно препуштена на ентузијасти, кои ги користат отворените податоци на јавните претпријатија и на институциите за да им понудат поинакво искуство на граѓаните при користењето на сервисите на претпријатијата што тие ги финансираат.
Паркинг-просторот е долгогодишен проблем на Скопје. Зголемен е бројот на луѓето што секојдневно патуваат во Скопје заради извршување на работните обврски, граѓаните имаат повеќе автомобили, но и покрај многубројните паркинг-места и катни гаражи многу тешко се наоѓа слободен паркинг простор.
Во центарот на градот или во Дебар Маало се случува и по половина час да вртите низ улиците за да најдете слободно паркинг-место. Се губи време, се зголемува аерозагадувањето од издувните гасови на автомобилите, а поради немањето паркинг граѓаните ја искористуваат и својата „креативност“, па често узурпираат јавен простор. Овој проблем може да биде решен преку употреба на паметна апликација за мобилен телефон, која ќе содржи информации за слободни паркинг-места и на која локација или во која зона се наоѓаат тие.
Паметните технологии може да се користат за олеснување на пристапот и до други услуги што ги нудат јавните претпријатија. Иако сите сервиси што ги нудат градските претпријатија, паркинзи или градски превоз, овозможуваат плаќање преку телефон со СМС, сепак малку од нив целосно ги имаат целосно дигитализирано своите услуги.
Паметен паркинг по 2020 година
Најголемото јавно претпријатие „Градски паркинг“, кое располага и со најголем број паркинг-места, 8.481 во зонското паркирање и во катните гаражи, нема мобилна апликација која ќе им овозможи на возачите полесно пронаоѓање на едно слободно место. На сајтот на „Градски паркинг“ има линк што води до мобилната апликација parkiraj.mk, која е опишана како Најпрактичен систем за плаќање преку мобилен телефон, но апликацијата не постои. Таа нудела само плаќање, а не и информации за тоа каде има слободно паркинг-место.
Нов систем за слободни паркинг-места се подготвува во организација на Град Скопје, појаснува директорот на ЈП Градски паркинг, Борче Јакимовски. Градот ја подготвува техничката спецификација, тендерот и средствата, 12 милиони денари за имплементација на ваков систем. Но за неговото целосно спроведување постои проблем.
„Паркирањето го одржуваат повеќе правни субјекти – Градски паркинг, ПОЦ, Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, правни субјекти во приватна сопственост. Проблемот настанува бидејќи овој систем треба да ги интегрира сите овие субјекти бидејќи во спротивно нема да ги оправда очекувањата на граѓаните, односно повторно нема да дава точни податоци за слободни паркинг-места. Најтешко за интегрирање во овој систем ќе биде зонското паркирање каде што има повеќе економски оператори кои даваат услуги. Затоа целиот проект чека дополнителна синхронизација помеѓу сите правни субјекти кои даваат паркинг услуги за да може да биде објавен тендерот“, појаснува Јакимовски.
Според него, ваков паметен систем е имплементиран во сите поголеми европски градови и значително би го решил проблемот со паркирањето и во Скопје.
Второто по големина јавно претпријатие, општинското Паркинзи општина Центар (ПОЦ) во 2017 година ја промовираше својата мобилна апликација за корисниците.
„Оваа апликација овозможува брзо и едноставно добивање на сите потребни информации во врска со паркиралиштата со кои стопанисува ЈП ПОЦ, статус на корисничките договори, плаќање на паркинг услуги со СМС, купување на припејд дневна паркинг-карта, најава на гости, плаќање на дневна паркинг-карта со електронски картички, известувања и новитети“, велат од ПОЦ.
Сепак, таа веќе подолго време не е достапна за корисниците на андроид телефони, туку само за корисниците на ајфон. Била повлечена поради нејзината нефункционалност. Со надградувањето што се подготвува повторно ќе биде ставена во употреба и за корисниците на андроид-телефоните.
Надградената апликација ќе користи и геолокација и ќе овозможува лоцирање на корисникот и директно плаќање според зоната во која тој се наоѓа. Сепак, за лоцирање на слободно паркинг-место ќе мора да чекаме до 2020 година.
„За да може преку апликацијата во реално време да се следи на кој паркинг има слободни места со цел да се намали времето на барање паркинг и создавање дополнителен сообраќаен хаос, потребно е да се постават сензори на секое паркинг-место со коешто располага ЈП ПОЦ, а планот за поставување сензори е да се почне во 2020 година. Треба да се земе предвид дека се работи за 5.173 паркинг-места, а само хардверот за едно паркинг-место чини 100 евра без дополнителни трошоци за инсталација“, велат од ПОЦ.
Наместо во јуни, нова паметна апликација на ЈСП од октомври
JSP On The Go е мобилната апликација на Јавното сообраќајно претпријатие. Има повеќе од 10 илјади симнувања и десетици коментари за нејзината функционалност. Според нив, она што најмногу им пречи на корисниците е неточноста на податоците за пристигнување на одреден автобус со реалното време, отежнатото пребарување на податоци за саканата автобуска линија, неможноста апликацијата да се користи без интернет и слично. Меѓу коментарите може да се види и интеракција помеѓу ЈСП и корисниците, односно одговор од претпријатието кога одреден недостаток во податоците ќе биде решен.
Дел од забелешките изнесени во коментарите ќе бидат вградени во новата апликација што ЈСП Скопје ја најави пред два месеца, велат од претпријатието. Таа треба да овозможи приказ на информациите за пристигнување на автобусите, шема на автобуски рути, мапа со филтер за пребарување, планирање на рути со геолокација и др, појаснуваат од ЈСП.
„Апликацијата треба да овозможи и функција на е-паричник (надополнување, плаќање, преглед, листа на активни билети со времетраење и сл.), и повеќе надградувања што се поврзани со унапредување на работењето на системот, линиска контрола“, велат од ЈСП Скопје.
Иако првично најавена за на лето, новата паметна апликација граѓаните ќе може да ја користат од октомври оваа година.
Фондот за иновации, ЈСП и други институции во соработка со ФИНКИ пред три години организираа и натпревар за креирање Паметна автобуска постојка, прототип на станица што требаше да биде имплементиран во градскиот превоз. Но поради недостиг од средства, овој проект не е ставен во планот за јавни набавки за 2019 година, велат од ЈСП.
Девелоперите бараат отворени податоци
Нo ЈСП има и две „неофицијални“ паметни апликации. Креирани од девелоперот Томче Делев пред повеќе од пет години, JSP Live и ЈСП Возен ред заедно имаат повеќе од 150 илјади симнувања.
Делев е ИТ-активист што го искористил своето знаење преку употреба на јавно достапните податоци што ги нуди ЈСП на веб-страницата. Првенствено, смета Делев, јавните претпријатија поради јавниот интерес треба сами да понудат апликации за услугите што ги даваат, но и дополнително да ги отворат своите податоци (што би требало да биде нивна обврска) за и други ентузијасти да можат да развијат свои апликации врз тие исти податоци.
„Во многу случаи, апликациите развиени од ентузијасти може да бидат многу покористени и популарни од 'официјалната' апликација, што е еден вид демократизација во изборот на најдобра апликација за крајниот корисник. Така е и во случајот на моите две апликации, кои имаат значително поголема користеност и подобра оценка од корисниците во споредба со официјалната апликација, иако маркетингот и јавната изложеност на моите апликации е скоро непостојна во споредба со официјалната апликација на ЈСП“, вели Делев.
Тој смета дека технологијата треба да биде главен двигател на подобрувањето на услугите на јавните претпријатија. Затоа порачува целосна дигитализација на податоците што ќе ја зголеми отвореноста на нивните сервиси. Има претпријатија чија вистинска цел е доближување на услугите до крајните корисници преку употреба на паметни технологии, но има и случаи кога тоа се прави заради маркетинг, вели Делев.
„Многу често се случува да видиме некоја маркетинг-кампања или активност во медиуми, за потоа да се понуди сервис кој не е завршен или воопшто не функционира, или пак во најлош случај да нема никаков конкретен резултат од ваквите желби и активности“, смета девелоперот Делев.
Отворањето на податоците, додава тој, може да им помогне на јавните претпријатијата да го тргнат од себе сè поприсутниот сомнеж за корупција поради малата транспарентност.
Скопје Паметен град
Дигитализацијата на слободните паркинг-места е дел и од проектот Скопје Смарт Сити, кој го промовираше градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов. Проектот покрај паметни паркиралишта предвидува воспоставување на концепт на централен комунален сервис, кој преку кол-центри, мобилни и веб-апликации ќе овозможи редовни известувања, плаќање комунални услуги и следење на статусот на решавање на пријавените проблеми. За набавката на т.н. паметните контејнери веќе се планирани 40 милиони денари. И паметно осветлување на јавни површини е дел од проектот Смарт сити, што според Шилегов ќе овозможи заштеда на трошоците за електрична енергија.
Мобилни апликации за кратка употреба
Во 2014 година тогашниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски ја промовираше андроид-апликацијата „Патувај зелено“. Оваа апликација го интегрира функционирањето на главните транспортни чинители во градот - ЈСП, ЈП „Градски паркинг“, Центарот за управување и контрола на сообраќајот и граѓаните како главен елемент во транспортниот крвоток. Таа треба да овозможи на корисниците да го изберат најкусиот, најекономичниот, најбрзиот и најеколошкиот начин на патување до одредена дестинација, изјави тогаш Трајановски.
По пет години, оваа апликација не може да се најде во продавницата за апликации Гугл плеј.
Користењето на паметни технологии е само еден од начините преку кои градовите можат да бидат одржливи, а давателите на услуги одговорни пред корисниците. И покрај брзиот развој на технологијата, македонските градови заостануваат во споредба со европските. Развојот на паметни апликации доминантно останува во рацете на ентузијасти како Делев или Горјан Јовановски, кој со „Мој воздух“ го покрена прашањето за аерозагадувањето во Македонија на приоритетно ниво за граѓаните, кои се повеќе ги притискаат властите да им овозможат квалитет живот.
Марија Севриева
Фото: Роберт Атанасовски
(Со овој текст МКД.мк ѝ се приклучува на кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“)