Добар ден од Сули-ан во Старата скопска чаршија. Приказна за 15 век и животот тогаш, а денес Факултет за ликовни уметности. Од Сули-ан почна прошетката и авантурата на околу 20 деца, на која се запознаваа со важноста на архитектурата во Скопје, особено на модерната како еден од најзастапените архитектонски стилови во градот и кои во голема мера го сочинува неговиот идентитет.
Иако Сули-ан не припаѓа на периодот од модерната, децата се запознаа со значењето на неговиот атриум или внатрешниот заеднички простор. Таму им ги раскажаа приказните за една традиција, за време во кое за убав накит морало да се отиде кај кујунџијата и да му се раскаже замислата, за време во кое луѓето шетале во чаршијата и таа секој ден била поубава и побогата. Но, луѓето и денес сакаат да шетаат, да дадат белег на нивното постоње во просторот надвор од нивните домови, во просторот кој припаѓа подеднакво на сите луѓе. „Токму целта на работилницата е да го сакаме тоа што го имаме. Ако го користиме, ќе го негуваме, ќе го заштитиме, бидејќи му даваме на тоа место живот и нема да остане запуштено“, рекоа од невладината организација „Плоштад Слобода“.
Следното место за посета беше Музејот на современата уметност на скопското Кале. Широк светол простор со убави бои на сликите наредени една до друга. Децата воодушевено гледаа во уметноста. Боите од сликите ги впија во нивните фотоапарати и размислуваа што можат и тие да насликаат. Овде слушаа и за Скопје - градот на солидарноста, кој бил срушен во земјотресот во 1963 година и кој од светот го добил токму овој музеј како поддршка и помош.
Наредниот предизвик за децата беше Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и посетата на Филозофскиот факултет.
Најмногу се радуваа на идеалната акустика во факултетот. „Навистина луѓето биле паметни тогаш и без интернет правеле одлични работи, на пример како амфитеатрите“, си раскажуваа меѓу себе.
После прошетката, децата ги пренесоа нивните импресии преку цртежи. Дадоа идеја како би го дополниле просторот од нивното време со белег кој ќе остане за сите генерации.
Па, меѓу другото, предложија зеленило на зграда за заштита од лошиот и загаден воздух или шарена и цветна лежалка во Музејот на современата уметност за дополнително уживање во погледот кон Скопје.
На крајот, децата ги пренесоа нивните впечатоци. Јана (13) смета дека просторот во Музејот за современата уметност е прекрасен со идеално направените макети, Ведран (12) вели дека модерната го инспирирало и тој да искреира и да направи нешто функционално и убаво, а Срна (10), пак, рече дека уживала во историјата и дека навистина е убаво кога нешто старо со векови е сочувано за да може да го види и таа. А токму тоа беше идејата - кај децата да се развие поголема свест за заедничките добра, за споделувањето на заедничкиот простор и за должностите што луѓето ги имаат кон него.
„Плоштад Слобода“ ја организираше работилницата како дел од проектот „Град за сите: Модерна за деца 2“, поддржан преку годишната програма за промоција на културата од Град Скопје и дополнително поддржан од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.
Фотоприказната ја изработи Институтот за комуникациски студии
Фотограф: Виктор Поповски