Природата е најдобар лекар, таа во себе ги има најубавите и најкорисни билки, но и оние кои знаат да бидат отров наместо лек. Затоа мора внимателно да се собираат и користат различните видови растенија. Вака Цветанка Цветкоска од Ботаничката градина во Скопје го почна предавањето на работилницата за млади која е дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.
Триесетина ученици од прва година од приватното средно училиште „Алгоритам“ слушаа и разговараа за значењето на лековитите тревки и растенија кои со векови биле мелем за раните и лек за здравјето на населението. Еден од најинтересните податоци кој го привлече нивното внимание е за Ајдучката трева или позната како столисник, отпорна и приспособлива билка на сите природни влијанија. Латинскиот назив на оваа билка значи Ахилова трева со илјада листови и доаѓа од преданијата дека митскиот јунак Ахил со оваа билка ги лечел раните.
„Ајдучката трева расте секаде, покрај патиштата и во полјаните со континентална клима. Таа има бели цветови кои цветаат од јуни до август. Таа се бере за време на цветањето, а листовите се берат до есен. Уште одамна се користела во народната медицина, а е омилено лековито средство и во современата медицина”, раскажува Цветкоска од Ботаничката градина. „Ајдучката трева ја користеле ајдуците и војниците за да ги лечат раните”, дофрли еден од учениците. „Точно“, додава Цветкоска, објаснувајќи дека се користи и како јако антибактериско средство против разни микроорганизми, а во народната медицина се користи за зараснување на раните и за намалување на болката.
Средношколците ги пренесоа своите знења за нането, кантарионот, липата, коњското опавче, босилекот... „Чајот од нане се пие за смирување на стомачните болки, босилекот го користиме во исхраната, а кантарионот има лековити својства за лекување на повреда на кожата, а се користи и за сончање“, додадe еден од учениците. Според Цветкоска сосема е погрешно користењето на маслото од кантарион како средство за сончање. Кантарионот ја штити и лекува кожата, но како што вели не смее да се изложувате на сонце по нанесувањето на маслото бидејќи тоа може да предизвика опекотини и црвенила на кожата.
Поради лековитата моќ го нарекуваат и Богородична тревка или Тревката на Свети Јован. Познат е и како моќен борец против депресија, бидејќи чајот од кантарион ги смирува нервите и делува антидепресивно. Истражувањата покажуваат дека кантарионот има и антивирусни својства, па е одличен лек за сезоните на грип. Оваа чудесна билка ја има насекаде во природата.
Растенијата и тревките имаат големо влијание и во фармацевтската индустрија и во производството на козметичките препарати. Па така многу од најквалитетните креми и масти се базираат на природните својства на одредени билки.
Учениците се поделија во четири групи. Секоја од нив имаше можност да подготви лабело за усни од природни состојки, вазелин, етерично масло, ароматизирани билки и органска боја. Професорката по биологија Нена Милковски им раскажуваше дека целиот процес се прави во стаклен сад со загревање и мешање на сите состојки преку кој се добива хомогена смеса.
Учениците од првата група - Никола Николовски, Дамјан Дуковски, Јована Божиновска и Анастасија Србинова Божинова не го криеја задоволството од крајниот резултат.
„Навистина е интересно, изгледа направивме лабело со интензивен мирис на портокал, кој знае дали ќе може да се користи навистина, но сепак чудесно е како неколку продукти може да станат смеса за лабело”, раскажуваа меѓу себе учениците.
Следната задача беше светот под микроскоп. Овој пат една од задачите беше да се видат со голо око жлездите на едно растение. Звучи нереално, но сепак е вистинито. Секое растение, неговиот корен, стебло и цвет, карактеристиките и својствата може да се видат во тој мал микро свет.
Народната медицина, длабоко е вкоренета во традицијата на овие простори, но брзиот начин на живот, довел до тоа што побрзо избираме таблета, која можеме да ја испиеме веднаш, наместо да подготвиме чај или тинктури од лековити билки, за кои сепак е потребно време. Сепак, потребата за природата е се` поголема. При собирање на лековити ароматични растенија треба да се знае точно за што се собираат тие, односно кој дел од растението се собира и во кое време тоа треба да се направи.
Македонија е „жешка точка“ за биолошката разновидност во Европа, беа дел од заклучоците на работилницата. Во неа се евидентирани преку 3.700 видови, од кои 117 се ендемични. Осум од деветте биоми на Балканскиот Полуостров можат да се најдат во земјата.
Работилниците за млади и деца се организираат во Ботаничката градина до крајот на мај од Институтот за биологија, Македонското биолошко друштво и Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.
Фотоприказната ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Светлана Божиновска
Фоторепортер: Борис Каески