Мерењата на бучавата од сообраќајот кои беа направени на неколку локации во Битола и Скопје покажаа дека максималните измерени вредности се над дозволените ограничувања. На дел од локациите покрај училишта и болница во Скопје и Битола е дури два пати повеќе од дозволеното, покажуваат мерењата што ги направија Техничкиот факултет во Битола и Институтот за комуникациски студии. Во бучавата доминантни се патничките возила, поради нивната многубројност во сообраќајот во однос на другите категории возила.
Повисоки нивоа на бучава беа измерени кога патничките возила забрзуваа или се движеа со повисока брзина, објасна проф.д-р Никола Крстановски, Технички факултет Битола.
-Во Битола тоа се локации во близина на Гимназијата, на Булеварот, втората е во околината на училиштето „Тодор Ангелевски“, а третата локација е населбата „Стрелиште“ како станбена зона. Во Скопје се мереше во блзиина на училиште на улица „Дрезденска“ во близина на Педагошкиот факултет, а другата локација беше во строгиот центар на градот, пред Градска болница. Имаме случаи кога бучавата надминува 105 децибели – истакна професор Крстановски.
Согласно резултатите кои се добиени од мерењата, предложени се неколку мерки кои треба да се преземат за да се намали бучавата. Особено во околината на објекти кои се чувствителни на бучава, како што се училиштата, болниците, старските домови.
– Имплементација на патни грби, издигнати пешачки премини, зони на смирен сообраќај со 30 км на час, пренасочување на товарниот сообраќај. Но, една мерка сама по себе не е доволна за значајно намалување на бучавата. Потребно е мерките да се комбинираат и да се спроведуваат чекор по чекор. Ова значи дека може да се започне со економски прифатливи мерки како што се редукција на брзината или забрана за товарни возила, потоа да се редизајнираат патиштата со цел смирување на сообраќајот, и на крајот да се инвестира во поголеми проекти како што се заштитни ѕидови или нови и современи возила во јавниот превоз – вели професорката Бети Анѓелевска на Техничкиот факултет во Битола.
Презентацијата на мерките против загадувањето со бучава во Скопје и во Битола се организираше како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.
-Целта на кампањата е да се лоцираат проблемите од животната средина од нашето секојдневие, да се изложат пред надлежните институции и да се провоцираат решенија, односно да се изврши притисок врз локалните и државните институции за да пронајдат ефикасни решенија за проблемите поврзани со животмната средина – рече Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии.
Според Светската здравствена организација, бучавата од сообраќајот е втор најголем проблем во животната средина во Европската Унија веднаш после загадувањето на воздухот. Бучавата ја попречува и ја смалува продуктивноста на работа, предизвикува вознемиреност и стресни реакции, го оневозможува одморот и штети на здравјето и на расположението. Изложеноста на повисоки нивоа на бучава доведува до предвремена смртност, кардиоваскуларни болести, когнитивни нарушувања, нарушувања на спиењето, хипертензија и на крај вознемиреност и сериозни психички пореметувања.
Маја Богоевска
Текстот е првично објавен ТУКА.