Денес на Техничкиот факултет во Битола беа презентирани мерки за намалување на бучавата во Скопје и Битола. Студенти на отсекот за Сообраќај и транспорт на Техничкиот факултет во Битола извршија мерења на пет селектирани локации во Битола и Скопје, на кои има интензивен сообраќај и на кои се наоѓаат објекти кои што се чувствителни на бучава, како што се болници, училишта и станбени зони. Во Битола направени се мерења на Булеварот 1 мај кај Гимназијата „Јосип Броз Тито“, во околината на училиштето „ Тодор Ангелевски“ и во населбата Стрелиште. Според мерењата, максималните вредности и за Битола и Скопје, се над дозволените граници, посочи професорот Никола Крстаноски од Техничкиот факултет во Битола.
-Бучавата е проблем во урбаните средини, но за жал овој проблем недоволно го свртува вниманието на јавноста, наспроти вниманието околу загадувањето на воздухот со ПМ-честичките или други загадувачи. Имаме случаи кога бучавата надминува 105 децибели и тоа не е континуирана бучава. Во бучавата доминантни се патничките возила поради нивната многубројност во сообраќајот. Товарните возила, автобусите и мотоциклите придонесуваа за краткотрајни, но интензивни осцилации. Исто така, повисоки нивоа на бучава беа измерени кога патничките возила забрзуваа или се движеа со повисока брзина, рече Никола Крстаноски, професор на отсекот за сообраќај и транспорт на Технички факултет во Битола.
Анализата од извршените мерења на селектирани локации во Скопје и Битола покажала дека состојбата со загадувањето со бучава од патниот сообраќај е прилично сериозна во нашите урбани области, и токму затоа неопходно е да се селектираат, предложат, но најважно од се е да се импелементираат мерки кои би помогнале во справувањето со бучавата.
-Состојбата со загадување предизвикана од бучава предизвикана од патниот сообраќај е сериозна во урбаните места, и потребно е да се изберат и предложат мерки кои ќе помогнат за справување, намалување и редукција на бучавата. За Битола и Скопје може да се изберат решенија согласно спецификите на локациите и затоа препорачуваме подигнати печашки премини, зони на смирен сообраќај со ограничена брзина на движење до 30 километри на час, пренасочување на товарниот сообраќај. Само една мерка неможе да даде резултат и затоа потребни се комбинација од мерки бидејќи во сите мерни места бучавата е над дозволеното ниво, а тоа го намалува квалитетот на урбаниот живот, а има и негативни здравствени нарушувања кај луѓето, рече професорката Бети Анѓелеска, исто така од Технички факултет-Битола.
Мерките беа презентирани во рамки на кампањата за подобра животна средина „ Не игнорирај, реагирај“ која што ја реализира Институтот за комуникациски студии од Скопје а е финансирана од Британската Амбасада.
-Целта на оваа кампања е да се лоцираат проблеми во животната средина, да се посочат на јавните институции и да се понудат решенија, рече Дејан Андонов од Институтот за комуникациски студии од Скопје.
Партнери на кампањата „ Не игнорирај, реагирај“ повеќе факултети од државата, граѓански иницијативи и невладини организации.Според Светската здравствена организација, бучавата од сообраќајот е втор најголем проблем во животната средина во Европската Унија, по загадувањето на воздухот.