На Техничкиот факултет во Битола беа презентирани мерки за намалување на бучавата во Скопје и Битола.
Техничкиот факултет од Битола и Институтот за комуникациски студии од Скопје, презентираа мерки за редукција и контрола на бучавата од патниот сообраќај во Скопје и Битола.
Според Светската здравствена организација, бучавата од сообраќајот е втор најголем проблем во животната средина во Европската Унија, по загадувањето на воздухот. Бучавата го опфаќа секој звук кој влијае врз психичката и физичката состојба, така што ја попречува и ја смалува продуктивноста на работа, предизвикува вознемиреност и стресни реакции, го оневозможува одморот и штети на здравјето и на расположението. Изложеноста на повисоки нивоа на бучава доведува до предвремена смртност, кардиоваскуларни болести, когнитивни нарушувања, нарушувања на спиењето, хипертензија и на крај вознемиреност и сериозни психички пореметувања. Загадувањето со бучавата во градовите претставува сериозен здравствен проблем, а транспортниот сектор е главна причина за тоа.
Оттука, студенти на отсекот Сообраќај и транспорт на Техничкиот факултет во Битола извршија мерења на пет селектирани локации во Скопје и Битола, на кои има интензивен сообраќај и на кои се наоѓаат објекти кои што се чувствителни на бучава, како што се болници, училишта и станбени зони. Анализата за загадувањето од бучавата и предлог – мерките за намалување на бучавата ги претставија проф. д-р Никола Крстаноски и вон. проф. д-р Бети Анѓелевска од Техничкиот факултет.
-Проблемите на прекумерната бучава од сообраќајот во градовите, особено се важни и потребно е да се преземат мерки против таа бучава во околина на објекти што се посебно чувствителни. Тука се мисли на училишта, болници, старски домови, тоа се објекти каде што бучавата предизвикува поголеми проблеми. Конкретно, во рамките на овој проект направивме неколку мерења со студентите од Техничкиот факултет во Скопје и Битола, и тоа на локации кои се репрезентативни. Во Битола во близина на горната гимназија на „Булеварот 1 мај”, втората локација е во околината на училиштето „Тодор Ангелевски” и како трета локација ни беше населбата Стрелиште како станбена зона. Во Скопје се направија мерења на две локации: во близина на Педагошкиот факултет, како и во строгиот центар на градот, каде се покажа поради интензивниот сообраќај колкава е бучавата. Меревме максимални вредности, просечни вредности и минимални вредности. Според мерењата, максималните вредности и за Битола и Скопје, се над дозволените граници- посочи професорот Никола Крстаноски од Техничкиот факултет-Битола, отсек за сообраќај и транспорт.
Анализата од извршените мерења на селектирани локации во Скопје и Битола покажала дека состојбата со загадувањето со бучава од патниот сообраќај е прилично сериозна во нашите урбани области, и токму затоа неопходно е да се селектираат, предложат, но најважно од се е да се импелементираат мерки кои би помогнале во справувањето со бучавата.
-За таа цел на располагање се голем број на мерки за управување и контрола на сообраќајот кои што правилно селектирани, правилно имплементирани и ќе ги дадат посакуваните резултати. Така што, за секоја од овие мерни локации во Скопје и Битола, направивме селекција на мерки што се прифатливи конкретно за секоја локација. Селекцијата ја направивиме во зависност од специфичностите од самата мерна локација, карактеристиките на сообраќајната мрежа, категоризацијата на сообраќајницата, а ги зедовме предвид и економските фактори- истакна професорката Бети Анѓелевска од Техничкиот факултет-Битола.
Експертите препорачаа мерки како издигнати пешачки премини, зони на сообраќај со 30 километри на час, пренасочување на товарниот сообраќај. За секоја од овие локации не препорачуваат само една мерка, туку предлагаат комбинација од повеќе мерки кои ќе дадат придонес во намалувањето на бучавата.
Инаку, презентацијата на Техничкиот факултет во Битола се организираше како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!”, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.
Текстот е првично објавен ТУКА.