Помало загадување и повеќе пари кај граѓаните – ова се главните очекувања на Владата од одлуката за намалување на ДДВ-то за парно греење од 18 на 5 проценти. Како една од клучните мерки во Планот за чист воздух, надежите се дека речиси 12 илјади домаќинства ќе се мотивираат повторно да се приклучат во централниот систем. Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули вели дека ќе дадат пример на начин што и државни институции ќе преминат кон парно греење.
 
„Со намалувањето на ДДВ-то ќе се заштеди, ќе се приклучат повеќе граѓани и државни институции на централниот систем со што ќе се намали загадувањето, а сите инвестиции во нови приклучоци ќе поттикнат и економски развој во одреден сегмент. Се проценува дека во Ѓорче Петров и Лисиче ќе се прошири мрежата, а во оние места каде нема услови или тоа би било прескапо, ќе се премине кон вториот дел од Планот за чист воздух, печките да се заменат со инвертори или топлотни пумпи“, изјави Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина
 
Сепак, професорот Константин Димитров смета дека правилникот е недоволно доработен, особено во делот на елаборатите кои треба да се изработат за оние кои во иднина ќе сакаат да се исклучат од мрежата. Според него, и поевтинувањето нема сите исто да го почувствуваат.
 
„Во оние згради каде што 100 проценти има станови кои користат централно снабдување, тие целосно ќе го почувствуваат намалувањето на ДДВ-то. Во оние згради каде дел од становите се откажале од системот, а досега плаќале 10 проценти, треба да се знае дека вкупната ангажирана моќност ако се подели на оние станови кои се на парно, веројатно ќе се покрие разликата во цена, што значи ќе останат на статус – кво““, изјави Константин Димитров – МАЦЕФ
 
Исклучените од парно кои досега плаќаа паушал се ослободуваат од оваа обврска, но тоа важи за оние кои со документ за лична идентификација и со имотен лист ќе докажат дека живеат во станот.
 
„Имаше случаи стан да биде даден под закуп, за тоа да нема договор и да не се плаќа данок и затоа, јасно сакам да им порачам на овие категории потрошувачи дека ќе им остане обрската да си плаќаат“, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика
 
Според Марјан Ненов од Здружението „Но пасаран“, кое секоја сабота протестираше и беше гласот на оние кои беа исклучени, а плаќаа, ослободувањето од обрската треба да важи за сите. Тој смета дека Регулаторната комисија треба да направи промена во процедурата за исклучување од системот, која станува построга.
 
„Од страв дека потоа нема да можат да се исклучат или тоа скапо ќе ги чини, граѓаните нема повторно да се приклучуваат назад. Ако ова се врати како што беше претходно, сметам дека граѓаните ќе имаат храброст и желба да се приклучат на мрежата. Цените за парно треба да се намалат, сметаме дека и без ДДВ-то треба да бидат пониски за 20 до 30 проценти“, изјави Марјан Ненов, Здружение „Но Пасаран“
 
Слични се размислувањата и на еко-активистот Тони Никушевски, според кого е потребно, Град Скопје преку претпријатието „Градски енергетски системи“  да ја стави мрежата под своја капа.
 
„Мислам дека тоа ќе влијае на довербата, на нови приклучоци и на враќање на старите корисници. Сето тоа ќе има свое влијание за почист воздух во скопскиот регион“, изјави Тони Никушевски, еко-активист
 
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека повеќе од 60 проценти од домаќинствата во земјава се грејат на дрва, речиси 30 насто на струја, а само нешто над 8 проценти добиваат топлинска енергија од јавни котларници.
 
„Министерството за животна средина ги посочи домаќинствата како главен загадувач во зимскиот период. Секоја година, само во Скопје се горат повеќе од 317 илјади тони дрва, што е еднакво на горење на секое дрво на Водно“, stand up: Мартин Пушевски
 
Со овој прилог, Јавниот сервис се приклучува кон кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.
 
Новинар: Мартин Пушевски
Снимател: Слаѓан Милошевски
Монтажа: Василка Ристовска