Час по биологија на еден поинаков начин. Црви, инсекти и ракови, едни до други наредени на масата во Лабораторијата за анимална екологија и безрбетна фауна, ги пречекаа учениците од основното училиште „Живко Брајковски“ од Скопје.
Додека на влезот во лабораторијата кај учениците се забележуваше страв и гадење кон инсектите и црвите, биолозите Ангела Тасеска и Јелена Хиниќ со насмевка почнаа да објаснуваат: „96 проценти од живиот свет се нербетници, а само 4 проценти имаат ‘рбет“.
Прв дел од работилницата беа дождовните црви. Учениците се охрабрија и со ракавици и лопатче извадија црви од земјата и ги држеа во рака. Тие дознаа дека кај црвите нема машко и женско и дека се двополови безрбетници, доколку изгубат дел од телото им се обновува, а лигавоста е причина да живеат во земјата. „Не ми се верува дека допрев црв, а толку сум гадлива. Колку е интересно да се учи на овој начин и ја запаметив лекцијата за безрбетници“, кажа една од ученичките.
Потоа учениците се запознаа со инсектите - зошто имаат таков изглед, колку нозе имаат и иако се мали, колку опасни можат да бидат. Биолозите им презентираа ларва која живее во кора и на топло, за да може да порасне во инсект.
И инсектите имаат нивен свет и правила на живот, раскажуваа биолозите. И кај инсектите има превласт и начин на преживување. На пример, женскиот пајак „црна водовица“ по парењето го јаде својот партнер. Инсектот „брашнар“, пак, може да го уништи апетитот доколку се размножи и јајцата од него останат во брашното од кое се прават белите пецива. „Ме воодушеви начинот на организацијата што го имаат црвите и инсектите и колку се важни. Ние ова го учиме само како досадна теорија преку слики од учебникот“, рекоа учениците.
Учениците учеа за светот на овие мали жители на планетата. И откако се запознаа со нив, многу слободно ги допираа и ставаа во дланките. „Јас сум алергична од некои инсекти и затоа се плашам, но еве сега научив нешто за нивниот живот и ми се намали стравот“, вели една од ученичките.
Со микроскоп ги набљудуваа и микроорганизмите кои живеат во водата во Градскиот парк. Рекоа дека дури сега разбрале колку е важно тоа што го учат во учебниците, бидејќи во училиште на часовите по биологија не користеле микроскоп.
Под лупа ги анализираа полжавите кои се интересен декор после секој дожд и жителите на езерцата во Градскиот парк – школките.
На учениците работилницата им помина за миг. Немаше прашања уште колку има до крајот. Беа многу воодушевени што директно ги набљудуваа и учеа за животот на црвите, инсектите, полжавите и школките.
На крајот од работилницата, учениците преку цртежи направија синџир на исхрана за да се види каква е улогата на секој организам во животот на Земјата.
Работилницата се организираше како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.
Фотоприказната ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Фотограф: Иван Поповиќ